Насловна / Вести / Софистициран архитектонски дијалог помеѓу минатото и современиот луксуз

Софистициран архитектонски дијалог помеѓу минатото и современиот луксуз

Вила М не е само реновирана куќа, туку е софистициран архитектонски дијалог помеѓу минатото и современиот луксуз.

Сместена во еден од најубавите делови на Прага, оваа импресивна вила од крајот на 1930-тите добила сосема ново лице по проект на локалното биро Tunicate. Проектантите го задржале автентичниот карактер што ја направи вилата архитектонски бисер уште во далечната 1937 година. Оригиналното дело на архитектите Arnošt Muhlstein и Viktor Furt ги преживеало децениите речиси недопрено, сè до пожарот на почетокот на 2000-тите, кој сериозно го оштетил објектот и го оставил напуштен со години.

Новите сопственици сакале многу повеќе од класична реконструкција. Идејата не била куќата да се претвори во стерилен музејски експонат, туку во елегантен, животен простор што може да одговори на ритамот на современиот живот, без да ја изгуби својата препознатлива душа. Токму затоа ентериерот денес делува како беспрекорна комбинација од минималистичка естетика, топлината на природните материјали и ненаметливиот луксуз.

Однадвор, вилата сè уште остава впечаток на мистериозна приватност. Фасадата свртена кон улицата е затворена и дискретна, со мали прозорци кои создаваат чувство на интимност и заштита од градската врева. Но, вистинскиот „wow“ момент се случува штом ќе се влезе внатре. Влезниот хол одеднаш се отвора кон пространа дневна соба, додека погледот автоматски се лизга кон спектакуларната панорама на Прага, врамена со нов хоризонтален прозорец кој му дава на просторот речиси филмска атмосфера.

Посебно внимание е посветено на рамнотежата помеѓу отвореноста и приватноста. Лизгачка преграда од тенки дрвени летвички овозможува просторот да се затвори или целосно да се поврзе по потреба, создавајќи флуиден ентериер кој се прилагодува на секојдневниот живот.

Распоредот на просториите ја следи логиката на оригиналната вила, но во многу посовремен и пофункционален ритам. Приземјето е трансформирано во проѕирна социјална зона наменета за собирање и релаксација, првиот кат е резервиран за поинтимен семеен живот, додека подрумот ги комбинира техничките и станбените функции. Сè изгледа поврзано, природно и неверојатно смирено.

Еден од најубавите детали на проектот е начинот на кој архитектите ги прифатиле постојните несовршености на зградата. Различните нивоа на подот и специфичната конструкција не се скриени – напротив, тие се претворени во естетска предност што му дава на ентериерот карактер и длабочина. Особено се издвојуваат скалите, каде што оригиналните елементи совршено се вклопуваат со новите интервенции, создавајќи впечаток дека сè отсекогаш било дел од истата приказна.

Материјалите се внимателно избрани за да се одржи просторот софистициран и едноставен. Натур бетон, минералните завршни обработки и дабовите подови создаваат атмосфера на тивок луксуз, без излишни детали или претерано декорирање. Сè зрачи со ненаметлива елеганција и архитектонска дисциплина.

Каминот станал централен скулпторски елемент на ентериерот. Во дневната соба го дефинира односот помеѓу дневната и трпезаријата, додека вториот, сместен на првиот кат, му дава на просторот дополнителна топлина и интимност. Особено впелатлив детаљ е патинираната бакарна облога – софистицирана завршница што им дава на елементите речиси уметнички карактер.

Резултатот е дом кој не се обидува да импресионира на прв поглед со гласен луксуз, туку со атмосфера, пропорции и чувство на смиреност. Денес Вила М изгледа како совршена дефиниција за модерен европски луксуз: архитектура која го почитува минатото, но целосно живее во сегашноста.

Испрати коментар

Scroll To Top