Насловна / Архитектура / Успеале да ја совладаат пропорцијата и играта со големината и волуменот на просторите

Успеале да ја совладаат пропорцијата и играта со големината и волуменот на просторите

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, на 3 март оваа година во Чикаго, г-динот Том Прицкер (Tom Pritzker), претседавачот на Хајат Фондацијата (The Hyatt Foundation), ги прогласи лауреатите на овогодишната Прицкерова награда: Ивон Фарел (Yvonne Farrell,1951) и Шели Макнамара (Shelley McNamara, 1952) од Дублин, Ирска. Со ова тие станаа 47-миот и 48-миот добитник на најпрестижната награда за архитектура во светот. Тие се првите лауреати на оваа награда од Ирска, првите две жени добитнички заедно, како и 4-тата и 5-тата жена добитничка на наградатa по Заха Хадид (Zaha Hadid) во 2004 година, Казујо Сеџима (Kazuyo Sejima) во 2010 година и Карме Пигем (Carme Pigem) во 2017 година.

graftonarchitects_resize

Почетоците на соработката помеѓу Ивон Фарел и Шели Макнамара може да се проследат скоро пет децении наназад кога тие се запознале како колешки студентки на Школата за архитектура при Универзити Колеџ Даблин (School of Architecture, University College Dublin). По завршувањето на студиите во 1976 година на обете им било понудено да предаваат на Факултетот каде што тие тоа и го сториле во текот на наредните 30 години сè до 2006 година, за подоцна во 2015 година да бидат назначени за професори од пракса. Според Фарел: „Наставата за нас отсекогаш била паралелна реалност. И тоа е начин за да се дестилира нашето искуство и да се подари на другите генерации коишто доаѓаат за тие да ја играат улогата во подемот на таа култура. Така, тоа е двонасочен процес, ние учиме од студентите и се надеваме дека и студентите учат од нас.“

un_luigi_bocconi_milano_resize

Универзитетот Луиџи Бокони во Милано

И покрај наставниот ангажман желбата да се практикува архитектурата резултирала во основањето на архитектонското биро Графтон архитектс (Grafton Architects) во 1978 година. Фарел и Макнамара влегле во партнерство со уште три колеги за да го основаат ова ателје кое невообичаено, наместо според имињата на партнерите, било именувано според улицата на којашто се наоѓало со што се обиделе да дадат приоритет на постоењето на местото наместо на личностите.  Долгорочно од петте оригинални партнери основачи на бирото останале само тие двете.

urb_institut_dablin_resize

urban_inst_dablin_resize

Урбанистичкиот институт на Ирска 

Првите 25 години од професионалната пракса се фокусирале на објекти во рамките на нивната татковина за потоа нивното делување во доменот на архитектурата да се интернационализира преку објектот нa Универзитетот Луиџи Бокони (Universita Luigi Bocconi) во Милано, Италија (2008), за којшто станале добитници на Наградата за најдобар објект во светот за 2008 година (World Building of the Year) на инагуралнот Светски фестивал на архитектура (World Architectural Festival) во Барселона. По ова следувале низа на високо признаени меѓународни проекти низ светот.

DG_-_Student_Housing_-_House_02_and_House_03_resize

Медицинската школа при Универзитетот во Лимерик

Во доменот на нивното творештво во Ирска особено се истакнуваат: Домувањето на Норт Кинг улицата (North King Street Housing) во Даблин (2000), Урбанистичкиот институт на Ирска (Urban Institute of Ireland) при Универзити колеџ Даблин во Даблин (2002), Лорето комунити школата (Loreto Community School) во Милфорд (Milford), Ирска (2006), Солстице центарот за уметности (Solstice Arts Centre) во Наван (Navan), Ирска (2007), Канцелариите на Министерството за финансии (Offices for the Department of Finance) во Даблин (2009),  Медицинската школа при Универзитетот во Лимерик (Medical School, University of Limarick), Лимерик, Ирска (2012), како и Градската библиотека во рамките на Културниот кварт на Парнел плоштадот (Parnell Square Cultural Quarter, City Library) во Даблин во изградба.

univerz_kampus_lima_resize

Универзитетскиот кампус УТЕЦ Лима 

На меѓународен план покрај веќе споменатиот Универзитет Луиџи Бокони во Милано особено се истакнуваат Универзитетскиот кампус УТЕЦ Лима (University Campus UTEC Lima) во Лима, Перу, добитник на инагуралната Меѓународна награда на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA International Prize, 2016), Школата за економија при Универзитетот Тулуз 1 Капитол (School of Economics, Université Toulouse 1 Capitole) во Тулуз, Франција (2019), Институтот Минес Телеком (Institut Mines Télécom) во Париз (2019), Зградата на градската куќа при Кингстон универзитетот (Town House Building, Kingston University) во Кингстон упон Тајмс (Kingston upon Thames); Велика Британија (2019), како и објектот за Лондонската школа за економија и политички науки (London School of Economics and Political Sciences) во Лондон во изградба.

