Насловна / Архитектура / Успешен архитект во Париз – роден во Белград, по потекло Македонец

Успешен архитект во Париз – роден во Белград, по потекло Македонец

Томислав Гаревски е еден од најуспешните архитекти од регионот кој работи во светот и тоа на повеќе континенти и во различни земји во Африка, Азија, Европа. Тој е автор на стотина хотелски комплекси, вили, претседателски палати, деловни објекти, конгресни центри од Париз до Џибути.

t1

Роден е во Белград, пораснат во населбата Чубура, на кои денови со задоволство и носталгија се сеќава. Таткото на Тома, (како што го викаат пријателите), Драган е Македонец и бил претставник на македонски фирми во Белград, а мајката Ружица, Еврејка, која ја преживеала Втората светска војна благодарение на тоа што била мажена за православец.

taif

Хотел во Таиф, Саудиска Арабија

Завршил гимназија и музичка школа, отсек хармоника, а по дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Белград и отслужување на воениот рок заминува во Париз да купи клавијатури. Клавијатурите му требале за летните тезги на Јадранско Море, но Париз има магија. Хемингвеј дошол во Париз на 15 дена и останал деценија, а Тома Гаревски по три месеца работа во бирото на архитектот Жан Баладир, купил клавијатури, но работата тргнала и била мошне примамлива за да ја остави и така останал во Париз.

AXE_Hotel_Sheraton_Al Hada_001

Хотел Шератон, Ал Хада, Саудиска Арабија

Во бирото на Балдир работел пет години. На почетокот, како што самиот вели, немал страв, но како повеќе се запознава градот стравот станувал поголем. Колку е тешко да се освои Париз, говори фактот што бил дел од тимот кој работел на проект за еден хотел во Виши. На конкурсот за хотелот неговиот труд влегол во потесниот избор од пет проекта, меѓу кои биле и проекти на Жан Нувел и на Рикардо Бофил. Нувел ја освоил првата награда, но Бофил со кој соработувал, му кажал на Гаревски дека неговиот проект бил најдобар, но за еден претседател на општина поважно било името од квалитетот.

антиб

Хотел Амбасадор, Антиб, Франција

Тогаш сфатил дека му е поисплатливо да работи во странство како француски архитект, а не во Франција да биде странец. Најпрвин морал да дипломира архитектура во Париз, бидејќи од белградскиот факултет му признавале само две години. Така и формално станал француски архитект, но тоа не му помогнало, бидејќи како што вели „во Париз не можеш да успееш ако немаш фамилија или влијателни релации“.

По Тома во Париз дошол и неговиот помлад брат Борис, исто така архитект. Веќе со децении имаат заедничко биро AXE Аrchitectes со седиште во Париз и на Азурната ривиера во Антиб.

мин

Министерство за внатрешни работи, Саудиска Арабија

Отпочнувањето со работа во светот за Тома значело дека прво работел во Либан и на Блискиот Исток. Имал пријатели Либанци кои му помогнале да добие работа во Бејрут. За Тома првите искуства во Бејрут биле мошне шокантни и интересни. Додека се школувал во Белград учел дека е голем успех да се испроектира што подобар проект на мал простор, на пример да се „спакува“ трособен стан во 70 квадратни метри. Во Бејрут имал нарачки трособен или четворособен стан да проектира на површина од 300 до 400 квадратни метри. Како што вели Гаревски „тоа се вика судир на светови во архитектурата“.

Овој архитект во Саудиска Арабија направил чудо. Му помогнал клучниот човек за капитални инвестиции во таа земја, кому му се допаднала работата и идеите на Гаревски. Така на висорамнина, среде пустина, подигнал резиденција – хотел по нарачка на саудискиот крал Калед, кој морал да биде готов за осум месеци и да биде нешто најлуксузно што видел светот.

тт

Хотел, Таиф, Саудиска Арабија

Тома имал неограничен буџет, но многу краток временски рок. Од темелите до кровот, хотелот Интерконтинентал во Ал Таиф е изграден за само осум месеци, во пустина, среде ништо. Кога по десет години, повторно дошол во Ал Таиф, не можел да го пронајде хотелот, околу него се изградил голем град. По кралот Калед, и неговиот наследник, кралот Фахад, сакал да работи со „најбрзиот архитект“ во светот. Блиску до Мека изградиле хотел Шератон и работел на уште многу проекти: палати, хотели, резиденции.

