Насловна / Вести / Со ретроградни политики – заробени во сопствениот двор

Со ретроградни политики – заробени во сопствениот двор

Греењето на домаќинствата и сообраќајот, кај нас веќе се идентификувани како најглавните причинители за алармантното загадување на воздухот во зимските месеци. Секако, тука се и нашите депонии кои го дополнуваат доживувањето. Особено лоша е состојбата во Скопје, каде граѓаните сосема оправдано бараат нови и одржливи решенија за почист воздух, а со тоа и поквалитетен живот. За жал, многу пати сме констатирале дека развиениот свет е далеку пред нас не само во однос на применетите технолошки концепти и решенија туку и според свеста и совеста во однос на прашањата од областа на урбаното планирање и развој. Мотивирани токму од актуелните состојби во нашето секојдневие, во продолжение Ви презентираме неколку примери на организирани градови (некои дури и во нашето соседство) кои се грижат за животната средина. Иако често ги користиме Скандинавија и Балканот кога алудираме на некаков антипод, на спротивставеност на нештата, сепак од приложеното може да се заклучи дека во некои аспекти и Балканот има прифатено многу добри практики. Можеби е веќе крајно време и ние да фатиме приклучок. Неодамнешните мерки на нашите власти за ублажување на загадувањето  (иако во основа препораки) мора да нè освестат дека секој поединец не смее  да избега од сопствената одговорност. Како што некој од активистите за почиста животна средина неодамна објави на социјалните мрежи: „ние сите би сакале да бидеме Холанѓани (во смисла на чиста животна средина и квалитет на живот), но ако може тоа да се случи без никаков личен придонес“. Оттука, како автор на овие редови не можам да останам рамнодушна на негативните коментари и бранот негодувања на пошироката јавност во врска со покачувањето на акцизата за дизелот. Без намера да бидам нечиј гласноговорник сакам да запрашам:  „зарем не се чувствувате одговорни пред фактот што неодамна го објави СЗО дека во Македонија годишно умираат 540 деца како последица од загадениот воздух?“ Само за илустрација, вреди да се посочи дека дизел-возилата се сериозен емитер на ПМ честички, а особено е важен фактот дека емисијата на овие честички кај стандардот евро 3 (2000)  е дури 10 пати повисока отколку кај евро 5 (2009), додека ПМ честичките кај евро 4 (2005) се 5 пати повисоки отколку кај евро 5. Речиси сите големи градови имаат забранети зони за дизел-возилата, со амбиција во иднина целосно да се забранат дизел-возилата.  Во изминатиов период ние не знаевме или не сакавме да ги препознаеме и имплементираме примерите на добра практика. Напротив со ретроградни политики останавме заробени во сопствениот двор. Ако студиите недвосмислено покажуваат дека греењето кај домаќинствата и сообраќајот се најголемите загадувачи на Скопје, тогаш чекорите што треба да се преземат се повеќе од јасни, и што е уште поважно одамна прифатени и применувани во светот.

Систем за топлификација во Гетеборг, Шведска

Преминот на Шведска од нафта и други фосилни горива кон целосно свртување на централизирани системи за топлификација во 1990 година, можеби е најважниот поединечен фактор кој може да го објасни драстичното намалување на емисиите на стакленички гасови, како во секторот домаќинства така и во секторот услуги. Денес, над 80 % од топлинската енергија за греење и топлината за санитарна топла вода во резиденцијалните објекти во Шведска, се обезбедува од системи за централно греење.

Централизираното снабдување со топлинска енергија за греење, во исто време значи и поголема можност за поодржливи и почисти форми на горива кои ќе се користат во централната постројка. Многу топлани користат и отпадна топлина од индустриите во близина и на тој начин се рекуперира топлинска енергија која инаку би завршила во атмосферата.

Гетеборг е втор по големина град во Шведска, кој има вкупна должина на дистрибутивната топлификациска мрежа од 1.200 километри и која покрива со енергија за греење над 90 % од вкупниот резиденцијален потенцијален конзум во градот. Градот е еден од водечките партнери во иницијативата FED (Fossil Free Energy Districts) започната во јули 2017.

