Насловна / Арт и дизајн / Утре изложбата „Четриесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“

Утре изложбата „Четриесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“

Ретроспективната изложба „Четриесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ на една од најпознатите хрватски уметнички со меѓународна репутација, Власта Делимар, ќе се случи на 3. декември (четврток), 2020 година на плоштад „Македонија“ во Скопје, во 12 часот.

Оваа изложба со која се означува четридецениското творештво на Делимар е во кураторство на Ивана Васева и е дел од програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.

Kad je umro drug Tito 1980

Станува збор за прво претставување на Делимар во земјава и изложбата вклучува три видео перформанси: „Прошетка како Лејди Годива“, „Двајца мажи и една жена” и видео перформансот специјално подготвен за оваа изложба и насловен „Копнеж за Македонија“, кои ќе бидат прикажани на голем видео екран на плоштад Македонија. Овој видео екран е истовремено и изложбен простор кој може да биде и „бела“ но и „црна“ коцка и во овој случај е единствено место каде се случува ретроспективата на Делимар.

Изложбата во Скопје е дел од серијата изложби со кои Делимар одбележува 40 години од својата уметничка работа преку изложбена турнеја низ градовите на поранешна Југославија каде што работела на почетоците на својата кариера, во доцните 70-ти и 80-ти години на минатиот век.

Logo final

* * *

Власта Делимар (1956 година, Загреб) е една од најпознатите и најзначајните уметнички на денешнината. Таа е една од клучните фигури кои го дефинирале современиот перформанс низ призмата на сопственотот тело како медиум и содржина – женското, голо тело кое и во денешното општество сè уште не престанува да биде точка на контроверзии. Истражувајќи го во своето творештво феминитетот, женско-машките односи и стадиумите на животниот циклус – од младоста и желбата, преку партнерството и мајчинството, па сè до стареењето – во јавниот простор изнесува автобиографски наративи што го преиспитуваат разграничувањето помеѓу јавното и приватното и нормативите на политиката на идентитетот. Во 1977 година дипломирала на Факултетот за применета уметност во Загреб. Студирала историја на уметност и етнологија. Членува во Здружението на уметници на Хрватска и Здружението на хонорарни уметници на Хрватска. Делимар е уметничка директорка на организацијата „Мојата земја, Штаглинец” и е организаторка на Меѓународниот фестивал за перформанс во Штаглинец. Таа е бескомпромисна во критиките на идеологиите со кои се занимава во својата уметничка кариера што ја започнала во раните 70-ти години на минатиот век. Добитничка е на наградата „Седум секретари на СКОЈ“ во 1986 година. За себе вели дека не поддржува идентификација или припадност на која било идеологија, религија, политичка партија или држава, а се залага за човековите права, слободата на индивидуалноста, почитувањето на различностите и екологијата. Таа има богата интернационална кариера и досега се претставувала во Белград, Белфаст, Берлин, Болоња, Будимпешта, Бидгошчт, Бафало, Дуизбург, Франкфурт, Женева, Глазгов, Грац, Касел, Клагенфурт, Кјото, Лондон, Лион, Њујорк, Одензе, Париз, Питсбург, Квебек, Прага, Сараево, Сиднеј, Санкт Петербург, Солун, Тел Авив, Токио, Трст, Упсала, Виена, Вајмар, Загреб итн.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top