Насловна / Вести / Вештачката интелигенција нè прави глупави

Вештачката интелигенција нè прави глупави

Едно истражување покажало дека со користење на генерички јазични модели на вештачка интелигенција, познати како четботови, ризикуваме да станеме помалку интелигентни и да го загрозиме развојот на критичкото размислување, меморијата и јазичните вештини.

Студија од истражувачите на Масачусетскиот институт за технологија (MИT) открила дека луѓето кои се потпирале на ChatGPT за пишување есеи имале помала мозочна активност од оние кои го користеле сопствениот мозок.

Групата што користела ВИ, исто така, имала полоши резултати на серија тестови во споредба со оние кои самите ги пишувале есеите. Оние кои ја користеле ВИ, исто така, се мачеле кога морале да ги завршат задачите без да го користат четботот.

„Потпирањето на системите на ВИ може да доведе до пасивен пристап и намалено активирање на вештините за критичко размислување кога лицето подоцна само ги извршува задачите“, се наведува во трудот.

Истражувачите предупредиле дека наодите покренале „загриженост за долгорочните образовни импликации“ од користењето на вештачката интелигенција и во училиштата и на работното место.

Ова се приклучува на се поголем број трудови што сугерираат дека човечкиот мозок се исклучува кога користи вештачка интелигенција.

„Размислување исклучено“

Студијата на МИТ следела 54 лица од кои било побарано да напишат четири есеи. Учесниците биле поделени во три групи. Едната ги напишала есеите со помош на ChatGPT, друга користела интернет пребарувачи за да спроведе истражувања, а третата се потпирала исклучиво на сопственото знаење.

Потоа истражувачите им поставувале прашања за нивните есеи додека биле поврзани со таканаречени електроенцефалограми (ЕЕГ) кои ја мереле мозочната активност.

Оние кои се потпирале на ChatGPT, голем јазичен модел кој може да одговори на комплицирани прашања на едноставен јазик, „постигнале полоши резултати од нивните колеги во групата која ја извршила задачата самостојно на сите нивоа: невронско, лингвистичко, квалитативно“, навеле истражувачите.

ЕЕГ скенирањето покажало дека „поврзаноста на мозокот систематски се намалувала со количината на надворешна поддршка“ и била најслаба кај оние кои се потпирале на четботови за да им помогнат да ги напишат своите есеи.

Отчитувањата конкретно покажале намалување на„тета“ мозочни бранови, кои се поврзани со учењето и формирањето на меморијата, кај оние кои користеле четботови. „Во суштина, делот од мозокот за размислување и планирање беше исклучен“, се вели во студијата.

Влијанието на вештачката интелигенција било во спротивност и со резултатите на групата што користела интернет пребарувачи, што имало релативно мало влијание врз нивните резултати.

Од оние што користеле четботови, 83 отсто не успеале да наведат ниту еден точен цитат од своите есеи – во споредба со околу 10 отсто од оние што користеле пребарувач или сопствена моќ на мозокот.

Учесниците што се потпирале на четботови успеале да се сетат на многу малку информации од своите есеи, што укажува дека или не се ангажирале со материјалот или не го запаметиле.

Оние кои користеле пребарувачи покажале само малку пониски нивоа на ангажман на мозокот во споредба со оние кои пишувале без никакви технички помагала, како и слични нивоа на меморија.

Влијание врз „когнитивните мускули“

Добиените наоди ќе придонесат на се поголемата загриженост, дека четботовите предизвикуваат трајна штета на нашиот мозок.

Студија на „Мајкрософт“ и Универзитетот „Карнеги Мелон“, објавена во февруари, открила дека работниците пријавувале пониски нивоа на критичко размислување кога се потпираат на вештачка интелигенција. Авторите предупредија дека прекумерната употреба на вештачка интелигенција може да ги остави „когнитивните мускули“ „атрофирани и неподготвени“ за ситуации кога се потребни.

Наталија Космина, водечка авторка на студијата на МИТ, вели дека наодите покажуваат „забрзување на веројатното опаѓање на вештините за учење“ кај оние кои користат алатки за вештачка интелигенција додека учат или на работа.

Додека на групата која користела ВИ ѝ ило дозволено да користи четбот за своите први три есеи, од нив било побарано да се потпрат исклучиво на својот мозок во последната сесија.

Групата продолжила да покажува послаба меморија и вештини за критичко размислување, што, според истражувачите, ја истакнува загриженоста дека „честите корисници на алатки за вештачка интелигенција честопати го заобиколуваат подлабокото ангажирање со материјалот, што доведува до ‘атрофија на вештините’ во задачи како што се размислување и решавање проблеми“.

Есеите напишани со користење на ChatGPT исто така се покажле хомогени, и се повторувале слични теми и јазик.

Истражувачите напоменуваат дека четботовите можат да го зголемат „когнитивниот долг“ кај учениците и да доведат до „долгорочни последици, како што се намалено критичко истражување, зголемена ранливост на манипулација и намалена креативност“.

Наставниците предупредуваат дека учениците рутински мамат на тестовите и есеите користејќи четботови.

Истражувањето на Институтот за политики за високото образование покажало дека 88 отсто од студентите во Велика Британија користат четботови за да им помогнат со тестовите и учењето, а дека 18 отсто директно плагирале текст од јазични модели на ВИ во својата работа.

Испрати коментар

Scroll To Top