Љубљана – јавните услужни компании во склад со циркуларната економија

ü  Јавната енергетска компанија „Енергетика Љубљана“, која е одговорна за снабдувањето на градот со топлинска енергија за греење, произведува истовремено електрична и топлинска енергија преку когенерација во комбиниран циклус. На тој начин, се овозможува висок степен на ефикасност на процесот на производство.  Во моментот 74 % од домаќинствата во Љубљана се приклучени на топлификацискиот систем за греење. На овој начин, загадувањето на воздухот со сулфурен диоксид е дури 40 пати пониско отколку пред 20 години. Дополнително, природниот гас е одамна достапен енергент како за бизнис-секторот така и за резиденцијалниот сектор.

ü  Со користењето на гасот кој се создава преку третман на биолошкиот отпад, компанијата „RCERO Ljubljana“ произведува 17.000 MWh електрична енергија и 36.000 MWh топлинска енергија. Биогасот, во овој случај се создава по пат на анаеробна ферментација на биоразградлив отпад.

ü  Во депонијата Barje, јавната компанија за управување со отпад Snaga го зафаќа во резервоари отпадниот гас кој се генерира во процесот на распаѓање  на отпадот. Главно, гасот  се состои  од метан и јаглерод диоксид. Биогасот се насочува кон постројка за производство на енергија и се користи за производство на електрична енергија. Постројката за третман на отпад во Љубљана е една од најмодерните во Европа.Ljubljana_postrojka za tretiranje na otpad

Ljubljana - centarot bez avtomobili

ü  Што се однесува до рестрикциите во сообраќајот, и нашата јавност имаше можност да ја слушне заменик-градоначалничката на Љубљана на Самитот „Македонија 2025“ во Скопје која поентираше со изјавата: „ го затворивме центарот на градот за сообраќај и станавме Зелена престолнина на Европа за 2016 година“. Се разбира ова не е единствената и ад хок мерка која го обезбедила ова признание, туку тоа е резултат на систематска и посветена работа, како и политички непопуларни мерки преземани уште од 2007 година.

Хаг, Холандија – чиста енергија за централен систем за греење

Кога во Дуиндорп, мало место во близина на Хаг, риболовот како една од главните индустрии започнува да пропаѓа, по периодот на голем процут, локалната власт во тоа видела можност за реизградба на резиденцијалните објекти од 30-тите години на минатиот век во модерни објекти за домаќинства со пониски приходи. Притоа, жителите јасно истакнале дека преферираат топлификациски систем базиран на обновлива енергија, па тимот кој работел на развивање на можните концепти видел одлична можност во близината на морето. Така, во 2008 година се изградил првиот топлификациски систем во светот кој како топлински извор за 800 домаќинства во местото,  ја користи енергијата од морето. haag 2

Овој концепт до денес е реплициран на повеќе локации ширум Европа. Се разбира, во основа системот се базира на концептот на топлинска пумпа за која топлински извор може да биде и вода од езеро или река како и почвата. Интересен пристап кон чистата енергетска транзиција кој е применлив за помал топлински конзум, односно за помали места.

haag 1

Копенхаген – најстар, најголем и најуспешен систем за топлификација

Топлификацискиот систем на Копенхаген, покрај тоа што е еден од најголемите и најстарите, тој истовремено е и еден од најефикасните во светски рамки. Овој систем обезбедува чиста, доверлива и достапна енергија за греење за над 97 % од жителите на градот. Овој иновативен систем ја зафаќа отпадната топлина која се генерира при производството на електрична енергија  и на тој начин придонесува за намалување на емисиите на стакленички гасови во Копенхаген за 665.000 тони (CO2eq).Copenhagen 1

Copenhagen

Попрецизно кажано, топлификацискиот систем на Копенхаген ја користи отпадната топлина од постројки за спалување на отпад, односно комбинирани постројки за производство на електрична и топлинска енергија (CHP – Combined Heat and Power Plant). Процесот е истовремено енергетски ефикасен и ја заштитува животната средина. Дистрибутивниот топлификациски систем има должина од 1.300 километри, обединува пет општини, а како топлински извори се користат четири когенеративни постројки (CHP), четири постројки за спалување на отпад и повеќе од 50 котли за покривање на врвното оптоварување. Вкупно генерираната топлинска енергија на годишно ниво е околу 8.300.000 MWh. Овде треба да се истакне дека когенеративните постројки користат исклучиво природен гас или пак биогориво базирано на биогас или биомаса од слама и дрвен отпад.

