Насловна / Вести / Скулптурален пилон висок 200 метри го краси мостот на Тајван на Zaha Hadid Architects

Скулптурален пилон висок 200 метри го краси мостот на Тајван на Zaha Hadid Architects

Zaha Hadid Architects (ZHA) објави нови фотографии од мостот Данџианг на Тајван, кој по изградбата ќе стане најдолгиот мост во светот со еден пилон и кабелска потпора.

Според најавите, отворањето е планирано за 12 мај 2026 година, а главната структура на мостот неодамна е завршена со поставување на последниот сегмент од челичната плоча, која ги поврзува двете страни на естуарот на реката Тамсуи.

Најдолгиот распон долг 450 метри

Мостот Данџианг е асиметричен мост со коси кабли. Неговиот најдолг распон е 450 метри, со бетонски столбови во облик на буквата Y што го потпираат мостот поблиску до копното.

Каблите на новиот мост се шират асиметрично од еден бетонски пилон висок 200 метри и се проектирани да издржат екстремни временски услови и сеизмички опасности.

Мост рекордер

„Мостот Данџианг е најдолгиот мост со еден пилон и кабловска потпора во светот и е составен дел од сеопфатната програма за надградба на инфраструктурата во регионот“, наведуваат ZHA на својата веб-страница.

Конструкцијата е проектирана да ги намали сообраќајните метежи на малите локални патишта со поврзување на автопатите од двете страни на реката Тамсуи. Исто така, се надеваат дека ќе го олеснат сообраќајот на мостот Гуанду, кој се наоѓа пет километри низводно во градот Нов Тајпеј.

Целта на архитектите од прославеното британско биро била да создадат пилон на мост со скулптурална силуета што е можно потенка, со што ќе се минимизира попречувањето на погледот кон зајдисонцето.

„Утврдена преку детално 3Д моделирање и мапирање на естуарот, позицијата на скулптуралниот пилон на мостот во реката и висината на неговата коловозна платформа над површината на водата беа пресметани за да се одржи безбеден премин за речните бродови и да се минимизира попречувањето на погледот на зајдисонцето од популарните видиковци покрај реката“, велат ZHA.

Како што додаваат од Zaha Hadid Architects, проектот со еден пилон го намалува и влијанието на конструкцијата врз речното корито во согласност со строгите програми воспоставени за заштита на екосистемот на естуарот.

Откако ќе биде завршена главната конструкција на мостот, следните фази од изградбата ќе вклучуваат поставување асфалт на патот, поставување осветлување и спроведување тестови за оптоварувањето. А кога ќе биде отворен за употреба следната година, мостот Данџианг ќе има и пешачки и велосипедски патеки.

Испрати коментар

Scroll To Top