Насловна / Вести / „Фолксваген“ ги намалува производствените капацитети во Кина

„Фолксваген“ ги намалува производствените капацитети во Кина

Раководството на заедничкото претпријатие меѓу германскиот „Фолксваген“ и кинескиот „САИЦ“ објавило дека ја затвора големата фабрика со производствен капацитет од 360.000 автомобили во градот Нанџинг. Кон крајот на минатата година, „Фолксваген-САИЦ“ продаде и фабрика во кинескиот град Урумчи.

Германскиот гигант „Фолксваген“, кој остварува дури 30 отсто од својата вкупна глобална продажба во Кина, ќе затвори голема фабрика во кинескиот град Нанџинг, јавуваат медиумите во Источна Азија.

Фабриката, отворена во 2008 година во соработка со домашниот производител „САИЦ“, во која се правени возила со мотори на внатрешно согорување, станала непрофитабилна поради големата технолошка промена што ја зафати автомобилската индустрија во најнаселената земја во светот како цунами – транзицијата кон електрични и хибридни возила.

Фабриката во Нанџинг имала капацитет од 360.000 автомобили годишно и ги произведувала најпродаваните модели на „Фолксваген“, „пасат” и „шкода суперб“.

Падот на „Фолксваген“ во Кина

Покрај технолошката заостанатост на моторите на овие модели, односно, технолошкиот премин кон електрични возила, друга причина за рационализирање на работењето во Кина е фактот што домашните производители, како што се „BYD“, „Џилија“ и други, освојуваат сè поголем дел од домашниот пазар, претекнувајќи ги странските брендови.

Овој тренд се огледа во конкретните податоци врзани за германската компанија – „Фолксваген“ лансираше дури 2,92 милиони возила на четири тркала на кинескиот пазар во 2024 година, но ова беше пад од добри десет отсто во споредба со претходната. Понатамошен пад е забележан во првата половина од оваа година, иако само од два проценти.

Фабриката во Нанџинг е всушност втората фабрика од која „Фолксваген“ се откажа во Кина во последните седум – осум месеци, со оглед на тоа што минатиот ноември објави дека ја продава фабриката во градот Урумчи, каде што ги склопуваше моделите „тара“, „лавида“, „пасат“ и „терамонт“.

Политички камшик

Станува збор за производствен комплекс со капацитет до 50.000 автомобили во покраината Синџијанг, каде живее етничкото малцинство Ујгури, кое, според Западот, е малтретирано и експлоатирано од кинеските власти – токму политичкиот притисок од, меѓу другите, Европскиот парламент и антикинеската интересна група Меѓупарламентарната алијанса за кинески работи (IPAC), која е финансирана од американската држава и фондацијата на милијардерот Џорџ Сорос, го принуди „Фолксваген“ прво да го запре производството, а потоа целосно да го напушти Синџијанг.

Додека на тој начин локалните жители, меѓу кои многу Ујгури кои Западот наводно сака да ги спаси од ропска експлоатација, практично се туркаат во сиромаштија, мака мачи и „Фолксваген“, кој е жртва на геополитиката на колективниот Западот не само во Кина, туку и дома. Поради зголемените трошоци за енергенси предизвикани од санкциите против Русија, минатата година беше принуден да формулира програма со која се планира затворање на најмалку три фабрики во Германија. Потоа, тука е проблемот, исто така делумно политички мотивиран, со царините на Европската Унија на увоз на кинески електрични возила, во склоп на кој кинескиот партнер на „Фолксваген“, „САИЦ“, државна компанија со седиште во Шангај, се соочува со царини од дури 45 отсто.

Ова практично го оневозможува извозот на компанијата на пазарот во ЕУ, што значи дека „Фолксваген“ не може да ги користи фабриките во Кина што ги поседува пола-пола со „САИЦ“ за извоз на електрични возила во ЕУ. Сепак, тука може да има релативно позитивни промени, бидејќи ЕУ и Кина започнаа преговори за укинување на царините, под услов наместо тоа да се воведат задолжителни минимални цени за кинеските автомобили, што би претставувало нешто помало оптеретување.

Покрај сето тоа, германската компанија сега се соочува со политички и економски удар од Вашингтон во форма на нови царини од 25 отсто на увоз на автомобили и делови во Соединетите Американски Држави, кои стапија на сила во април.

Што се однесува до Кина, до објавувањето на затворањето на фабриката во Нанџинг, „Фолксваген“ вработуваше повеќе од 90.000 работници во 39 фабрики во таа земја. Сепак, најитниот проблем е што стапката на вработеност во оваа огромна производствена мрежа е само 58 отсто. Затоа, понатамошните намалувања на капацитетите таму не би биле неочекувани.

Несомнено, мегакомпанијата од Волфсбург и германската економија воопшто, минуваат низ еден вид кошмар, но барем засега, од Кина доаѓаат утешни вести, кои укажуваат дека „Фолксваген“ и „САИЦ“ веќе се добро напреднати во нивното стратешко пренасочување кон развојот и производството на електрични автомобили.

Испрати коментар

Scroll To Top