Aнтун Улрих е роден во Загреб на 24 септември 1902 година. Тој е син на галерист и колекционер на уметнички дела, Антун Улрих постариот. Првото знаење за архитектура Антун го добил од својот професор Вјекослав Бастл во Средното техничко училиште.
Завршил Средно техничко-градежно училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за применета уметност во Виена во 1927 година, под менторство на Јозеф Хофман. Во 1925 година, Улрих бил на изложба во Париз со професорот Хофман кој го градел австрискиот павилјон на Меѓународната изложба на модерни украсни и индустриски уметности. Таму го запознава загрепскиот архитект Стјепан Хрибар, кој гради југословенски павилјон, а потоа и Драго Иблер (проектант на Градската болница во Скопје). По враќањето во Загреб, кратко работел во градежниот отсек на Медицинскиот факултет (1927–1928) година.

архитект Антун Улрих

Личен потпис на архитект Антун Улрих
Потоа се вработува во новоформираното Одделение за уредување на градот, предводено од архитект Стјепан Хрибар, а во 1942 година со Владимир Јурановиќ основаат сопствено биро. По завршувањето на Втората светска војна, работел на уредување на градовите и населбите Славонски и Босански Брод, Делнице, Книн, Вараждин, Сушак – Риека, Локве, Црни Луг Воин итн., а во периодот (1947-1949) работел во Урбанистичкиот институт на Хрватска во Загреб.
Семејството Улрих било угледно и добро познато во Загреб. На крајот на 19 век, неговиот татко бил сопственик на фабрика за стакло и работилница за врамување слики во Загреб, која, во 1909 година, станала Салон Улрих, место за собирање интелектуалци и уметници, особено сликари.
По неговото образование во Виена, тој дошол во Загреб како веќе школувана и креативна личност и станал еден од првите претставници на новото разбирање на архитектурата, како што може да се види во неговите проекти за куќа во Загреб и Веслачкиот клуб (Ускок) на реката Сава, исто така во Загреб, во 1931 година. Како пасиониран веслач овој проект го започнал уште во Виена како своја дипломска работа.


Зграда на Веслачкиот клуб „Ускок“, Загреб
Набргу по завршувањето на Втората светска војна бил испратен во Скопје да го основа архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет. Во Скопје престојувал од 1949 година до 1953 година како вонреден професор на Техничкиот факултет, студентите во Скопје го обожавале и брзале на неговите предавања за кои се барало столче повеќе, така ми раскажуваше легендарниот професор и архитект Георги Константиновски.
За време на својата професорска должност на Техничкиот факултет во Скопје, ги предава следните предмети:
- Проектирање згради;
- Проектирање I и II
- Проектирање по општествени стандарди I и II

Скица за работничко одморалиште во Отешево на Преспанското Езеро
Во 1953 година се враќа во Загреб каде продолжува да работи како професор на Архитектонскиот факултет. Во периодот (1953-1966) година тој имал свое проектантско биро „Улрих“ во кое работи сè до пензионирањето. Проектирал станбени и општински згради, училишта, рекреативни објекти и бил експерт за проектирање на болници.
Формирањето на младиот Антун Улрих пред да замине да студира архитектура било под влијание на семејниот круг и на Средното техничко училиште каде што ги добива првите познавања од архитектурата од ученикот на Вагнер, проф. Вјекослав Баст, член на втората генерација загрепски архитекти школувани во Виена.

Куќата на Ана Кауфман во Загреб
Улрих е архитект со многу квалитетно и обемно архитектонско дело, кое вклучува здравствени, станбени, спортски, деловни објекти, хотели и одморалишта и училишта и студентски домови. Тој е репрезент на Загреб, на модерната архитектура, а специфичноста на неговиот ракопис може да се прочита во неокласичната нота на виенската школа. Тој е човек со голема култура и талент и подготвен да ги отфрли стилските диктати заради постојана грижа за човекот.
Неговите дела биле забележани уште во студентските денови. Во 1927 година, тие биле објавени во публикацијата „Moderne Bauformen“ како дел од презентацијата на училиштето на Хофман.