Mines Telecom_2_resize

Институтот Минес Телеком во Париз 

Г-дин Том Прицкер истакна: „Како архитекти и едукатори од 1970-тите години, Фарел и Макнамара создаваат простoри коишто веднаш стануваат почитувани и нови, оддаваат почит кон историјата додека укажуваат на мајсторство во домент на урбаната средина и уметноста на градење. Балансирајќи ја силата и деликатноста, и почитувајќи ја вредноста на контекстот на локацијата, нивните академски, јавни и културни институции, како и станбените комплекси, резултираат во модерни и забележителни реализации коишто никогаш не се повторуваат или имитираат, но се одлучен одраз на нивниот архитектонски израз.“

Се смета дека тие се инспирирани од нивната татковина Ирска, остров богат со планини и карпи којшто веројатно влијаел врз создавањето на чувството на сензибилитет кон географијата, промените на климата и природата на секој нивен објект. Како резултат на ова нивните објекти се сметаат за скромни, но богати во однос на нивната намена, коишто истовремено ги подобруваат градовите и одржливоста, а и ги задоволуваат локалните потреби. Ваквиот пристап, на пример во случајот на Универзитетскиот кампус УТЕЦ Лима, резултирал во вертикален објект којшто е одраз на локацијата и на климатските потреби. Имено, во овој случај  локацијата на кампусот била помеѓу голема сообраќајница од една страна и станбена населба од другата страна. Како одговор на климатските потреби во рамките на објектот биле вклучени отворени простори поставени така за да ги прифатат свежите ветрови од Пацификот и на тој начин да се намали потребата за климатизација на објектот.  За нив исто така се смета дека успеале да ја совладаат пропорцијата и да постигнат интимни простори во рамките на високи и огромни објекти, како и играта со големината и волуменот на просторите, овозможувањето на пристап на природна светлина од повеќе места, како и обид за отсликување на пејзажот преку формата на објектот. Дополнително примената на природното осветлување не само што го заживува просторот туку и го одразува изминувањето на времето додека ја поврзува внатрешноста и надворешноста на објектите.

bocconi_5_resize

Универзитетот Луиџи Бокони во Милано

За овогодишното жири Ивон Фарел и Шели Макнамара се наградени со Прицкеровата награда за 2020 година: „Заради нивниот интегритет во нивниот пристап и кон нивните објекти и заради начинот на однесување на нивното биро, нивната верба во соработка, нивната несебичност кон нивните колеги, особено како што било евидентно на настани како Биеналето во Венеција во 2018 година, нивната несопирлива посветеност кон одличност во архитектурата, нивниот одговорен начин кон животната средина, нивната способност да бидат космополитски, додека ја прифаќаат уникатноста на сите места во коишто работат, за сите овие причини и повеќе.“

lima_resize

Медицинската школа при Универзитетот во Лимерик

Според Макнамара „Архитектурата е рамка за човечкиот живот, таа нè анкерисува и нè поврзува со светот на начини на кои веројатно ниту една дисциплина за креирање на простор не го може. Во центарот на нашата пракса е вистинското верување дека архитектурата значи нешто. Тоа е културно просторен феномен измислен од луѓето“.

Во своите коментари по повод наградата, Фарел нагласува дека „Архитектурата може да се опише како една од најкомплексните и најзначајните културни активности на планетата. Да се биде архитект е исклучителна привилегија.  Да се добие оваа награда е прекрасно одобрување на нашето верување во архитектурата.  Ви благодарам многу за оваа голема почест.

univerz_tuluz_resize

Школата за економија при Универзитетот Тулуз 1 Капитол 

Кон овие согледувања се надоврзува и Макнамара за која: „Во рамките на етосот на една пракса како нашата, ние честопати се боревме да најдеме простор за имплементацијата на такви вредности како хуманизам, занает, великодушност и културна поврзаност вo секое место и контекст во коишто работиме. Затоа е исклучително задоволство дека ова признание ни е дадено нам и на нашата пракса и за опусот којшто ние успеавме да го реализираме во долг временски период. Тоа исто така е прекрасно признание за амбицијата и за визијата на нашите клиенти коишто нè ангажираа и ни овозможија да ги реализираме нашите објекти.“

kingston_univ_resize

Town House Building, Kingston University

Лауреатите на овогодишната Прицкерова награда се Заслужни членови на Кралскиот институт на архитектите од Ирска (Fellows of The Royal Institute of Architects of Ireland – RIAI) и Меѓународни почесни заслужни членови на Кралскиот институт на британските архитекти (International Honorary Fellows of Royal Institute of British Architects – RIBA). Тие биле претходни носители на Професурата Кензо Танге (Kenzo Tange Chair) при Харвард постдипломската школа за дизајн (Harvard Graduate School of Design, 2010) и Професурата Луис Кан (Louis Kahn Chair) при Универзитетот во Јел (Yale University, 2011) и предавале на многу други институции вклучително со Федералната политехничка школа во Лозана (École Polytévhniqué Federale de Lausanne) и Академијата за архитектура во Мендрисо (Accademia di Architettura di Mendrisio – ААМ), Швајцарија.

finas_dablin_resize

Министерството за финансии во Даблин 

Нивното биро Графтон архитектс е добитник на Наградата сребрен лав на Биеналето во Венеција во 2012 година (2012 Biennale di Venezia Silver Lion Award) за изложбата „Архитектурата како нова географија“ (Architecture as New Geography), додека Фарел и Макнамара биле назначени за кокуратори на 16-тата Меѓународна архитектонска изложба, Биеналето во Венеција (16th International Architecture Exhibition, la Biennale di Venezia) во 2018 година на тема „Слободен простор“ (FREESPACE). Тие се добитнички на Џејмс Гандон медалот за животно постигнување на Кралскиот институт на архитектите на Ирска (RIAI James Gandon Medal for Lifetime Achievement) во 2019 година и добитници на Кралскиот златен медал на Кралскиот институт на британските архитекти (RIBA Royal Gold Medal) во 2020 година.

loreto_resize

Лорето комунити школата во Милфорд 

milano_resize

 

Универзитетот Луиџи Бокони во Милано

kingston_resize

Town House Building, Kingston University

london_resize

Школа за економски и политички науки, Лондон

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top