Насловна / Вести / Стан на младо семејство, каде што дневната соба е детско игралиште

Стан на младо семејство, каде што дневната соба е детско игралиште

Сопствениците сакале просторот на дневната зона да биде што е можно поголем, па затоа му додале простор на една детска соба. Така добиле место за дружење на целото семејство, доволно големо за сите активности на нивните деца – од играње до свирење пијано и пишување домашни задачи во опуштена и мотивирачка средина.

Пространиот трособен стан од 110 квадратни метри има многу удобен и рафиниран ентериер, а привлекува внимание главно поради својот концепт. Сопствениците сакале нивните деца да имаат доволно простор за игра во станот, па затоа додале детска соба во дневниот простор, кој сега изнесува 50 квадратни метри.

Нивната намера била децата да можат да си играат во секој агол од станот, вклучувајќи ја и нивната спална соба, каде што е издвоен дел само за тоа, но најмногу во дневната зона.

За нивните идеи, кои ги развиле со архитектите од HAO Design Studio од Тајван, бил потребен повеќе простор и го срушиле ѕидот кон детската соба. Покрај дневната соба, станот содржи и поголема детска соба и главна соба за родители, гардеробер, ходник и бања.

Вистинско мало детско игралиште создадено во дневната соба им овозможува на родителите да учествуваат во играта со децата и да бидат присутни и достапни за децата во секое време кога не се на работа. На овој начин, додека подготвуваат ручек или гледаат телевизија, тие истовремено комуницираат со децата додека тие играат, вежбаат свирење на пијано, цртаат, пишуваат, танцуваат…

Бидејќи сопствениците се љубители на природата, станот е опремен претежно со дрвен мебел, а целиот е исполнет со растенија. Особено е атрактивна  вдлабнатината во трпезариската маса, која станала жардиниера за цвеќе и висечка градина над кујнскиот остров каде што сопствениците садат зачини.

Во ентериерот доминираат светли, суптилни и смирувачки нијанси на бела, сива и зелена боја, исполнети со дизајнерски и мебел по нарачка, што го прави овој простор уникатен.

Испрати коментар

Scroll To Top