Следувале покани од други земји. Во Џибути работел 15 години, каде ја проектирал и претседателската палата, а со претседателот на Џибути останал пријател до денес.

џџ

Вила Борех, Џибути

Сите овие проекти му ги отворале вратите во Париз и на Азурната ривиера. Се смета дека Париз е врвот, а Тома соработува со многу богати институции и поединци.

02

Деловна зграда Марко Поло во близина на Антиб, Франција

Кога модната куќа Луи Витон одлучила да изгради своја деловна палата во париската авенија „Монтањ“, работата му припаднала на Тома Гаревски. Локацијата на која се наоѓа палатата Луи Витон е најексклузивниот дел на Париз, ужасно е скапа и предизвикала огромен интерес. На Витон им била важна адресата на локацијата поради престиж, така што изгледот на палатата морал да биде врвно репрезентативен. Инвеститор бил Марсел Буиг, кому му проектирале стан на последниот кат од објектот, од кој бил мошне задоволен. Денес Витон блеска со нови богати простори и ексклузивни ентериери, но во исто време мирно и рафинирано ја поддржува и на модерен начин ја збогатува атмосферата на елисејските булевари.

лл

Луи Витон, Париз

Тома за себе вели дека е како општ лекар, бидејќи како архитект од него постојано бараат да нaправи ова или она, убедени дека може да направи болница, хотел, луксузна палата, како и обична станбена зграда. Еднаш во Скопје, по земјотресот, учествувал на конкурс за проект за гробишта. Од друга страна, имал големо задоволство да добие можност да ја направи луксузната монографија „Ces belles mairies de France“, за најубавите општини во Франција во кои луѓето сакаат да се венчаат.

Тома Гаревски сè уште не успеал ништо да изведе во својот роден град Белград. Но предлагал многу проекти. Најпрво неколку деловни објекти, покрај зградата на „Политика“, каде што и денес се наоѓа празен простор. Предлагал деловна зграда спроти Собранието, направил проект за проширување на хотел на Авала. Го донел во Белград Ерик Хилтон за да истражат можност за изградба на хотел. Во моментов работи на проект за хотел кој ќе се наоѓа покрај аеродромот „Никола Тесла“ на Сурчин, затоа што Тома има огромна желба да остави трага во својот роден град.

Tomislav-Toma-Garevski-7-371x600

Деловен објект покрај зградата на „Политика“, Белград

„За сите големи зданија постојат многу строги архитектонски правила. Покрај тоа, мене отсекогаш ми било важно проектите што ги работам да ги вклопам во амбиентот и во филозофијата на околината, а ја користам историјата и локалната архитектура“, вели Гаревски.

Во бирото AXE Аrchitectes на Томa има оддел – галерија во која се сместени сликите на неговите пријатели сликари – од Владимир Величковиќ, Љуба Поповиќ, Петар Омчикус, Бата Михајловиќ до Милош Шобајиќ и скулптурите на вајарот Никола Коља Милуновиќ.

1

Томислав Гаревски и Владимир Величковиќ

„Мојот прв пријател меѓу сликарите беше Ѓоко Ивачковиќ, архитект по образование, исто како и Величковиќ. Така, многу брзо, создадов пријателства и со другите наши сликари. Моето биро често беше место на дружење. Љуба Поповиќ живееше на околу 200 метри и секогаш доаѓаше пеш. Величковиќ практикуваше на пат кон своето ателје, да запре со автомобилот и да дојде во моето биро. Бата ​​Михаиловиќ беше мојот пријател од Чубура и имав посебен начин на комуникација со него. Петар Омчикус многу сакаше да го посетувам. Со Милош Шобајиќ останав пријател до последниот ден. Сите бевме неразделни на слави, во Центарот за култура на Србија, на изложбите на секој од нив. Направивме сè што можевме еден за друг, без трошка размислување или интерес. Како спомен на тоа време, во мојата канцеларија остана вистинска галерија со нивните дела, кои ги добив како пријателски подарок. Така би можело да се каже дека и денес се дружиме“.

t2

AXE Аrchitectes, Париз 

Испрати коментар

Scroll To Top