Насловна / Архитектура / Венециско Биенале 2021: Финскиот павилјон ја презентира историјата на префабрикуваните дрвени бараки

Венециско Биенале 2021: Финскиот павилјон ја презентира историјата на префабрикуваните дрвени бараки

На 17-тата Меѓународна архитектонска изложба La Biennale di Venezia, финскиот павилјон нуди приказ на историски моменти, кога една бегалска криза доведе до нов начин на градење и реконфигурација на домашниот простор низ концепт кој заврши на различни страни на светот. Насловена како „Нови стандарди“ (New Standards), оваа изложба подготвена од  Laura Berger, Philip Tidwell  и Kristo Vesikansa  ја раскажува приказната за Puutalo Oy, индустриска компанија специјализирана за префабрикувани дрвени објекти, поставувајќи нови стандарди за домувањето на 20-тиот век и создавајќи го најпопуларниот фински архитектонски извозен производ.

venezia1

venezia2

Формирана во 1940 година, како одговор на бегалската криза, кога голем број жители на руска Карелија преминале во Финска, компанијата Puutalo Oy брзо станува најголем светски производител на префабрикувани објекти. Националната криза се покажала како катализатор за иновации. Проектирањето на разновидните објекти – од куќи, училишта до деловни објекти, е развиено од страна на некои од водечките архитекти на Финска од средината на минатиот век. Станува збор за иновативни проекти со одлични решенија на просторот сокриен зад скромната надворешност. Флексибилноста на системот им овозможува нивна адаптација на различни климатски подрачја. За кратко време компанијата се свртува кон извозот, па веќе во средината на 50-тите години, овие објекти се присутни во над 30 земји, вклучувајќи ги Германија, Полска, Израел, Колумбија и Велика Британија. Флексибилноста и солидната изведба им овозможуваат на овие објекти да бидат во функција до денес. И градот Скопје сведочи за овие квалитети на финските бараки изградени како помош после земјотресот во 1963 година.

venezia3

venezia4

Изложбата го документира развојот на префабрикуваните објекти преку архивски цртежи, фотографии и рекламни постери. Серија од фотографии на Juuso Westerlund откриваат како тие се и денес населени, и тоа во различни делови на светот односно различни климатски опкружувања – од Финска до Колумбија.

Puutalo OY projekti

Испрати коментар

Scroll To Top