Насловна / Вести / AI диктира претворани на термоелектрани во дата центри

AI диктира претворани на термоелектрани во дата центри

Благодарение на растот на побарувачката од електрична енергија поттикната од развојот на вештачката интелигенција, некои стари термоелектрани на јаглен и природен гас во Европа наскоро би можеле да станат дата центри. Така технолошките гиганти би добиле брз пристап до изворите на електрична енергија и вода за ладење, а операторите на електраните би избегнале високи трошоци за гасење на овие постројки.

Францускиот Engie, германскиот RWE, италијанскиот Enel и други енергетски компании, планираат да ја искористат оваа ситуација така што старите електрани ќе ги трансформираат во дата центри, и со тоа ќе обезбедат долгорочни и вносни договори за снабдување со електрична енергија. Капацитетите потребни за работа на дата центрите се движат во распон од неколку стотици мегавати до еден гигават. За енергетските компании, оваа стратегија претставува начин да ги ублажат високите трошоци за гасење на старите псотројки, но и потенцијално да ги поддржат инвестициите во обновливи извори на енергија. Од друга страна, технолошките компании како што се Amazon и Microsoft, овие локации ги гледаат како брзо решение за поврзување на електроенергетската мрежа и користење на системите за ладење со вода, како два клучни ресурси кои станаа тесно грло во секторот на вештачката интелигенција.

Електроенергетските компании можат да го дадат земјиштето под закуп или пак сами да ги изградат и управуваат дата центрите, што би им обезбедило долгорочни договори за снабдување со струја со технолошките фирми. Уште една потенцијална опција е на тие локации да се изградат капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, на кои би се поврзале дата центрите, додека електроенергетската мрежа би се користела само во вонредни ситуации. Engie, која планира да ги удвои своите капацитети за обновливи извори најдоцна до 2030 година, им нуди на операторите на дата центрите вкупно 40 локации ширум светот, вклучувајќи и електрани на јаглен и гас, кои би можеле да се конвертираат. Меѓу компаниите кои ги нудат своите стари електрани на јаглен и гас за оваа намена, се наоѓаат и португалскиот EDP и францускиот EDF.

Испрати коментар

Scroll To Top