Насловна / Архитектура / Во Јапонија постои музеј кој е во потполност посветен на архитектонските макети

Во Јапонија постои музеј кој е во потполност посветен на архитектонските макети

Развојот на макети на објекти е прилично непознат, така што не може со сигурност да се утврди кога започнало наменското создавање на архитектонските модели и дали тие се правени од самите архитекти или им помогнале занаетчии. Ако се земе предвид дека биле направени од дрво, може да се заклучи дека тоа е причината што до денес не се зачувани речиси никакви модели од минатото.

muzej-maketa-04_resize

Можеме да претпоставиме дека од Стариот Египет до Стариот Рим постоела пракса на изработка на дрвени макети, за градителот (архитектот), за да го му прикаже конечниот изглед на некоја градба или комплекс на владетелот или на некој друг налогодавач. Меѓутоа такви модели не се сочувани, па се останува во доменот на претпоставки.

HIGH-1X_23dd12d1_resize

Една од првите зачувани макети на некој објект, која е наменски направена за да ја претстави идејата на архитектот, е моделот на куполата на катедралата во Фиренца, на архитектот Филипо Бруналески. Знаеме колку била тешка задачата на овој архитект да изгради монументална купола над недовршената катедрала, но и да ги следи сложените работи на изведбата, па за потребите на презентацијата и следење на работата направена е дрвена макета која сè уште се чува во музејот на катедралата.

archi-depot-museum-japan_resize

МАКЕТАТА И ПОНАТАМУ ОСТАНУВА НЕЗАМЕНЛИВА

Подоцна макетите станале сеприсутни во архитектонската пракса, како еден од најверните начини на прикажување на проектираните содржини.

Пред развојот на компјутерските програми, архитектите правеа модели од леснодостапни материјали како дрво, картон, стиропор, пластика. Со текот на времето и со развојот на технологијата, оваа традиција постепено е заменета со 3Д визуализации. Иако денешните компјутерски програми овозможуваат многу реалистично прикажување на идејата, во однос на формата, материјалите, локацијата и амбиентот, во светот на сериозната архитектура, моделите сепак заземаат важно место во процесот на создавање. Макетата и понатаму останува незаменлив медиум за презентирање на архитектонските решенија, што го практикуваат речиси сите значајни инвеститорски компании, кои држат до себе. Едноставното согледување на едно решение во реален простор не може да се замени со никаква 3Д презентација на компјутер или проектор. Од тие причини, архитектонските факултети треба да продолжат да го поттикнуваат моделирањето, бидејќи тоа сè уште има перспектива во градежно-архитектонската професија.

HIGH-1X_e751fbfd_resize

А денес уште повеќе, благодарение на 3Д технологиите, можно е да се остане верен на макетите, бидејќи тие се всушност најдобриот начин да се види просторот. Макетата му дава опипливост на дизајнот. Детален модел на финален проект може да биде непроценлива форма на комуникација помеѓу колегите, како и клиентите. Како при развојот на концептот, така и при презентацијата пред инвеститорот, макетата овозможува реална визуализација на волуменот и отвора нови можности во процесот на размислување за објектот.

HIGH-1X_78c9749f_resize

3Д печатениот модел покажува на едноставен начин нешто што би изгледало многу покомплицирано на техничките цртежи и скици, особено за неархитектите, а не е доволно истакнато на рендерите.

Но, поради експанзијата на 3Д печатачите во последно време, архитектите сè поретко сами си ги прават макети. А никој не може подобро да го познава објектот од проектантот. Архитектот правејќи макета на својот објект подобро го осознава просторот, полесно ги разрешува проектантските дилеми и придонесува за негово подобрување.

HIGH-1X_2c6ccd69_resize

ВО ЈАПОНИЈА ПОСТОИ МУЗЕЈ КОЈ Е ВО ПОТПОЛНОСТ ПОСВЕТЕН НА АРХИТЕКТОНСКИТЕ МОДЕЛИ

Меѓутоа во Јапонија, земјата која има најголем број добитници на наградата Прицкер, архитектите и понатаму прават модели. И тоа не само како приказ на објектот, туку и како студиски модел кој ги доловува транзициите на производствениот процес на проектирањето. Јапонските архитекти се стремат да постигнат похуманистичка просторна презентација. Тие користат архитектонски макети и како алатка за дизајн вкоренети во сетилното размислување.

