Комбинацијата од бар, продавница за винил плочи и соба за слушање во Белград покажува дека индустрискиот ентериер не мора да биде ладен. Bura Analog е дизајниран од самиот сопственик, воден од идејата за создавање простор што функционира како дневна соба за љубителите на музика.

Bura Analog е посветена на врвен аналоген звук и култура на слушање музика. Увезуваат внимателно одбрани висококвалитетни аудио уреди, со посебен фокус на аналогни компоненти – бидејќи веруваат дека грамофонскиот звук има карактер што друга технологија не може да го репродуцира.
На прв поглед, јасно е дека ова е простор со карактер. Индустриски уреден, но воопшто не е ладен. Bura Analog не се обидува да биде ниту класична кафетерија, ниту обична продавница за плочи, ниту стерилен аудио салон.

Наместо тоа, делува како место каде што можете да се напиете кафе или пијалок, да слушате музика на врвна опрема достапна за посетителите, да најдете ново винил издание, но најверојатно ќе останете подолго отколку што сте планирале.
Особено е интересно дека ентериерот не е потпишан од архитектонско биро, туку од сопственикот на просторот.
А кога некој сам обликува место кое во исто време треба да биде комерцијално, интимно, акустично осмислено и визуелно впечатливо, тогаш приказната за ентериерот станува приказна за личен вкус, искуство и атмосфера што тсакал да ја пренесе.

Појдовна точка
Идејата за Bura Analog произлегла од желбата да се комбинираат три сродни, но различни функции во еден простор – бар, продавница за аудиофилски винил изданија и место за слушање hi-fi уреди.
„Нашата идеја беше да создадеме варијација на „jazz kissa“ бар каде што ќе се чувствувате опуштено и природно, како да сте во нечија куќа“, објаснува сопственикот дизајнерот на ентериерот.

„Од друга страна, тоа е и малку деловна одлука – да се обидете да комбинирате три работи што ќе се ‘туркаат’ една со друга: hi-fi уреди, аудиофилски винилни изданија и добри пијалоци“, додава.
Тој вели и дека визуелната слика за просторот му била јасна речиси од првиот пат кога влегол во локалот. Вели и дека сигурно придонеле и неговото професионално искуство: десет години работа како креативен директор на ТВ Б92 на почетокот на 2000-тите, како и две децении режирање реклами.
„Мислам дека човек треба сите работи што ги прави да ги прави со личен печат, па затоа ова место носи многу од мојата естетика и емоција“, вели. „Патувањата веројатно се исто така голем дел од искуството што го применив во дизајнот на ова место, па затоа некои простори што ги посетував на моите патувања даваат печат на целокупниот впечаток.“

Бетон со емоција
Иако Bura Analog е базиран на индустриска естетика, просторот не изгделува грубо или недостапен.
Напротив, она што го издвојува е токму начинот на кој бетонот, металот и потемните тонови се омекнати со детали, осветлување и предмети што го носат трагот на времето.
„Мислам дека овој тип простор мора да носи топлина, за да се чувствува посетителот опуштено и удобно. Самото име, кое го содржи зборот „аналог“, зборува дека ова место мора да го има тој дух“, вели авторот.

Меѓутоа топлината, сепак, не е постигната со готови решенија од каталогот, туку со упорно барање предмети што му даваат слоевитост на просторот.
Авторот објаснува дека важен дел од процесот биле бројните посети на пазарите за стари работи – каде што пронашол детали и проектирал во главата што може да го натера бетонот да добие „различен вид емоција“.
Затоа, индустрискиот стил во овој случај не се потпира само на видливи материјали, туку на контрастот помеѓу сировото и топлото, новото и пронајденото, функционалното и личното.

Бојата се појавува промислено, како акцент, дури откако ќе се дефинираат основните елементи на просторот, како што се ѕидовите, подовите и големиот волумен на локалот.
Осветлувањето има особено важна улога. Поради големиот стаклен прозорец, контролирањето на светлината во ентериерот била еден од предизвиците, па затоа спотовите се користени не за да го преземат просторот, туку за да додадат атмосфера таму каде што е потребна.
Меѓу деталите се издвојуваат полиците за плочи, како и повеќето елементи во просторот изработени по мерка.

Комбинацијата од грубо обработен метал и стакло дала резултат од кој е особено задоволен. Друг детаљ што посетителите веднаш го забележуваат е лустерот направен о различни стари лустерски топки.
„Работевме напорно на сите детали, бидејќи мислам дека сè е важно во целокупниот впечаток. Лустер направен од разни топки од стари лустери ми се чини дека е нешто што сите посетители веднаш го забележуваат и фотографираат“.

Место каде што музиката се слуша
Во простор како Bura Analog, музиката не е само тема, туку и еден од основните материјали на ентериерот. Затоа акустиката била многу повеќе од техничко прашање – таа директно влијае на начинот на кој просторот се доживува.
Посебно внимание е посветено на „listening“ собата, делот наменет за слушање музика и презентирање „hi-fi“ уреди.

Авторот објаснува дека ѕидовите се делумно обложени со акустичен филц, додека предниот ѕид и бочните зони се третирани со дифузери, со цел да се добие подобра стерео слика.
Еден од најголемите предизвици бил таванот, кој бил третиран за да се избегне проблемот со паралелни површини.
Ваквите детали можеби не се веднаш видливи за секој посетител, но се чувствуваат во просторот. Bura Analog затоа не е само место каде што се пушта музика, туку место каде што музиката се слуша и тоа прави клучна разлика.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија