Насловна / Вести / Сообраќајната инфраструктура во Тетово во хаос

Сообраќајната инфраструктура во Тетово во хаос

Во целост ви ја пренесуваме сторијата „Сообраќајна инфраструктура – ниеден тетовски градоначалник не успеа да ги заврши проектите почнати во минатиот век“ на новинарот Зоран Димовски објавена на порталот Македонски медиа сервис ммс.мк

Трите булевари во градот чекаат неколку децении некој целосно да ги пробие, а бројот на возилата постојано се зголемува и, според последните податоци, во Тетово ги има повеќе од 60.000, но се движат по дотраени и пред се’ тесни сообраќајници од кои дел се почнати да се градат и пред речиси четири децении, но се уште не се завршени докрај.

Во Тетово со години локалните власти не изградиле и пуштиле во употреба нова улица или тротоар. Иако населението и бројот на возилата секоја година се зголемуваат, сообраќајната инфраструктура повеќе од една деценија е во иста состојба. Низ годините, во Тетово или само се санираат ударните дупки, се асфалтира по некоја улица, или, пак, се прават обиди да за отвори нов пат, но не се завршува докрај, односно не се става во функција.
Како последен пример е патот што се изгради позади Клиничката болница во Тетово, долж реката Пена, кој требаше хоризонтално да го поврзе овој дел на градот и да овозможи полесен приод на пациентите до болницата. Градежните работи запреа, а Општината не дава образложение зошто оваа собраќајница, која сега е обрасната со со трева и трње, не ја реализира докрај.

Многу ветено, малку реализирано

Сите досегашни власти досега го забораваа дури и дореализирањето на најзначајните сообраќајници во градот кои преставуваат главни артерии – булеварите Илинденска, Индустриска и Благоја Тоска.Овие сообраќајници во сегашната состојба, односно непробиени, се изградени во 80-тите односно 90-тите години на минатиот век. За нив властите даваа безброј ветувања, но на терен досега нема изработено ништо.

1

Булеварот „Благоја Тоска“

Уште минатата година, Општината вети дека годинава со сигурност ќе се започне да се пробива булеварот „Индустриска“ во делот кај спортскиот центар. Истакнаа дека таму била при крај експропријацијата и со кредити од странски фондови овој булевар ќе се заврши. Помина една година, но од ветувањето ништо не се оствари. Сега општинските власти велат дека проектот со пробивање на „Индустриска“ ќе почека, затоа што приоритет ќе му дадат на булеварот „Благоја Тоска“, каде што исто така, според нив, експропријацијата била при крај. Но и таму нема никакви градежни активности. Пред неколку недели беше урнат само еден ѕид од стара градба каде што треба да поминува улицата, но наместо да се пробие, сега ова место предвидено за булевар се користи за паркинг. Не се исполни ниту ветувањето за пробивање на овој булевар во делот кај тетовската касарна, со што значително ќе се намалеше метежот, затоа што овој дел на Тетово се користи за транзитен сообраќај, за возилата кои одат и се враќаат од Косово.

Експертите согласни дека со пробивање на булеварите ќе се реши голем дел од сообраќајниот хаос

Сообраќајниот експерт Валентин Тасевски смета дека во Тетово се создава метеж најчесто поради тоа што градот се користи за транзит, и сите возила каде и да одат мора да поминат низ центарот на градот. Тој советува да се растовари сообраќајот со пробивање на булеварите, а Општината мора да размисли да изгради и обиколница.
– За да се отиде од едно место до друго, во градот мора да се помине низ центарот. Проблем е што и транзитниот сообраќај што оди за Косово, Скопје или за Гостивар го користи центарот на Тетово. Ова може да се реши само со изградба на обиколница и со довршување на булеварите, во спротивно хаосот и понатаму ќе си биде тука – смета Тасевски.

2

Тротоарот на улицата „Борис Кидрич“

Во неколку наврати општинските власти ветуваа дека ќе го реконструираат најоштетениот тротоар во Тетово долж улицата „Борис Кидрич“. Но досега на терен нема никакви активности.

И постојната инфраструктруа запуштена

Во стариот дел од градот, пак, ситуацијата е подраматачина. Улицата „Гоце Делчев“, која ги поврзува населбите Поток, Два Бреста, Певчина и Колтук, е целосно раскопана и оштетена.Преполн со дупки и вдлабнатини, овој коловоз никако да се најде на агендата на Општина Тетово. Во повеќе наврати бил саниран, но бадијала. За неколку месеци пак се раскопува и оштетува.
Граѓаните кои ги затекнавме велат дека општинските власти никогаш не ги извеле градежните работи како што треба, а во последно време целосно кренале раце од улицата.
– Подобри улици има кога одите до нивите по селата. Оваа е катастрофа. Мора да се постави асфалт како што треба, а не вака бекатонките да излегуваат на површина. Ама бадијала се апелите – вели еден жител на населбата Поток .
Дел од граѓаните, пак, сметаат дека Општината целосно ги заборавила и не се грижи за нивните инфраструткурни и комунални проблеми.
– Не само за инфраструктурата, тука за никаде е и со комуналии и со ѓубрето кое не се собира редовно, а плаќаме за него редовно – додава една жителка.

3

Улицата „Гоце Делчев“

Од Општина Тетово, како и многу пати досега, велат дека ќе се реконструира улицата „Гоце Делчев“, но претходно им се дало приоритет на главните улици во градот, кои биле важни за социоекономски развој. Оттаму велат дека во координација и договор со Македонија пат, реконструкцијата на оваа улица би започнала некаде наредната година. Вакви ветувања Општината во неколку наврати дала и за пробивање на булеварите и започнатите и недовршени проекти, но на терен сообраќајната инфраструктура наместо да се реконструира и гради нова, само повремено се крпи и поплочува.

Испрати коментар

Scroll To Top