Screenshot 2022-08-19 130421_resize

Па така во Јапонија постои музеј кој е во потполност посветен на архитектонските макети, со цел да се зачуваат и архивираат минијатурните прототипови на градби на јапонските архитекти, од кои дел се распространети ширум светот.

Archi-Depot-Tokyo-016_resize

Сместен во големо токиско складиште во четвртта Шинагава, музејот Archi-Depot во својата колекција содржи макети на ценети архитекти вклучувајќи ги Арата Исозаки, добитник на Прицкер; Кенго Кума, одбран да го работи проектот на стадионот за Олимписките игри во Токио 2020; Рикен Јамамото, професор на архитектонски школи и мошне наградуван архитект и Шигеру Бан, познат по своето внимание кон еколошките детали. Меѓу експонатите има сè, од тродимензионални прелиминарни студии до финални модели, што нудат визуелна временска рамка за изградбата на објектот, што ретко се гледа во јавноста, особено на едно место.

muzej-maketa-01-1_resize

„Во последно време, архитектонските макети се третираат и вреднуваат како значајни архиви кои ја пренесуваат јапонската архитектонска култура на следната генерација, а исто така и како уметнички дела“, се вели во соопштението на музејот.

Screenshot 2022-08-19 130439_resize

Музејот Archi-Depot основан е од Warehouse TERRADA, компанија за складирање, која обично складира ликовна уметност и вина. Ова е прв музеј во Јапонија со колекција на макети на современа архитектура. Archi-Depot ги прикажува предметите на уреден, утилитарен начин. Простор од 450 квадратни метри со висина на плафон од 5,2 метри опремен е со 116 полици посветени на изложба на архитектонски макети. Основниот концепт е простор за складирање, каде може слободно да се шета околу изложените предмети и да се дознае повеќе за објектот и за проектантот. Секој минијатурен објект е придружен и со сопствен QR-код, кој, по скенирањето, ги наведува посетителите до фотографии и цртежи на делото, како и до повеќе информации за другите проекти на архитектот. Покрај изложбата на својата постојана колекција, Archi-Depot е домаќин и на специјални изложби и на едукативни настани.

Screenshot 2022-08-19 130631_resize

Во Archi-Depot има и складиште, достапна е и услуга за складирање, која чини 500 јени месечно. Услугата комбинира складирање, изложување, и купување и продавање макети. Ова им се нуди на сите оние кои не сакаат да ги занемарат своите макети на кои потрошиле многу време и енергија, а  немаат простор и соодветни услови за чување. Исто така добиваат можност нивното дело да биде изложено и во музејот и онлајн, а и можност да биде продадено. 80 отсто од парите од продажбата на макетата се за архитектот.

muzej-maketa-02_resize

Складиштето е објект во кој се чуваат и изложуваат повеќе од 600 макети доверени од повеќе од 30 архитекти и проектантски бироа.

„Архитектонските модели се вредни материјали кои ни даваат поглед на идеите и на  размислувањата на архитектите и проектантите, како и на процесот на градење зграда. Исто така се високоценети како уметничко дело со висок степен на совршенство. Културната вредност на макетите на моментално активните архитекти и проектантски бироа, како и на материјалите од модерната архитектура кои веќе привлекуваат внимание, ќе продолжи да се зголемува. Проектот Archi-Depot, покрај оперативното складирање макети, ја пренесува привлечноста и вредноста на архитектонската култура, вклучувајќи ги и архитектонските модели, преку изложби“, велат од Archi-Depot.

muzej-maketa-06_resize

Аrchi-Depot беше отворен за јавноста во јуни 2016 година. Проектот е дел од обемната реконструкција на магацинската област на брегот во центар за креативни индустрии.

Ова не е единствениот музеј кој чувува и изложува архитектонски макети. RIBA ја чува својата колекција во музејот Викторија и Алберт во Лондон, а познат е и музејот Ричард Мајер во Њу Џерси.

archi-depot-museum-for-architectural-models-japan_dezeen_2364_col_29-1704x2415_resize

archi-depot-museum-for-architectural-models-japan_dezeen_2364_col_38-1704x1136_resize

Archi-Depot-Tokyo-014_resize

archi-depot-museum-for-architectural-models-japan_dezeen_2364_col_2-1704x1121_resize

HIGH-1X_4156b60c_resize

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top