Насловна / Архитектура / Зимска идила во ресторан во Шведска

Зимска идила во ресторан во Шведска

Архитектурата на ресторанот „Бјорк“ тежнее кон експресивна изразеност, ја нагласува поетичноста на пределот и му додава одредено ниво на ирационалност и бајковитост. Архитектите од бирото Мurman Аrchitects создале дело кое не е само врамен простор, туку објект кој ги преминува своите утилитарни граници и станува жив, еластичен, пулсирачки.

Topprestaurang Björk Hemavan, Murman Arkitekter

Планинскиот ресторан „Бјорк“ се наоѓа на скијачка патека, на работ на шума и среде бескрајните гребени на ски-центарот Хемаван во Шведска. Благодарение на формата што потсетува на вернакуларната архитектура на регионот, станал симбол на планинска зимска идила. Идејата на архитектите била да се воспостави хармонија на ресторанот со околината. Видлив е од сите страни, а поради својата форма која го отсликува наследството на традиционалната архитектура, целосно се вклопува во пејзажот. Падот на кровните рамнини и изборот на материјали овозможуваат снегот да остане на фасадата, што придонесува за концептот на повеќекратни дополнувања на контекстот.

6

Архитектурата на овој објект се потпира на едноставни, но смели просторни концепти, враќање кон природата и истражување на едноставни форми. Лесната дрвена структура хармонично се интегрира во пејзажот, а големите стаклени површини обезбедуваат удобност и беспрекорно осветлување и отвораат импресивни глетки за посетителите. Пошумениот пејзаж што се гледа низ прозорците, внесува дух на пасторалната мистерија и романса во објектот и дава чувство на отвореност и бескрајна експанзија.

7

3

Судир на едноставни волумени

Во композицијата на објектот се препознава квалитетот на отворениот дел на силна експресивност, иако се комбинирани основните геометриски форми. Идејата била објектот да претставува рефлексија на пејзажот што го опкружува, но не во буквален смисол со обична имитација, туку со преземање фрагменти од природата и нивно составување во една обмислена целина во која главните аспекти на архитектурата – концептуалноста, естетиката и контекстуалноста, се подеднакво застапени. Ако го погледнеме објектот шематски, неговата волуметрија се состои од две призми – тристрана и четиристрана, кои се испреплетуваат и се судираат една со друга, ресторанот во јужниот дел и кровниот покривач.

9

Конструктивните елементи од ламинирано дрво се видливи, па дури и нагласени во ентериерот, така што архитектонската форма со својата конструктивна компонента го одредува просторот. Поголемиот дел од мебелот и облогите се изработени од дрво – бор од локалитетот, така што внатрешноста зрачи со топлина и на посетителите им дава чувство на заштитеност.

1

2 5

 

Испрати коментар

Scroll To Top