Насловна / Архитектура / Забрзано се гради стадионот на Реал Мадрид

Забрзано се гради стадионот на Реал Мадрид

Официјално најдобриот фудбалски клуб на 20. век – шпанскиот Реал Мадрид – неодамна објави видео кое го прикажува тековното реновирање на нивниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, вклучително и изградбата на подземен терен што може да се вовлече.

На снимката се гледа како надворешноста на заоблената арена – која ја реновираат шпанските архитектонски бироа L35 и Ribas & Ribas заедно со германското биро GMP Architecten – ја носат греди долги 106 метри и тешки 530 тони.

2

ТЕРЕН ВО ШЕСТ ПОДЗЕМНИ НИВОА

Во рамките на стадионот од 152.000 квадратни метри се гради голема јама во која ќе биде сместен нов систем за отстранување и складирање на теренот, пишува Dezeen.

Теренот што може да се вовлекува ќе биде сместен во шест подземни нивоа кои достигнуваат длабочина од над 25 метри и имаат подземен систем за наводнување, како и ултравиолетово осветлување за тревникот.

Проектот ќе овозможи стадионот да се користи и за други настани, како што се безбол и тениски натпревари, со трева поделена на широки ленти кои се поставени под подот на стадионот и се подигнуваат со хидраулични лифтови кога е потребно.

Кога ќе биде завршено реновирањето, „Сантијаго Бернабеу“ ќе се користи и за концерти и ќе има капацитет од 85.000 посетители, што е повеќе од ​​сегашните 81.044.

1

Челичната фасада проектирана е да биде осветлена, така што сликите и информациите можат да се проектираат на надворешната страна на стадионот, а ќе има и кров кој се повлекува.

Еден од најпознатите стадиони во светот, „Сантијаго Бернабеу“ изграден е во 1947 година, а го проектирале архитектите Мануел Муњоз Монастерио и Луис Алемани Солер. Во моментов е вториот по големина стадион во Шпанија.

„Новиот стадион ќе продолжи да биде средина која создава емоции кои ќе остават трага во иднината на Реал Мадрид“, изјави претседателот на клубот Флорентино Перез.

„Тоа ќе биде најдобриот стадион во светот каде уште еднаш ќе видиме дека и на крајот на овој век ќе бидеме препознаени како најдобриот клуб. Ќе понуди новиот стадион наследство и ќе биде нов извор на гордост за нашите членови и навивачи“, додаде тој.

3

ИНВЕСТИЦИЈА 525 МИЛИОНИ ЕВРА

Реновирањето на стадионот е одобрено во 2016 година, започна во 2019 година и се очекува да заврши во 2023 година, а цената на целиот проект изнесува 525 милиони евра.

Испрати коментар

Scroll To Top