Насловна / Вести / Штетите од поплавите се пријавуваат и во осигурителните компании

Штетите од поплавите се пријавуваат и во осигурителните компании

Штетите што ги предизвика невремето во саботата што го зафати скопскиот регион граѓаните го пријавуваат и во осигурителните компании, иако податоците покажуваат дека се уште мал број домаќинства се осигурани од различни ризици, вклучувајќи ги и поплавите.

Од Винер осигурување наведуваат дека од викендот имаат зголемена фреквенција на пријавени штети на подрачјето на град Скопје.поплава

– Нашите проценители се постојано на терен. Штетите што се пријавуваат се од сите подрачја на градот, акцентот е на подрачјата кои беа најпогодени, но за жал очекувањата се дека минимален број имоти во најзагрозените подрачја се осигурени имајќи предвид дека процентот на осигурени имоти во Македонија е мошне мал, истакнуваат од Винер осигурување.

Наведуваат дека максимално се ангажирани да излезат во пресрет на своите корисници и штетите да бидат надоместени во најкус можен рок.

Во невремето како што соопшти државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари, штети имаат пријавено 5 илјади семејства од 12 населени места во Скопско.  Стручните екипи се веќе на терен и вршат проценка на штетите, за кои се уште не може да се каже колкави ќе бидат. Извесно е само дека нема да влијаат врз земјоделското производство, а луѓето навреме ќе бидат обештетени.

Владата на седница завчера ја разгледуваше можноста авансно да им се исплатат средствата на оштетените, а потоа од кога ќе се направат проценките да им се исплати целата сума. Треба да се направи план за да се испитаат можностите и да се провери колку средства се потребни за нјоштетените.

Според информацијата од Агенцијата за супервизија на осигурувањето во земјава има вкупно 20.428 полиси со вкупно бруто полисирана премија од 35.130 илјади денари од поплави.

– Заклучно со 30 јуни, 2016 година вкупно се продадени 69.624 договори за осигурување, односно полиси кои во себе вклучуваат ризици од катастрофална природа како  земјотрес, поплава, град и мраз со вкупна бруто полисирана премија од 184.886.000 денари. Од ова, 20.428 полиси покриваат ризик од поплава со вкупна бруто полисирана премија од 35.130.000 денари, не информираат од АСО.

Нивните податоци покажуваат дека  6.194 полиси или вкупна бруто полисирана премија од 3.764.000 денари се однесуваат за физички лица, 1.166 полиси со бруто полисирана премија од 27.876.000 денари се однесуваат на правни лица, додека остатокот од 13.068 полиси со бруто полисирана премија од 3.490.000 денари се однесува на каско моторни возила.

Граѓаните за оштетените возила, како што појаснуваат од Винер, кои се покриени само со полиса за автоодговорност нема да добијат надомест за штета. Ќе се покријат штетите од осигурителните компании само за возилата што имаат каско осигурување со вкулен ризик од поплави.

Граѓаните и бизнис секторот имаат можност да се осигураат и преку Европа Ре, која функционира во земјава во последните години, а главна цел е да го поттикне развојот на пазарот на осигурување од природни катастрофи и временски непогоди во Македонија, Албанија, Србија и целиот регион.

Во моментов се нуди покритие за ризик земјотрес, земјотрес и поплава и осигурување на приносот на земјоделците.

– На таков начин, граѓаните, бизнис секторот и земјоделците добиваат повеќе можности, за пристапна цена да обезбедат долгорочна и стабилна финансиска гаранција на нивниот имот при евентуални штети предизвикани од некоја природна катастрофа, како што се земјотресите или временски непогоди – поплави, суши, појава на град и друго, сметаат од АСО.

Европа Ре пред се нуди експертска поддршка, решенија и реосигурување, со што партнерски локални друштва за осигурување можат полесно да креираат осигурителни полиси кои би биле по пристапни цени за крајните корисници, односно за граѓаните кои поседуваат имот, за малите и средните претпријатија и за земјоделците.

Моментално партнери на Европа РЕ во Република Македонија се Албсиг, Осигурителна Полиса и Кроација Осигурување Неживот.

Испрати коментар

Scroll To Top