Насловна / Архитектура / Стефано Боери ќе обновува археолошки локалитет во Драч, Албанија

Стефано Боери ќе обновува археолошки локалитет во Драч, Албанија

Stefano Boeri Architetti и малтешката компанија SON Architects се прогласени за победници на конкурсот организиран од албанското Министерство за култура и развојната фондација AADF за конзервација, презентација, подобрување и планирање на археолошки локалитет во центарот на Драч, на 33 километри од Тирана.

tirana

Освен што ќе се грижат за ископувањата на римскиот амфитеатар, византискиот форум и римската бања, победниците на натпреварот ќе бидат одговорни и за проектирање на низа урбани патеки со цел повторно поврзување на главните историски локации со брегот на ова познато јадранско пристаниште.

Амфитеатарот, кој датира од почетокот на вториот век, сведочи за долгата историја на градот и покрај неговата запуштена состојба, главно поради недостаток на финансии, оваа локација привлекува околу 20 илјади посетители годишно, пишува ArchDaily.

tirana1

Предложениот систем на патеки има за цел да ја интегрира локацијата во моментално фрагментираната урбана ткаенина и да ја нагласи нејзината важност со тоа што областа ќе биде подостапна и за жителите на градот и за посетителите.

Покрај амфитеатарот, во реновирање се и римските бањи и византискиот форум. Римските бањи зафаќаат површина од околу 700 метри квадратни, а повеќе згради на оваа локација чекаат ископување.

tirana2

Остатоците од поранешниот византиски форум зафаќаат околу 2.530 квадратни метри и моментално се одвоени од претходната локација со долга неископана лента, а и двете од овие локации се затворени за јавноста.

За време на проектот, Stefano Boeri Architetti и SON Architects тесно ќе соработуваат со релевантните владини агенции, како и со конкретни чинители од националниот и регионалниот јавен сектор, невладините организации, академската заедница и приватниот сектор и релевантните универзитети.

“Амфитеатарот мора да излезе на виделина во сета своја величественост и да стане дел од културната мапа на Драч, со цел да ги поврзе сите градски споменици преку мрежа од патеки. Драч има исклучително археолошко богатство и има уште многу да се открие, но сите патишта треба да не водат до амфитеатарот“, рече Елва Маргарити, министерка за култура на Албанија.

tirana3

Оваа иницијатива го потврдува интересот на компанијата на Стефано Боери за археолошкото наследство, како што е веќе изразено преку проектите Domus Aurea во Италија и археолошкиот парк Ostia Antica.

Откако отвори канцеларија во албанскиот главен град во 2015 година, Stefano Boeri Architetti даде активен придонес за архитектонската сцена на Албанија со развивање на Генералниот локален план на Тирана, вклучувајќи го и проектот за вертикална шума во рамките на мастер планот Тирана 2030 година, како и планот за трансформација на училиште во простор за мешана употреба.

Испрати коментар

Scroll To Top