Современата архитектура сè повеќе ги надминува традиционалните функции на просторот и ја презема улогата на активен учесник во производството на ресурси. Тимот од бирото MASK Architects со канцеларии во Италија, Турција и САД, претстави токму такво решение – модуларен систем за домување кој ги комбинира функциите на енергија, вода и клима во единствена структура.
Во фокусот на проектот се наоѓа конкавно соларно огледало со двојна оска на ротација, кое е сместено на врвот на секоја единица. Овој елемент, наречен Fiji Solar Crown, не само што го следи сонцето во реално време и ја концентрира сончевата енергија, туку во исто време обезбедува сенка, обезбедува вентилација и придонесува за микроклиматска регулација на просторот долу.

Системот е развиен во соработка со TesserianTech, компанија специјализирана за инженерство и технологии на кинетички огледала, со цел да одговори на предизвиците со кои се соочува островската држава Фиџи – од енергетска нестабилност и зависност од увоз, до недостиг на вода за пиење и зголемување на нивото на морето.
Благодарение на овој концепт, единиците функционираат целосно независно од централизираните мрежи.

Инспирација за просторниот израз авторите нашле во традиционалната архитектура на ова поднебје – bure – чии принципи на пасивна вентилација и подигнати структури се реинтерпретирани со современи материјали. Самата „соларна круна“ делува како централен еколошки механизам: покрај генерирањето електрична енергија, таа овозможува пасивно ладење, собира дождовница и напојува амбиентално осветлување во текот на ноќта.
Организацијата на просторот е вертикално дефинирана: приземјето е проектирано како засенчена зона со природен проток на воздух, додека станбениот дел со панорамски поглед се наоѓа на катот. На врвот има видиковец што дополнително го поврзува корисникот со околината.

MASK Architects предвидуваат три големини на модули кои се разликуваат по дијаметарот на соларната круна: 3, 5 и 7 метри.
Најмалата единица е предвидена за рурални средини, фарми и мали засолништа; средната служи за заеднички активности како што се образование и туризам; додека најголемата е целосно опремена за повеќекатно домување, со можност за инсталација на пловечки платформи во случаи на опасност од поплави.

Енергетскиот учинок на огледалото варираат во зависност од големината: помалата единица произведува околу 12 kWh дневно, средната 30 kWh, а најголемата околу 58 kWh. Со комбинирање на десетина модули, можно е да се формираат микро-мрежи со капацитет од 120 до 580 kWh дневно, што ги задоволува потребите за електрична енергија во изолирани заедници.
Дополнително, интегрираниот систем за собирање дождовница обезбедува автономија во снабдувањето со вода за пиење, наводнување и други потреби.

Материјалите што се користеа во конструкцијата бирани се според критериумите за одржливост: ламиниран бамбус, локално тврдо дрво, композити од бамбусови влакна и геополимер бетон. Објектите можат да имаат класични темели, но можат и да плутаат, во зависност од условите на теренот.
Техничката опрема – од фотоволтаични приемници до централната енергетска оска – е вградена директно во структурата. Ноќе, долната страна на огледалото станува извор на светлина, користејќи ја само енергијата собрана во текот на денот.

Според авторите, проектот има потенцијал да прерасне од поединечен прототип во модуларен систем за цели населби. Помалите модули поддржуваат индивидуални домаќинства и земјоделство, средните ја зајакнуваат заедничката инфраструктура, а големите овозможуваат енергетски независни заедници и населби отпорни на климатските промени.
Преку интеграција на дизајнот, градежништвото и производството на ресурси, овој пристап покажува како архитектурата може да дејствува како активен еколошки систем, особено во регионите најчувствителни на климатските промени.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија