Насловна / Дневни Вести / Декларација за заедничка заштита на биодиверзитетот во Балканскиот регион

Декларација за заедничка заштита на биодиверзитетот во Балканскиот регион

mavrovo.jpgМаврово – Усвојување декларација за заедничка регионална акција за заштита на биодиверзитетот во Балканскиот регион во рамки на принципите за одржлив развој во услови на климатски промени, е целта на конференцијата на министри за животна средина на земјите од регионот што денеска се одржува во Маврово.

Декларацијата, според македонскиот министер за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи, ќе значи заеднички настап на сите земји од Балканот во заштитата на биодиверзитетот во таргетниот период 2020 година.

 

– Имајќи го предвид глобалното значење на Балканските планински екосистеми и на економскиот потенцијал на овие предели за туризам, шумарство, земјоделско, сточарско и производство на традиционални продукти, како и вредноста на прекуграничната соработка, евидентна е потребата од заеднички напор за промоција и зајакнување на зачувувањето на биодиверзитетот, рече Јакупи. Тој се заложи за подигање на капацитетите за менаџирање со природните ресурси со воспоставување интегриран систем за управување.

 

Јакупи очекува декларацијата да помогне за усогласување на ставовите до светската конференција за биодиврзитет во Нагоја во октомври ова година, каде треба да се дефинира новата цел за биодиверзитет до 2020 година. Упати апел до меѓунаредната заедница да ја препознае потребата за пружање техничка и финансиска помош во Балканскиот регион, за интензивирање на заедничката акција.

 

Албанскиот министер за животна средина Фатмир Медиу посочи дека прашањата на биодиверзитетот се глобални и не можат да бидат застапени само од една страна, и затоа треба да биде преземен заеднички чекор како на регионално така и на глобално ниво.

 

– Разликите што ги имаме на политичко, национално и религиозно ниво, се многу мали во однос на проблемите што може да ги имаме од аспект на биодиверзитетот, посочи Медиу.

 

За Ивица Радовиќ, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање на Србија, прашањето за биодиверзитетот треба да се разгледа на регионално ниво, бидејќи, како што рече, Балканскиот полуостров е еден од шесте центри на разновидност во Европа и треба да се гордееме со високиот процент на птици, билки и различни ендемични видови што ја претставуваат историјата на регионот.

 

На Регионалната министерска конференција „Зачувување на биолошката разновидност на балканскиот регион според принципите на одржлив развој и во услови на климатски промени“, учествуваат делегации од министерствата за животна средина на Македонија, Србија, Албанија, Косово, Хрватска и Црна Гора. (МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top