Насловна / Архитектура / Стирлинг 2022 за библиотеката на Модлин Колеџот во Кембриџ од Наил Мек Лахлин Архитекти

Стирлинг 2022 за библиотеката на Модлин Колеџот во Кембриџ од Наил Мек Лахлин Архитекти

Во церемонија пренесувана во живо на веб-страницата на Кралскиот институт на британски архитекти, на 13.10.2022 беа презентирани шесте селектирани објекти влезени во најтесниот избор за 26-тата по ред Стирлингова награда и беше прогласен овогодишниот добитник: Новата библиотека на Модлин Колеџот во Кембриџ од Ниал Мек Лахлин Архитектите.

18_resize

Овој нов објект се наоѓа во рамките на парцелата на 700 години стариот Модлин Колеџ при Универзитетот во Кембриџ лоциран во центарот на градот покрај реката Кам. Новата библиотека која ќе работи 24 часа на ден е поставена до претходната Пепис библиотека, заштитен објект на градителско наследство од прва категорија,  изграден во 17-тиот век кој веќе не ги задоволува современите барања. Покрај библиотеката, во рамките на овој објект со површина од 1.525 м2 сместени се и архив и уметничка галерија.

7_resize

20_resize

Од урбанистичко-архитектонски аспект, местоположбата на Новата библиотека во комбинација со претходно изградените објекти на локацијата придонесува кон создавање на иден нов внатрешен двор со којшто урбаната морфологија во рамките на Колеџот повторно се надоврзува на оригиналните монашки корени карактеризирани со меѓусебно надоврзувачки блокови, каде објектите оформуваат внатрешни дворишта.

6_resize

19_resize

Преку својот архитектонски пристап Неил Мек Лахлин Архитектите искажуваат почит кон богатата историја на окружувањето на Новата библиотека. Тие успешно искомбинирале ѕидови од носиви тули, коси кровови со калкани, прозорци врамени во рамки од камен и оџаци од тула. Сето ова ја анимира силуетата и обликувањето на објектот со современи елементи на одржлив дизајн за да се создаде објект кој ќе го издржи тестот на времето.

8_resize

Архитектурата на новата библиотека ја карактеризира контрастот помеѓу отвореноста и интимноста која вешто ја реализира визијата на архитектот за градба која полека се издига кон небото. Посетителите се пречекани со елегантна фасада од тула и привлечни големи дрвени врати коишто се отвораат кон скалест внатрешен ентериер од дрво исполнет со светлина. Влезниот хол со висина еквивалентна на три ката води кон читалната со двокатна висина. Регуларната мрежа на оџаци од тула ја носи меѓукатната дрвена конструкција и полиците за книги и го поттикнува движењето на топлиот воздух нагоре за да овозможи природна вентилација на објектот. Помеѓу секои од четирите оџаци постои голем свод со натсветло.  Меѓусебно поврзаните коридори на горното ниво по источната фасада на објектот овозможуваат визури кон Колеџот, градините и реката Кам.

13_resize

Организацијата на внатрешниот простор е дефинирана од конструктивната мрежа на објектот која промовира создавање на атрактивна низа на простори: широки зони за читалните и просторите за учење во група и потесни зони за скалите и полиците за книги. Решението исто така создава низа од простори за индивидуално учење со маси поставени во рамките на ниши со прозорци, затскриени во приватни ниши или пак поставени во рамките на споделени зони преку што е овозможено студентите да си изберат место за учење или издвоено или пак во рамките на нивната група во зависност од нивните желби.

14_resize

Овој современ објект користи едноставен, но високоефикасен систем за пасивна вентилација и стратегија за природно осветлувања со цел да се намали потрошувачката на енергија во комбинација со инженерска дрвена конструкција со која се намалува количеството на вграден јаглерод во истиот. Објектот исто така е добитник на Наградата на архитектура на Источниот Регион на Кралскиот институт на британските архитекти за 2022 година и на Националната награда за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти за 2022 година.

11_resize

Претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти, Сајмон Алфор, говорејќи во името на жирито за Стерлинговата награда за 2020 година вели:

„Уникатна локација со јасна намена – Новата библиотека при Модлин Колеџот е софистицирана, обилна, архитектура изградена за да трае.

