Вкупно 430 брендови и 180 излагачи од Македонија и странство ќе се претстават на 40. јубилејно издание на Саемот за мебел 2014, што започнува утре и ќе трае до недела на Скопски саем. Покрај домашните, ќе има и компании од Турција, Шведска, Србија, Хрватска, Италија и Словенија.
„По стагнација од две години, оваа година се бележи раст на бројот на трговци и производители на мебел кои ќе се претстават. Ова говори дека индустријата за мебел, која е важна индустриска гранка, доживува подем“, вели Даниела Глигоровска, директор на Скопски саем.
За првпат годинава ќе се одржи и работилница „Автентичен мебел-клуч за освојување нови пазари“ во организација на Скопски саем и Skopje Design Week, на која ќе се говори за стратешко инвестирање во дизајнот од страна на македонските производители на мебел, што би претставувало формула за успех за извоз на македонски мебел.
„Конкуренцијата меѓу домашните и странските производители на мебел е голема, оттука дизајнот е клучот за освојување на нови пазари. Потенцијалот на дизајн секторот е недоволно искористен“, изјави Александар Велиновски, од Skopje Design Week.
Во програмата е поместена и изложба насловена „Сјајност“ – Living smart on a Swedish way, на реномираната шведска авторка со српско потекло Александра Стратимировиќ. Според Стратимировиќ, изложбата нуди увид во современиот шведски дизајн на расветни тела од пет водечки компании. Авторката вели, иницијативата за изложбата е на Шведската амбасада во Сараево каде на крајот од минатата година била претставена постановката, и од каде доаѓа во Македонија.
Посетителите ќе може да ја посетат и изложбата на дрвени скулптури и уметнички слики на истакнатиот уметник Васе Урдин.
Оваа саемска манифестација се очекува да ја посетат околу 50 илјади граѓани.