Деловна зграда на „Вјесник“ во Загреб
Во својата богата творечка работа има повеќе од 50 завршени објекти и голем број проекти. Учествувал на голем број анонимни архитектонски конкурси каде освоил 10 први награди во периодот од (1930-1962) година. Во 1930-тите, во време кога модерната архитектура била целосно афирмирана, тој завршил низа станбени и деловни објекти, болницата „Ребро“ во Загреб и спортски објекти. Во исто време тој учествува на триесетина значајни архитектонски конкурси на кои се рецензирани принципите на современата архитектура, како што се:
- Конкурс за натпреварите за просторот за капење на Бачвице во Сплит во 1930 година;
- Конкурс за Железничката станица во Скопје во 1930 г. (3-та награда);
- Конкурс за Пензискиот завод во Љубљана 1930 година, со арх. Френсис Санаториум Баховчем за болни од туберкулоза во близина на Белград;
- во 1931 година (1-ва награда), за Палатата на работничките институции;
- во 1932 година прва награда, за Железничка станбена колонија во Сараево;
- во 1932 година (1-ва награда), за Хрватска куќа во Сушак;
- во 1934 година со арх. Станко Клишко (втора награда) како дел од грижата за комунално-просторно уредување и опремување Улрих и Сејсел, во име на градежната канцеларија, ги проектирале скалите Дворничиќ и Александров, кои сведочат за дискретноста на авторовата интервенција во топографијата и грижа за урбаните детали и
- во 1962 прва награда за поранешна Воена болница во Сараево и многу други награди на анонимни натпревари во поранешна Југославија.
ПАЛАТА НА ФЕДЕРАЦИЈАТА ВО БЕЛГРАД

Проектот за зградата на Претседателство на Владата на ФНРЈ во Белград, Палата на Федерацијата (СИВ), денеска Палата Србија, е работен под раководство на архитектот Владимир Поточњак, а Антун Улрих бил дел од тимот заедно со архитектите Златко Нојман и Драгица Перак. Идејата за изградба на Палатата на Федерацијата се совпаѓа со почетокот на формирањето на нов град на левиот брег на Сава во Белград, кој требало да стане главен град на новата социјалистичка држава. На 1 јануари 1947 година официјално бил распишан конкурс на кој можеле да учествуваат сите граѓани на СР Југославија, без разлика на степенот на стручно образование. На конкурсот победил загрепскиот тим, а како главни критериуми за избор на овој проект жирито ги истакнало неговата функционалност и монументалниот карактер. Објектот има површина од 65 илјади квадратни метри.
Улрих во тоа време веќе бил со реноме на светско ниво. Основата на палатата е симетрична во форма на буквата Н, со централно јадро и две странични крила. Под централното крило има долен дел под стаклената купола, а во него има свечена сала која може да прими 2000 гости. Објектот содржи шест салони, на шесте републики на поранешна Југославија, суд и илјада канцелариски простории. Фасадата е обложена со бел мермер од островот Брач.

Објектот претставува синтеза на два принципа – модернистички, близок до корбизјеовското разбирање на архитектурата и монументален, кој се потпира на примери од советската архитектура.
Изградбата била прекината во 1949 година, биле завршени само скелетната конструкција и крилата и делумно изградбата на централниот дел. Прекинот на работата на неколку години бил последица на општествено-политичките промени. Објектот бил замислен како дел од ансамбл од јавни згради, но таквата програма била редуцирана со усвојувањето на ГУП на Белград во 1950 година. Со одлуката за продолжување на работата, финализирањето на проектот му било доверено на белградскиот архитект Михаил Јанковиќ и на проектантското биро „Стадион“, под чиј надзор зградата била реализирана во периодот од 1955 до 1961 година. Официјално била отворена во 1961 година по повод Првата конференција на шефови на држави и влади на Движењето на неврзаните.
ОБЈЕКТ КОЈ МУ БИЛ НА СРЦЕ
На прашањето кое дело му е на срце на архитект Улрих, неговите пријатели велат дека имал посебен однос кон неговата соработка со Нинослав Кучан на Основното училиште на Пантовчак на улицата „Херцеговачка“ во Загреб.

