Во центарот на Краков, се наоѓа стан од 80 квадратни метри како омаж на филмската естетика и современата уметност. Со розови фуги, терацо детали и решенија прилагодени на домашно милениче, овој ентериер покажува дека ниеден квадрат не мора да биде обичен.
Уредувањето на станот за креативен пар во полскиот втор по големина град, Studio Butterfly го сфатил како можност да ја претвори секоја ситница во дел од визуелната нарација.

Инспирирани од филмовите на Вес Андерсон, американски филмаџија, чии филмови се познати по својата ексцентричност и уникатните визуелни и наративни стилови – тие го проектирале ентериерот како пастелен сценски сет во кој и шолјите за кафе и саксиите за цвеќе се однесуваат како актери со јасно доделени улоги.

Кујна што има…проектор?
Срцето на станот е кујната – не поради нејзините димензии, туку поради неочекуваните одлуки.
Наместо вообичаениот остров, централното место го зазема голема трпезариска маса, додека спуштениот таван крие сè што не е естетски пожелно: инсталации, неправилности, па дури и проектор и платно.

Најнеобичен детаљ? Фугите. Наместо стандардната бела, употребена е розова боја која ги поврзува плочките како конец и му дава на ентериерот разигран карактер кој асоцира на слатки.

Терацо како лајтмотив
Сопствениците се големи обожаватели на терацо, па затоа овој материјал е присутен насекаде – во бањата, на работните површини, во форма на саксии, па дури и како акцент на мебелот.
Неговата шарена, непредвидлива текстура ја ублажува монотонијата на пастелните површини и му дава на просторот нота на тактилна топлина.
Пастелните тонови и мебелот инспириран од полскиот дизајн од средината на 20. век дополнително го поврзуваат старото и новото, претворајќи го функционалниот стан во интимна галерија од бои и материјали.

Дизајн прилагоден за мачка
Покрај естетиката, внимание е посветено и на функционалноста како за луѓето, како и за еден крзнен член на домаќинството – миленичето на сопственикот на станот.
Во бањата се наоѓа скриена кутија за тоалет, додека во ѕидот е направена мала дупка што ѝ овозможува на мачката непречен и слободен премин.
Сите домашни апарати и простор за складирање се внимателно скриени, со цел да се одржи визуелниот минимализам.

Баланс на интензитет и смиреност
Во спалната соба доминираат нијанси на сина боја, која служи како позадина за оригиналниот тапацир на креветот и геометриски форми инспирирани од графичката уметност.
Овалните огледала и челичните столбови додаваат скулпторски допир, создавајќи простор што ги балансира интензитетот и смиреноста.

Секој детаљ е кадар
Проектот во Краков докажува дека ограничувањата како што се ниските тавани или релативно малата квадратура можат да станат поттик за креативност.
Комбинацијата од современ полски дизајн и винтиџ естетика создава стан каде што можете да живеете како на филм. Без страв од боја и со многу внимание на деталите, овој ентериер го слави дизајнот како секојдневно задоволство.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија