Насловна / Вести / Магична глетка на цветниот парк Ашикага кога неговите глицинии се во полн цут

Магична глетка на цветниот парк Ашикага кога неговите глицинии се во полн цут

Јапонија можеби е најпозната по цветовите на црешите, но Цветниот парк Ашикага е познат по цветовите глицинија или вистерија. Никогаш нема да видите помагична глетка од овој цветен парк кога неговите глицинии се во полн цут.

Вистеријата/глицинијата е едно од најомилените цвеќиња во Јапонија. На јапонски се нарекува фуџи (fuji), како планината Фуџи, но за разлика од планината, цветот се изговара со нагласување на вториот слог (и се пишува со различен знак).

Паркот е отворен во 1968 година на периферијата на градот Ашикага во префектурата Точиги. Се ширел со текот на годините и прераснал во неверојатно популарна туристичка дестинација во Јапонија за оние кои се љубители на прекрасни јапонски цвеќиња. Додека паркот најмногу се поврзува со неговите бели, розови, виолетови и сини дрвја глицинија, може да се видат и други видови цветни растенија како азалеи, лалиња, па дури и лаванда.

Цветниот парк Ашикага е најголема градина на глицинии со преку 350 стебла на површина од 94.000 квадратни метри. Секоја година има голем број посетители за време на сезоната „Приказната за глицинии – Голем фестивал на вистерија“. Паркот е горд што има повеќе од 350 глицинии, како што е 150 години стара големата глицинија, која е прогласена за природно богатство на префектурата Точиги, а нејзините гранки се потпрени за да создадат огромен чадор од сини цветови.

Тука се и големите решетки за глицинии на 600 татами-простирки со три стебла, единствената глицинија со двојни цветови и тунел од бели глицинии долг 80 метри. Посетителите можат да уживаат во сезонските цвеќиња во текот на целата година. Неодамна, паркот е избран и сертифициран од страна на проценители на ноќен поглед, како најдобар осветлосен приказ во Јапонија. Светлосниот приказ „Цветна градина на светлата“ е исклучително популарен.

Кога се размислува за посета на овој парк, впрочем како и другите цветни паркови, коишто обично се сезонски, најдоброто време за посета зависи од тоа кога цветаат цвеќињата и дрвјата. Она што е добро во овој парк е тоа што има многу различни цвеќиња, а со тоа и цветни сезони, што го прави одлична дестинација преку целата година. А кога станува збор за глициниите обично во полн цут се на почетокот на мај, една до две недели подоцна од вистериите во Токио.

Паркот е многу популарен и во зимската сезона поради поставувањето на масовна зимска светлосна програма. Паркот ги отвора своите порти секоја вечер од средината на октомври до средината на февруари за да им овозможи на посетителите да шетаат низ раскошната изложба.

Речиси секој агол од паркот е украсен со стотици илјади разнобојни LED-светла, кои прекриваат цветни грмушки, ги обложуваат патеките и се распоредени во огромни, креативни предмети и сетови во импресивен размер. Некои од попривлечните атракции вклучуваат неколку големи, континуирано менувачки LED-екрани кои прикажуваат креативни слики, светлосни претстави синхронизирани со музика, светлосни тунели и безброј LED-синџири слични на глицинии закачени на истите решетки од кои висат цвеќињата напролет.

За оние кои сакаат нешто повеќе од фотографии, во паркот има две продавници за сувенири.

Во нив може да се најде сè поврзано со глицинијата, од вкусни слатки до виолетови мечиња. За оние кои сакаат да купат нешто за својата цветна градина, има и голема продавница за градинарство – но не се продава семе од глицинија!

А за оние кои ќе огладнат за време на посетата, има и неколку различни места низ паркот каде што може да се седне на вкусна храна. Во согласност со темата на фестивалот, овде се служат сладолед и пијалаци со вкус на глицинија.

Испрати коментар

Scroll To Top