Основното училиште на Пантовчак, Загреб
Делото на Улрих по Втората светска војна до раните 1970-ти, кога престанал да работи, вклучува повеќе од 50 проекти, од кои повеќето се завршени: спортски, станбени и деловни згради, училишта и домови.
Архитектот Улрих бил нарекуван Тунч од неговите пријатели. На 62-годишна возраст се оженил по втор пат, со архитектката Лизелот Коронели, а секогаш бил дотеран и елегантен.

Станбена и деловна зграда во Загреб, со Фрањо Баховец
Четири месеци годишно поминувал на море со сопругата. Пловел до својата 85-та година. Бил луд по класична музика, секој ден снимал класична музика од Радио Загреб на касети, а имал и голема колекција на плочи. Секој ден купувал весник: читал „Вјесник“ (чија зграда и ја проектирал) час или два, сакал да оди на кафе во кафулето „Пам Пам“ на улицата „Франкопанска“.

Студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје
Јас како архитект за време на моите постдокторски студии имав особена чест да се сретнам со проф. д-р Весна Микиќ на Архитектонскиот факултет во Загреб, која изработи докторска десертација на тема делата на архитект Антун Улрих и издаде книга „Архитект Антун Улрих – класичност на модерната“, а неговите предавања се подарени на Архитектонскиот факултет во Загреб.
Починал во 1998 година на 96-годишна возраст, оставајќи зад себе препознатлив архитектонски стил во регионот на поранешна Југославија.

Воена болница во Сплит
Негови најпознати дела:
- 1937 – 1938 – Станбено-деловен објект Јановиќ-Шерка во Загреб
- 1931 – 1932 – Куќата на Вајнбергер со Фрањо Баховец во Загреб
- 1923 – 1933 – Станбена и деловна зграда со Фрањо Баховец во Загреб
- 1937 – 1938 – Куќата на Ане Кауфман во Загреб
- 1947 – Зграда на Факултетот за политички науки со Иво Бартолиќ во Загреб
- 1953 – 1954 – Станбена зграда Јановиќ-Шерка во Загреб
- 1932 – Семејната куќа на Звонимир Матица во Загреб
- 1956 – 1972 – Деловна зграда на „Вјесник“ во Загреб
- 1939 – 1940 – Дом на православната општина со Станко Клиска во Загреб
- 1949 – Студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје
- 1948 – Работничко одморалиште во Отешево на Преспанското Езеро
- 1947 – Претседателство на Владата на ФНРЈ во Белград, денес во Палата Србија (СИВ) со (Владимир Поточњак, Златко Нојман и Драгица Перак)
- 1953 – Југословенски патнички брод во Риека
- 1958 – 1965 – Воена болница во Сплит
- 1949 – Вила во село Коњско на Преспанското Езеро
- 1951 – Пекарница во Скопје
- 1952 – Бања во Битола
- 1952 – Основните училишта во улицата „Херцеговачка“ бр. 108 во Загреб
- 1957 – Графичко училиште во Загреб
- 1959 – Центар за култура во Винковци
- 1962 – Воена болница во Сараево
- 1936 – 1941 – Клинички болнички центар „Ребро“ во Загреб со С. Клиска и В. Јурановиќ
- 1944 – Болница „Ребро“ во Загреб
- 1947 – Училишта во Славонски Брод
- 1931 – Домот на веслачкиот клуб „Ускок“ во Загреб

Скица за работничко одморалиште во Отешево на Преспанското Езеро
За својата работа добитник e на големи награди:
- 1947 – Награда за архитектура на Владата на ФНРЈ за реализација на Работничкото одморалиште во Отешево на Преспанското Езеро
- 1971 – Награда за животно дело Владимир Назор
- 1974 – Награда Виктор Ковачиќ и
- 1995 – Награда на Хрватската академија на науките и уметностите.
Автор: проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија