Авторското дело на „Проарх“, проектот Subterram е обликуван како летно засолниште за големо семејство, сместено помеѓу лозјата на карпестиот брег и боровите шуми на островот Хвар во Хрватска.

Обемната проектна програма сугерирала голема градба, што не било опција во деликатна и недопрена медитеранска околина. „Намерата беше да не се влијае на локацијата и да се исполни задачата“, нагласуваат архитектите.

Фокус на беспрекорна интеграција
Парцелата на која е сместен проектот Subterram е доста правилна, правоаголна по форма, свртена кон југ и морето, но со централен дел кој не бил во сопственост на клиентите, па затоа проектот морал да ја прифати оваа неповолна ситуација и да го заобиколи централниот дел од парцелата.

„Идејата на проектот беше да се фокусира на беспрекорна интеграција, да го лишиме нашето архитектонско его од фасада и да дадеме приоритет на просторот, а не на формата“, наведуваат архитектите, додавајќи дека стрмната падина укажувала на развој на основите во каскадна форма, повлечени една од друга, следејќи го природниот пад на теренот.

„Структурата е вкопана во падината, па архитектурата изгледа речиси камуфлирано, користејќи ја грубата камена површина како кров, претопувајќи се со околниот карпест пејзаж и чувувајќи ја природната естетика на островот. Структурата е испрекината со повеќе правоаголни отвори кои служат како тераси и атриуми“, велат од „Проарх“.

Куќата е развиена на две нивоа – ниво на спални соби и ниво на дневен боравок. Горното ниво се состои не само од спални соби со бањи, туку и од фитнес центар, спа центар и „lounge“ зона со тераси и атриуми.
Долното ниво се состои од голема дневна соба, трпезарија, кујна, надворешен „lounge“ и трпезариски простор, кино сала, разни простории за складирање и помошни простории. Зоната дневен боравок/трпезарија има голема покриена тераса која се протега во голема отворена тераса со базен.

Одржливост и минималистички дизајн
Како што истакнуваат архитектите, главните предности на структурата се одржливоста и минималистичкиот дизајн: „Распоредот на терасите и атриумите овозможува пасивно ладење (притисокот на топол и ладен воздух обезбедува природна размена на проток на воздух), така што регулирањето на свежиот воздух и температурата е можно без употреба на климатизација.“

Зачувувањето на топографијата со користење на локален камен како материјал за кров сугерира еколошки пристап, додека остро исечените, правоаголни отвори се во контраст со органската текстура на околните карпи. Овие отвори и дворови внесуваат природна светлина и вентилација во внатрешните простори, создавајќи приватни надворешни простори.

Првите награди пристигаат
„Конструкцијата е од бетон, што останува завршна обработка во ентериерот, нагласувајќи го подземното и сировото чувство“, додаваат на крајот од студиото „Проарх“, кое со проектот Subterram неодамна влезе во финалистите на Светскиот фестивал на архитектура 2025 (World Architecture Festival -WAF), а кој се одржува во ноември во Мајами Бич, САД.


Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија