Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Враќање во природата преку покривите

Враќање во природата преку покривите

IMG_1036

Покривите се новото игралиште на урбанистите, што бараат одржливи и општествено одговорни решенија за градбите. Борбата на современиот град е борба за оддалечување од бетонската џунгла, во која тој се претвори во втората половина од 20 век. Да биде позелен, помалку и поефикасно да троши енергија, и, едноставно, да биде попријатен за своите жители. За сето тоа треба простор, а тој е најограничениот ресурс во градот, веќе покриен со улици, згради и со други содржини. Како да се надмине оваа пречка? Едноставно, површината што припаѓа на зградите, истовремено е и површина која припаѓа на покривите. Затоа тие се новиот предизвик, неосвоениот простор.

Колку е значајна улогата на покривите во сегашното и во идното урбано планирање, покажува и примерот на Франција, која со закон наложи секоја нова градба да има или соларни панели или зелен покрив. Токму зелените покриви се тие што ја враќаат природата во градот, и што придонесоа да се развие еден сосема нов концепт – покривни пејзажи.DSC09462

Во оваа област, еден од глобалните лидери е германската компанија „ZinCo GmbH“, која годишно поставува околу 1,5 милиони квадратни метри зелени покриви на станбени, деловни, индустриски и на институционални згради, и работи во 30 земји во Европа, Азија и во Америка. Ivan Christ од „ZinCo GmbH“ ги претстави методите и идеите пред студентите и професорите на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Зелените покриви не служат само за убавина. Ако се изведени правилно, тие влијаат позитивно на микроклимата, ги апсорбираат штетните честички од воздухот, го задржуваат вишокот атмосферски води, штитат од бучава, придонесуваат за подобра изолација и со тоа за заштеда на енергија, и го продолжуваат векот на градбата, намалувајќи ја потребата од реновирање и создаваат простори со различни содржини како: простори за релаксација, игралишта, паркови, во кои се присутни инсектите и птиците.IMG_1053

„Има два главни вида зелени покриви, екстензивен и интензивен пејзаж. Кај екстензивниот пејзаж просторот за полнење е плиток, и се садат некои треви или растенија карактеристични за каменести простори. Изгледа едноставно, но речиси не бара одржување, освен една до две годишни проверки. Интензивниот пејзаж е буквално градина на кровот. Има подлабоко полнење и се садат различни растенија, но бара поголемо одржување, кое зависи од дизајнот и од видовите растенија.

Untitled-1

Најголемиот предизвик при изведба на еден зелен покрив е што подоследно да се долови природната средина каде што растат растенијата, односно слоевите на почвата, од површинскиот плоден слој па сè до пониските песокливи и каменести слоеви, секој извршувајќи соодветна функција“, објаснува Christ. Тука, додава тој, решението го нуди технологијата на „ZinCo GmbH“, која исто како и во природата, поставува плоден слој и слоеви за филтрирање и за одводнување, сето тоа над заштитниот слој на покривот.

Меѓу конкретните системи што ги изработува „ZinCo GmbH“ се Sedum carpet, Rockery type plants, Meadow scents, Build-up on inverted roofs, Pitched green roof, Steep pitched green roof, Heather with lavender, Summer plains, Roof garden, Walkways and driveways, Driveways, Solar vert и други.

Меѓу иновативните предности, пак, што компанијата ги нуди, е на пример капиларното наводнување. Стандардниот интензивен зелен покрив тежи најмалку 300 килограми на квадратен метар. Но со капиларно наводнување, тежината се намалува. Christ вели дека „ZinCo“ се води од мотото дека речиси сè што се прави на земјата, може да се направи и на покривите, со соодветна технологија.

На тој начин, на зградите може да се направат дури и коловозни површини и пешачки патеки. Соодветните материјали, технологии и изработка, овозможуваат дури и камиони да возат на тие површини, ако има потреба, без притоа да го загрозат системот за одводнување.DSC09481

Тоа што е особено важно, е дека за секој систем постојат соодветни растенија што треба да се употребат, за зелениот покрив да ги постигне сите позитивни ефекти, како и да биде одржлив. Ова е област на која, исто така, ѝ се обрнува особено внимание кај „ZinCo GmbH“, бидејќи не е важно само да се постави почвата, туку да се направи успешна зелена површина на покривот.

Кај екстензивните системи се садат ниски растенија, највисоките достигнуваат до 40 сантиметри. Кај интензивните, пак, со вистинските параметри, можностите се неограничени. Може да се насадат дури и дрвја високи по десетина метри на покривите на зградите, но во тој случај тежината би изнесувала околу еден тон на квадратен метар, што значи дека градбата мора да има соодветна цврстина и статика за да го издржи тој товар.

Зелените покриви може да бидат и места за езерца и базени, кои треба да бидат поставени над нивоата за одводнување, за ако водата од нив се излее, да заврши исто како и дождовницата што паѓа на покривот, дел се складира за наводнување во сушните периоди, а дел истекува.

Класичната идеја за зелен покрив е рамна површина, која сепак е навалена најмалку два отсто за да може да се одводнува. Но овие покриви се прават и на коси површини. Тогаш тие не може да се користат за одмор и рекреација, но повторно ги обезбедуваат сите други поволности што ги нуди овој систем. Секако, за нив се користат посебни системи, особено околу наводнувањето, поради косината.

И македонските покриви позеленуваат

Зелените покриви ги има и на македонските објекти, а заслужна за носењето на овој систем е фирмата „Зеп Eко Mак“, која уште од 90-тите години функционира на овој пазар. „Македонските граѓани сè повеќе почнуваат да го сфаќаат значењето на зелените покриви и тоа дека тие работат 100 отсто како природата.

Овие покриви ја заштитуваат хидроизолацијата, спречуваат механичко оштетување и температурни шокови и траат повеќе од 30 години. Кај нас веќе има повеќе што се препознатливи токму по зелените покриви, но интересот расте и тоа е добро. Сепак, луѓето треба да знаат дека ова е наука која бара стручен избор на систем и вегетација за навистина зелениот покрив да трае со години. Импровизацијата е најскапата инвестиција“, вели Јана Милисављевиќ од фирмата „Зеп Eко Mак“, застапник на „ZinCo GmbH“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top