И аеродромите се вклучија во глобалната соларна трка, а југоисточна Европа не е исклучок. Во тек се сериозни изнвестиции во оваа област во овој регион. Најголемите аеродроми во регионот – во Истанбул и Атина, наскоро ќе можат да ги покриваат целокупните свои потреби од сопствени соларни електрани и по тоа ќе бидат меѓу првите во светот. Покрај тоа, аеродромите ја зајакнуваат својата енергетска ефикасност и воведуваат електрични автомобили во својот возен парк. Спроведуваат мерки за заштеда на материјалите и вложуваат во системи за управување со отпадот и отпадните води, со цел да го декарбонизираат своето работење.

Аеродромот во Кукс во Албанија е во постапка за добивање на дозвола за производство на електрична енергија и трговија. Компанијата која оперира со овој аеродром, пред пет месеци во соработка со локална градежна фирма, добила концесија за изградба и работа на соларна електрана од 12MW. Локацијата е во непосредна близина на аеродромот. Овој аеродром е отворен во 2021 година, но во меѓувреме е затворен по повлекувањето на нискобуџетниот превозник – Wizz Air.Секако оваа инвестиција може да значи нова шанса за аеродромот. Швајцарската компанија Mabco Constructions, гради и финансира соларна електрана од 5,2MW на меѓународниот аеродром во Валона.

Аеродромот во Загреб, кој оваа година пушти во погон фотонапонска централа од 250kW, објавил дека има намера наскоро да ја прошири оваа постројка. Истовремено, аеродромот веќе се снабдува целосно со енергија која потекнува од обновливи извори, а планира во скора иднина да се префрли од дизел генератори на системи кои користат водород.
Атинскиот меѓународен аеродром „Елефтериос Венизелос“, во 2011 година пуштил во работа соларен парк од 8,05MW, а во 2023 уште еден од 15,8MW. Оваа година на мрежа ќе се приклучат уште две постројки со вкупна моќност од 35,5 MW, заедно со батериски систем за складирање на енергија од 82MWh.
Операторот на најголемиот аеродром во Турција, довршува фотонапонски парк од речиси 200MW и има амбиција веќе до крајот на оваа деценија да ги покрива сите свои потреби со енергија од обновливи извори. Уште неколку аеродроми во Турција се декарбонизираат во доменот на производство на електрична енергија. TAV Airports Holding (TAV Havalimanları Holding), има изградено соларна електрана од 6,7MW на својот аеродром Милас – Бодрум во југозападна Турција. Истиот проект за фотонапонски системи на паркинзите е имплементиран и на аеродромот Измир Аднан Мендерес со капацитет од 5,9MW. Аеродромот Даламан има соларна електрана со моќност од 8,3MW, која е поставена на зградата на терминалот и е најголема од овој вид меѓу сите аеродроми во светот.

Меѓународниот аеродром во Јаши, Романија, работи на проширување на својата соларна електрана од еден мегават, поставена во 2023 година. Била прва во Романија во својот сектор. Менаџментот има намера да постави уште 5MW и погон за складирање на енергија. Медиумите пренесуваат дека инвестицијата ќе вклучува грант од Модернизациониот фонд на Европската унија. Идната хибридна електрана би требало да покрие една петтина од потрошувачката на електрична енергија во овој комплекс во југоисточна Романија. Меѓународниот аеродром Марамуреш, има аплицирано за неповратни средства за изградба на систем од 2,6MW на настрешниците на паркиралиштата. Во проектна фаза се и фотонапонска електрана од 1,25MW на аеродромот во Бакау, како и постројка со капацитет од 1,7MW во Сибињ.

Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград, во 2022 година пушти во погон фотонапонски систем од 1MW. Меѓународните аеродроми во Сараево и Тузла пред неколку години најавија планови за изградба на соларни електрани.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија