Насловна / Арт и дизајн / Утре во Мала станица отворање на изложбата „Допирот“

Утре во Мала станица отворање на изложбата „Допирот“

Утре, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во 20 часот ќе биде отворена главната изложба на Допирот, дел од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, мултимедијален проект на кураторот Ана Франговска, а во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија, во партнерство со Британскиот совет и „Лукс“. Изложбата ќе биде поставена до 15 октомври 2021.

„Допирот“ е дел од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ и е петта презентација на програмата Идни Екологии во Западен Балкан. „Допирот“ се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта.

plakat Dopirot

Програмата на НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, на Западен Балкан започна на почетокот на 2020 година, кога беа селектирани шест куратори од регионот да развијат свои концепти за изложби во нивните земји. Одбраните куратори беа Ана Франговска од Северна Македонија, Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија. Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот.

Програмата НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ се состои од компилацијата од четири дела со подвижни слики од колекцијата на „Лукс“: Уриел Орлоу, „Muthi“, 2016; Луис Хендерсон, „All That is Solid“, 2014; Шарлот Проџер, „LHB“, 2017; Бен Риверс, „Urth“, 2016 и ќе бидe претставенa во рамки на македонскиот проект „Допирот“ заедно со делото на Бедвир Вилијамс „Ѕвезден гласник“, 2013, дел од колекцијата на Британскиот совет.

„Допирот“ вклучува и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, маргинализација, правење убавина од грдото и тоа: Кристина Пулејкова со проектот со подвижни слики и видео во виртуелна реалност „Место на спојување“, Велимир Жерновски со мултимедијалната инсталацијата „Зад црнилото“ и Елпида Хаџи-Василева со комплексната просторна инсталација „Silentio Pathologia“.

Изложбата ќе биде придружена со голем број активности со помош на кои ќе се продлабочи дебатата околу мошне актуелното и горливо прашање за заштита на животната средина и развивање на свеста со помош на уметноста како медиум, и тоа: отворени онлајн разговори со уметниците и кураторите, панел-дискусии, работилници за млади и возрасни поврзани со екологија и уметност на подвижни слики, работилница за инклузија на лица со посебни потреби, конференции, презентации на интердисциплинарна соработки помеѓу дивергентни факултети, кураторски водства низ поставката.

Проектот е овозможен благодарение на Британскиот совет и „Лукс“, а е потпомогнат и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top