Боро Крстевски е роден 1931 во Скопје. Во 1945 за прв пат објавува стрип цртеж во списанието „Пионер“, а подоцна во “Пионерски весник”. 1946 год. е еден од основачите на Пионерскиот дом Карпош, каде ја формирал ликовната секција.

Училиште за применета уметност завршил во Загреб 1952, а Педагошка академија 1972 во Скопје. Член на ДЛУМ И ДЛУПУМ бил од 1952, а од 1953 член е на ликовната групата Денес. Во 1953 ја формира работилницата за обработка на камен Училиштето за применета уметност во Скопје. Напоредно дал свој придонес за реактивирање на напуштените каменоломи во Прилеп, како и организирање погон за обработка на мермер во Прилеп. 1954 е основач на ликовна секција во Пионерски дом Карпош. Од 1970 работи во МНТ- Скопје како сценограф и изведувач на сценографии. Раководи со сите производни работилници. Од 1975 како слободен уметник соработува со Вардар филм. Од 1976 работи во Драмскиот театар се до пензионирањето. Има реализирано 17 самостојни изложби во земјава и другите републики на поранешна Југославија и во странство. Автор е на неколку монументални скулптури и споменични објекти во Македонија.

мојот татко, мермер
Негови дела се наоѓаат во Италија (Мантова, Рим и Комо ). Во Израел во Ерусалим во музејот на Холокаусот „YAD VASHEM“ се наоѓаат негови дела. За својата уметничка работа добил голем број награди и признанија.

Непокор, мермер
Награди, одликувања и признанија:
- 1965 І награда за јавен споменик на конкурсот за загинатите работници во лавините во Маврово
- 1968 Плакета од ГП – Маврово
- 1971 Скопје, Медал за воени заслуги од ЈНА
- 1975 Скопје, Орден за труд од I ред
- 1977 Скопје, Признание за соработка од Народна техника
- 1978 Скопје, Награда за ситна пластика на ДЛУМ
- 1987 Скопје, Награда за скулптура на ДЛУМ
- 1987 Скопје, Награда за ситна пластика на Уметничка галерија
- 1999 Скопје, Награда Димо Тодоровски за скулптура на ДЛУМ
Награда Томо Владимирски на Дом на културата Кочо Рацин; Награда од авторска агенција за ситна пластика; І награда за цртеж на Ко-Ра; Благодарница од Народна техника на Македонија; Благодарница од Сојузот на борците од НОВ за Македонија; Благодарница од Пионерски дом – Карпош III; Златна плакета од Драмски театар; Р.О за згрижување и образование – Орце Николов; Медал на трудот за пожртвуваната работа во МНТ

Крали Марко, мермер, 1963, Прилеп
димензии: 2,50 х 0,80 х 0,70 м
Монументални дела:
- Маврово – Споменик на загинатите од лавина во Маврово
- Прилеп – Скулптура во мермер Крали Марко
- Струмица – Скулптура во простор Бекчето
- Струмица – Скулптура во простор “Фискултурец”
- Скопје – Спомен обележје на работилницата за оружје
- Струмица – Фонтана за детска градинка
- Ликовно обликување на браната Глобочица

Рударот, бел цемент, кај браната Маврово
димензии: 3 х 3 x 1,70 м
„Неговите работи се разновидни и по стил и по мотив. Стилски одат од реализмот до кубизмот. Има облици да се изрази низ поедноставни како волумен.
Боро Крстевски има несомнено чувство за пластика, кое треба да го искористува само спонтано, неусилено. Него го интересира не само разновидната форма, тука се инспирира и од историјата“, ќе каже Бранко Заревски по повод изложбата во Манотова, Италија во 1966 година.

Јосип Броз Тито, мермер, во паркот на МЗТ Скопје
„Синоќа во фоајето на Драмскиот театар, скулпторот Боро Крстевски ја отвори својата 13-та самостојна изложба. Поставката содржи 12 карикатури скулптури на познати артисти, режисери и драмски писатели. Како скулптор со 33 годишно искуство, автор на многубројни споменични и интимни скулптури, а особено автор на портрети, на Крстевски не му претставуваше особено тешкотија реализацијата на оваа изложба: како сценски пластичар и бутофорист, тој неколку децении живее со театарот и луѓето во него“, ќе напише Владимир Величковски во „Вечер“ 1985 година.

Цар Самоили, мермер
„Богатата историја на македонскиот народ е тема која авторот ја обработува низа години. Низ неколкуте дела инспирирани од оваа тематика успеваме да го почувствуваме нашето минато низ една специфична димензија.
Во тој стил се изведени портретите на Тито и Гоце Делчев, логорашите или пак самоиловите војници. Двете коњски глави настанати во разни периоди на творештвото на Крстевски го откриваат во една сосема друга боја, со оглед дека делата се изведени со една извонредна прецизност.
Сите овие експонати говорат за една богата и плодна личност и тој е еден од ретките вајари во своајта генерација која без големи ломови и подпаѓања под туѓи влијанија пронајде и развива една специфична естетика адекватна на својата природа, својот поглед на свет и уметност“, се зборови на Коста Н. Мартиновски на отварањето на четиринаесеттата изложба во 1980 во уметничката галерија „Даут Пашин Амам“.

Кузман Капидан, песочен камен
Во каталогот по повод изложбата „Боро Крстевски 50 години ликовно творештво“ во Културно информативниот центар – КИЦ во Скопје, од каде е и превземен овој материјал Љупчо Маленков ќе напише: „Скулпторската мисла која иако поврзана за материјалот во кој ќе биде изведена, таа сепак се заснова на бројните можности на играта во која пак се воспоставуваат нови односи спрема предметот и предметното…. Го дефинира просторот и воедно му ги одредува димензиите. За Боро Крстевски секако е важна естетатизацијата и непофторливоста. Води сметка за површините, односно за односот на волумените и рамните површини, светлината …. Исто така води грижа на моментот во кој идеата се претопува во благородноста на материјалот, значи, создава дела кои се резултат на неговата пластична скулпторска размисла. Кај него примарната форма на делата е обликот кој пак настанува со непосредната интервенција на скулпторската постапка како и непосредното преобликување на масата во ликовно вредносен предмет“.

Св. Климет, мермер

Фискуптурец, цемент – пред ДТВ Патизан, Струмица
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија