Новоотворениот јавен простор за јапонскиот ланец на ресторани Gurunavi, претставува исклучителен проект од архитектонското студио Kengo Kuma & Аssociates. Дизајниран како инфо зона, достапна за секого, ентериерот е вгнезден во внатрешноста на административен објект сместен во Токио, како место кое обезбедува бегство и интимност, надвор од континуираниот градски метеж.
Организирано во простор од 82 м2, ентериерното уредување, вклучувајќи ги рецепцијата, седењето и елементите за складирање, е изведено од дрвени панели напластени еднонадруго. Редењето во слоеви формира интерна динамична топографија, како серија на брановидни површини кои меѓусебно се поврзуваат. Дрвените пултови како место за складирање на храната и пијалаците, создаваат воздржана и смирена атмосфера прикладна за конверзација, социјализација и јадење.