Уште во 80-тите години на минатиот век, Федералната влада на Данска има воведено даночни повластувања за горивото за постројките за производство на електрична енергија. Тие плаќаат пониски даноци за гориво доколку работат во комбиниран циклус (производство на електрична и топлинска енергија). Во некои случаи, попустот достигнува и до 50 %. Ова пак, од своја страна им овозможува на компаниите да ја продаваат топлинската енергија по пониски цени и да бидат конкурентни во однос на другите енергенти и технологии на греење.

Друг, исто така поттикнувачки момент се измените во законската регулатива. Уште од 1979 година, бил имплементиран  нов акт за снабдувањето со топлинска енергија, со кој стартувал сериозен процес на планирање на снабдувањето со топлинска енергија во општините. Овој акт им овозможил на општините да ги испланираат зоните за греење на топлификациски систем и да им наложат на домаќинствата задолжително да се приклучат на топлификациската мрежа. На тој начин, освен придонесот за животната средина, 100 % искористеност на капацитетот на топлификацискиот систем овозможила и намалување на трошоците за корисниците.Sofija postrojka za tretman na otpad

Истанбул – сообраќајно решение со метробус

Метробус-системот во Истанбул е проектиран со цел да обезбеди ниски трошоци, брза услуга за жителите на градот кои патуваат во правец исток –запад и обратно. Првиот ваков систем на брз автобуски превоз во Турција е всушност прв трансконтинентален  BRT  (Bus Rapid Transport) во светот. Овој концепт на сообаќај ги обединува позитивните страни на превоз со автобус и метро (брзина и ефикасност, наспроти ниска инвестиција и ниски трошоци). Истанбул успева за кратко време со ова свое решение да го ублажи сообраќајниот метеж, да го подобри квалитетот на јавниот транспорт, и најважно од сè – да го намали загадувањето на воздухот.  Се проценува дека намалувањето на емисиите на CO2  во градот изнесуваат 167 t/дневно со значително намалувања на потрошувачката на гориво поради помалите застои и поефикасниот сообраќај, споредено со ситуацијата претходно.  Во комбинација со флотата од електрични автобуси како и трамваите, ова е добро решение за подобар квалитет на воздухот. Ова е добар пример и за другите градови, преку кои може да се влијае на подобрување на квалитетот на животот, јавното здравје и сл. Сите овие фактори треба сериозно да се земат предвид при одлучувањето за каква било инвестиција поврзана со јавниот транспорт особено во големите градови.

Топлификација Софија – најголемата компанија за топлификација на Балканот

И топлификацискиот систем на Софија е многу развиен, ефикасен и има околу 410.000 корисници од кои 365.000 домаќинства. metro sofija

Со оглед на фактот што Софија има двојно повеќе жители од Скопје, а топлификациската мрежа на нашата метропола има едвај над 50.000 корисници, доволно зборува за искористеноста на топлификацискиот систем кај нас и огромниот процент домаќинства кои се грејат со разни фосилни горива (најчесто со таков квалитет кој е сериозна закана за здравјето). Должината на топлификациската мрежа на Софија е околу 900 километри. Градот има и метро како и електрични автобуси во флотата на јавниот превоз. И покрај сите овие показатели, градот и натаму води борба со загадувањето, кое е особено изразено во своевидното предградие, т.е градчето Перник – редовно високо на листата на најзагадени градови во Европа.

Модерното управување со отпад во Софија преку ЕУ-финансирање веќе се практикува. Имајќи предвид дека отворените депонии исто така се извор на загадување на воздухот, но и почвата и подземните води, неодамна Софија со помош на европските фондови направи исчекор во оваа сфера. Проектот е завршен во 2015 година, со што е овозможено третирање на отпадот (механичко и биолошко), генерирање на гас од отпад како гориво за поддршка на постројките за топлификација на градот и фабриките за цемент. Органската фракција од отпадот се користи за добивање на компост со кој се врши ремедијација и подобрување на квалитетот на почвите. Проектот овозможува и подобрување на локалната екомонија преку отворање на 71 директни и уште 102 индиректни нови работни места.

Испрати коментар

Scroll To Top