Насловна / Хортикултура / Водата во градините и парковите

Водата во градините и парковите

Без оглед на големината на водните површини, тие го оплеменуваат секој простор давајќи му ведрина и живост со своето преливање, прскање, како и чистота со бистриот и проѕирен изглед. Основна физичка особина на водата е нејзината „пластичност“, т.е. можноста како „материјал“ да се приспособи во секаков облик. Водната површина може да има статичен или динамичен карактер, во зависност од тоа дали е стоечка (езеро, бара, базен ) или е протечна ( алпиниум, поток, водопад). Најважно од се е таа да има смирувачко до извесно трепетно дејство. Во малите градини се користи како дизајнерски елемент, меѓутоа на начин приспособен на околната средина. Поради доминантниот карактер на водата и нејзината можност да ги потчини сите останати елементи во градината, најдобро е на мали простори да се исползува во вид на фонтани и базени со помали димензии и едноставни облици.

huntJapaneseGarden

Еден од ефектите што ги создава водата е нејзиниот звук. Покрај својот успокоителен ефект, таа претставува и извонреден звучен параван, односно добро апсорбира бучава. Различната текстура на површината по која водата тече го условува и звукот што самата го произведува. По рамни површини водата тече тивко, додека по стрмни терени создава турбулентни и погласни звуци. Мирната водна површина создава ефект на огледало во кое се пресликуваат сите околни елементи со својата целосна убавина. Исто така, водата не се користи само како декорација, туку и како основен дел од градината со што ја презема доминантната фокусна улога.

МАКЕДОНИЈА

Во Република Македонија во поново време постои тренд за изградба на водни елементи и површини. Во зависност од големината и местоположбата на индивидуалното земјиште се одредува и видот на водните елементи. Кај нас во пракса луѓето најчесто бараат совети и помош од стручни лица за изградба на базени со најразлични форми и димензии, алпинуми, мини езерца и фонтани. Во парковите, скверовите и другите поголеми површни од јавен карактер во градовите ширум земјата, водните елементи се во форма на фонтани, водоскоци и чешмички, со исклучок на Градскиот Парк во Скопје, во кој има добро развиен систем на канали и водни огледала.

GradskiPark-Skopje

КЛАСИФИКАЦИЈА

Стилот на градината го диктира обликот и местото што водата го зазема. Иако е многу тешко да се изврши класификација на стилот на градината, поради големиот број стилови кои се среќаваат во пејсажната архитектура, би можеле да ги поделиме во две основни групи: градини во класичен (геометриски) и градини во пејсажен стил.

Во класичните градини одговараат едноставни и геометриски водни површини и елементи кои ќе бидат вклопени во композицијата. Едноставноста се одржува преку правоаголни или кружни облици. Во вакви градини можно е и присуство на фонтани, посебно оние со скулптурален карактер. Водната површина треба да се види на сите главни точки во градината.

villa deste1

Кај градините изградени во пејсажен стил водните површини претежно имаат неправилен облик со што би се прикажале идентично како и во природата. Кај овие водни површини се садат и различни барски растенија, опкружени со најразлични цветни и дрвни композиции чии бои и форми се отсликуваат во водата. Водоскоците во овие градини често се поставуваат  во близина на одморалишта со што создаваат пријатен амбиент за посетителите.

Водата, како никој друг дел од градината, внесува изразити привлечни промени во пејсажната архитектура, кои се согледуваат во изгледот, звуците и во движењата во околината. Дури и кога е замрзната, нејзината површина впечатливо ги претставува контрастите на боите и градбите.

Испрати коментар

Scroll To Top