Насловна / Вести / Мост од 1.400 тони успешно преместен 100 метри

Мост од 1.400 тони успешно преместен 100 метри

Градот Инсбрук во Австрија неодамна беше сведок на извонредна инженерска операција, нов железнички мост со тежина од дури 1.400 тони беше поместен речиси 100 метри – без употреба на дигалки. Државниот железнички оператор ÖBB ја спроведе оваа тешка интервенција како дел од големите инфраструктурни работи за модернизација на железничката мрежа на овој град.

За што помалку да се попречува сообраќајот и локалната заедница, новиот мост Rauchmühle изграден е во непосредна близина на неговата конечна позиција. Потоа инженерите пристапиле на негово подигнување повеќе од пет метри над теренот со помош на хидраулични преси, со строга контрола на стабилноста на конструкцијата.

Наместо дигалки, користени се самоодни модуларни платформи, кои најчесто се користат во индустриските постројки. Вкупно 12 единици, со 56 оски и 112 тркала, го поместувале мостот со брзина од 1 до 2 км/ч, овозможувајќи исклучителна прецизност во позиционирањето на конструкцијата над улицата Hallerstraße.

Освен што е преместен, мостот во текот на операцијата е ротиран за околу 90 степени за совршено да се усогласи со новите носечки столбови.

Инженерскиот тим на ÖBB изјави дека овој метод не само што е побезбеден, туку и значително попрецизен од класичното кревање со кранови, особено во урбаните средини со густ сообраќај и ограничен простор.

Завршните работи се уште се во тек. Во наредните денови ќе следат поставување на лежишта, финализирање на потпорите,инсталација на железничка опрема и подготовка на железницата за повторно пуштање во употреба.

За тоа време, железничкиот сообраќај е сопрен, а патниците се превезуваат со заменски автобуси.

Новиот бетонски мост ја замени дотраената челична конструкција што се користела повеќе од шест децении. Претходниот мост секојдневно се користел за поминување на околу 270 возови, но интензивниот сообраќај и временските услови довеле до крајот на неговиот технички век.

Благодарение на современите материјали и конструкција, новата градба не само што има подолг век на траење, туку и значително влијае на намалување на бучавата и обезбедува поудобно возење за патниците.

Експертите на ÖBB ја оцениле оваа релокација како една од најсложените операции извршени на железничката инфраструктура во Австрија.

Испрати коментар

Scroll To Top