Насловна / Вести / „Аудиокултура“ – изложбен простор за HIGH-END аудио опрема

„Аудиокултура“ – изложбен простор за HIGH-END аудио опрема

За да се дoбие успешен проект потребни се многу елементи, меѓу кои најважен е јасно поставената цел.

Овој пат имавме можност да работиме со инвеститори со прецизни замисли за просторот, кој како основен белег ќе го носи нивниот карактер.

3_resize

„Аудиокултура“ е изложбен простор за high end аудио опрема, но и простор за музичка едукација, промоција или пак само за едноставно уживање во квалитетна музика и прекрасно кафе.

8_resize

7_resize

Идејата беше да се создаде нов концепт составен од неколку суптилни делови кои совршено се надополнуваат еден со друг. Замислата беше да се направи продажен салон за аудиоопрема, но и место каде ќе може соодветно да се претстави истата, односно клиентите да можат во кое било време да дојдат во реален простор и да се уверат во квалитетот што се нуди, притоа да бидат послужени со кафе или со пијалак. Значи вториот момент беше да се вклопи и еден вид на бар кој клиентите го нарекоа Sound Corner, каде посетителите ќе можат комплетно да се посветат на звукот, а сепак не сакавме да се гледа барот за да не се маргинализира основата дејност – продажбата на аудиоопрема.

11_resize

Уште поголем предизвик беше тоа што просторот кој го добивме за ентериерно уредување веќе имаше одредено уредување, односно имаше веќе медијапански облоги на дел од ѕидовите, како и стаклена преграда, па при уредувањето на просторот требаше да се прилагодиме на постоечката состојба.

21_resize

Тргнувајќи од насоките на клиентите, постоечката состојба и концептот, просторот го замисливме и поделивме во три дела, кои заедно треба да дадат синергиски ефект.

Влезниот дел е комерцијалниот дел во кој се сместени повеќе аудиосистеми од реномирани производители и различни аудиододатоци. Подната облога за овој дел е од теписон во парчиња, во две нијанси за да даде мал контраст на светлите бои на комодите и завесите, како и да се добие впечаток на комерцијален објект. Во овој дел дизајниравме комода од даб иверка во комбинација со метални ногалки, на која се поставени повеќе аудиоуреди, плочи и вградено е појачало со цел истото да не се гледа. Во овој дел направивме и маса од метална конструкција и порцеланска плочка со дизајн на мермер на која се поставуваат грамофони. Постоечката ѕидна облога од иверка ја збогативме со полици со дезен на бетон кои се поставени на минималистичка конструкција од метал.

23_resize

Можеби највпечатливиот момент при влегување во локалот е металната преграда која ја дизајниравме со двојна намена, да биде приемен пулт насочен кон влезот, но и да биде една физичка поделба на комерцијалниот дел со вториот дел – sound corner. Металната конструкција е збогатена со бела порцеланска плочка предвидена како работна површина, полици од иверка наменети за книги и музичка опрема, а додадената вредност е во природниот мов кој го збогатува просторот и кој е поставен од двете страни на конструкцијата.

26_resize

Чекор повнатре од металната конструкција се навлегува во делот каде што пленат производите на Теохаров. Водејќи се од слоганот на инвеститорот – наука, уметност, музика -требаше во просторот да внесеме сè од тоа. Белата боја која веќе беше поставена ја сметавме за совршена позадина на која ќе биде поставена конфигурацијата на звучниците и засилувачите, како и на која се испишани насоките и целите на аудиокултура. Иверицата во боја на даб одлучивме да даде топлина на претставените технички шеми и истата да биде основна подлога на часовниците од шпанскиот бренд Номон – предизвик број три кој требаше да го реализираме, односно да вклопиме прекрасни склуптури во простор наменет за аудиоопрема.

044_resize

Делот што инвеститорите го нарекуваат sound corner се очекува да биде најдинамичниот дел и дел во кој луѓето ќе поминуваат најмногу време посветувајќи се на звукот, слушајќи музика, оценувајќи различни производи, но и дел наменет за социјализација, дружење, презентација и промоција. Затоа овој дел е надополнет со неколку позиции за седење, при што сите се ориентирани кон различен музички систем. Идејата е клиентите во секое време да може да седнат и да добијат вистинска слика за производите, а водено да уживаат со кафе или со пијалак. Покрај неколкуте ниски маси и места за седење, поставивме и две високи барски маси на кои ќе се овозможи неформално дружење и ќе се нагласи дека просторот е наменет и за дружење. Сакајќи овој дел да добие имиџ на бар каде ќе има попријатна атмосфера, решивме постоечкото плафонско осветлување да го скриеме со плочи кои ќе имаат повеќекратна функција. Дел од плочите се збогатени со мов од компанијата „Flowercity“, која покрај естетскиот момент има и акустична функција, некои од плочите ги обложивме со дизајнирана ПВЦ-фолија на која повтoрно се прикажува дел од конфигурацијата на засилувачите, а на плочите над високите маси се поставени вградени звучници кои се составен дел од дизајнот.

27_resize

На крајот на вториот дел се наоѓа стаклена преграда, која беше дел од постоечкото решение, а која ни даде идеја третиот дел да биде место акустички изолирано од другите два дела, а сепак место кое ќе припаѓа на самиот простор. Ова повторно ни даде двојна функција, бидејќи просторот има целина и длабочина, а сепак остава простор за изолираност, односно можност за поставување на дополнителни аудиосистеми кои се независни од останатите, при што клиентите ќе бидат соодветно услужени, а ќе почувствуваат вистинска посветеност кон нив.  Просторот е дополнително збогатен со вертикални панели од природен мов кои се поставени на црна позадина, а се во рамки од иверка од даб, што дава голема ексклузивност на просторот. Ѕидовите се исполнети со часовници, како и со полица на која се поставени голем број на музички плочи и други носачи на звук.

Model

Просторот кој води кон санитарните простории и кујната го решивме со тапет кој всушност е слика од еден од музичките албуми кој за инвеститорите има емотивна врска, еден од албумите кој го означува и нивниот почеток и водилка во квалитетниот звук.

Зеленилото кое го има во неколкуте жардиниери и саксии дава пријатно чувство и топлина, а секако ја зголемува и акустичноста на просторот кој по целата должина има стаклени површини, кои се прикриени со завеси во различна боја.

Тимот на Биро Проект

Фото: Влатко Секуловски

22_resize 049_resize IMG_8192_resize IMG_8198_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top