Да се создаде нов објект кој ќе трае најмалку 400 години е значителен предизвик, на којшто Ниал Мек Лахлин Архитектите одговориле со исклучителна умешност, грижа и одговорност.

Резултатот е солиден и самоуверен, но сепак нешто поинаков вид на блок на колеџ.

15_resize

Исполнето со светлина, внатрешното уредување преку топлината на дрвото го издига духот и промовира поврзување. На студентите им е понудена спокојна секвенца на меѓусебно поврзани простори каде и тие, и идните генерации, ќе можат и да размислуваат и да се собираат, уживајќи во тоа и заедно и поединечно.  Сеопфатната определба да се изгради нешто што ќе го издржи тестот на времето може да се почувствува во секој материјал и детал, и од секоја гледна точка. Ова е пример за тоа како да се изгради објект кој долго ќе опстои.

Добро дизајнираните простори во голема мерка го подобруваат успехот на студентите и нивната добросостојба. Овие би требало да бидат правилата за сите студенти и учители во сите места за образование, без исклучок.

Како што универзитетите ширум светот работат напорно за да се позиционираат себеси на постојано растечкиот пазар за високо образованое, инвестирањето во исклучителни објекти е есенцијално. Ова е модел за пример кон кој треба да се стреми“.

16_resize

Дополнително, Би-би-си ја пренесува изјавата на библиотекарот на Модлин Колеџот, д-р Маркус Ваите, според кој на архитектот му било дадена „невообичаено предизвикувачко барање: да изгради објект на периферијата на една од најсензитивните историски локации во Кембриџ, и да го стори тоа без да создаде несоодветен или непосакуван ефект“. Според д-р Ваите, ова резултирало „во инспиративна градба – која ќе ги поттикне нашите додипломци да се стремат за високи достигнувања“.

Исто така, според Би-би-си, архитектот, г-динот Мек Лахлин изјавил дека Колеџот по прв пат ја освоил годишната награда за архитектура и ја нарекол Библиотеката „творба на многу раце и многу умови“. Тој додал: „Ние знаевме дека градиме за клиент мотивиран да го постигне најдобриот исход. Нашата одговорност кон историјата и идниот развој на оваа образовна заедница беше јасна. Од нас беше побарано да градиме за долгорочна употреба користијќи ги разумно сегашните ресурси.“

17_resize

Другите пет објекти влезени во најтесниот избор за Стирлинговата награда за 2022 година се:

  • 100 Ливерпул Стрит во Лондон од Хопкинс Архитектите за Бритиш Ланд;
  • Форт Вали Колеџ, Фалкирк Кампус во Филкирк, Шкотска, од Реиах и Хол Архитектите за Форт Вали Колеџ оф Фурдер анд Хајер Едујукејшн;
  • Хакни Њу Примари Скул анд 333 Кингсленд Роад во Лондон од Хенли Халеброун за Доунхам Роад Лимитед;
  • Орчард Гарденс, Елефант Парк во Лондон од Пантер Хадспит Архитектс за Лендлизе; и
  • Сандс Енд Артс анд Комунити Центре во Лондон од Мае за Хамерсмит и Фулам Коунсилс.

10_resize

Најстарите англиски високообразовни институции, колеџите и универзитетите во Оксфорд и Кембриџ, отсекогаш биле инвеститори на исклучителни објекти преку кои тие со векови успевале да ја зголемат не само атрактивноста на својата понуда и да го збогатат градителското наследство на просторите на коишто опстојуваат, туку и да ги подобрат условите за учење на нивните студенти и инструктори, а коешто се искажува и преку искажаните резултати и фактот дека овие два универзитети опстојуваат како едни од најдобрите образовни институции во светот.

2_resize

Новата библиотека на Модлин Колеџот во Кембриџ не само што ја следи оваа градителска традиција туку и го трасира патот за идните градби кои преку одличноста на  архитектурата придонесуваат за искажаните резултати на овие академски институции, создавајќи трајни градителски вредности со кои се збогатуваат не само матичните организации туку и градовите во коишто се наоѓаат придонесувајќи и за нивната туристичка атрактивност. Можеби по околу половина век, идните генерации ќе ги слават архитектонските квалитети на идната библиотека на Модлин колеџот со која ќе се замени Новата библиотека.

3_resize

1кат_resize пр_resize

*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија

мк

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top