Насловна / Архитектура / Сан Вигилио – комплекс со оригинална атмосфера на половина милениум стар амбиент

Сан Вигилио – комплекс со оригинална атмосфера на половина милениум стар амбиент

Во далечната 1540 година адвокатот и писател Агустино ди Брензоне (Agustino de Brenzone) во писмо до свој пријател не само што го посочил, туку и го образложил својот избор за најубавото место на целиот свет:
„Има три дела на светот: Африка, Азија, Европа; Европа е најубава во светот; Италија е најубава во Европа; Ломбардија е најубава во Италија, Гарда е најубава во Ломбардија; Сан Вигилио е најубав во Гарда. Оттука Сан Вигилио е најубавото место на целиот свет.“
Пет века подоцна знаеме дека светот има повеќе од три „дела“ и дека Гарда веќе не е во Ломбардија туку во Венето, регион на Италија, но дали Сан Вигилио (San Vigilio) и понатаму е „најубавото место на целиот свет“?

14246417

Punta-San-Vigilio

ЛОЦИРАН НА ЕЗЕРОТО ГАРДА
Сан Вигилио е комплекс лоциран на истоимениот полуостров на источниот брег на најголемото езеро во Италија, езерото Гарда (Lago Garda) и е оддалечен околу три километри западно од истоимениот град Гарда (Garda). Истовремено тој ја претставува и најзападната точка на регионот Венето.

14246372

Локално, ’ртот на којшто се наоѓа комплексот се нарекува „крокодилска глава“ со оглед дека доколку се гледа кон полуостровот од градот Гарда, силуетата на теренот наликува на глава на крокодил во мирување. ’Ртот и месноста биле населени уште во римско време, а го добиле своето име според калуѓер (брат) кој живеел тука во 1000 година и подоцна бил прогласен за светец.

waAysP7

Езерето и регионот се познати по своите исклучителни пејзажи и променлив релјеф во кој доминираат Доломитите на север и благата клима. Трговијата, рибарството, одгледувањето на лимони, маслинки и грозје во комбинација со производството на маслиново масло, вино и оцет историски биле најпознатите дејности во рамките на регионот, а кон кои подоцна се приклучил и туризмот. Регионот е познат и по својата бурна историја во која војводства, кралства и империи меѓусебно војувале со години за превласт и контрола на регионот, што е евидентно, меѓу другото и од бројните тврдини и фортификации во опкружувањето на езерото.

16062017-L1210966
Агустино ди Брензоне своето восхитување за месноста Сан Вигилио навистина ја искажал многу едноставно – тој го купил имотот. Како резултат, со векови Сан Вигилио е во сопственост на благородничкото семејство Гуариенти ди Брензоне (Guarienti di Brenzone – порано гроф од Брензоне, а сега само почесно). Семејство кое е поврзано со кралските куќи на Савој (Savoy), Ассиа (Assia), Виндзор (Windsor) и Црна Гора.

14247014
Основите на сегашниот комплекс Сан Вигилио биле поставени во 15 век кога било формирано селце со цел да се сместат патниците коишто тргувале помеѓу двете страни на езерото (денес западната е во Ломбардија, а источната во Венето). По купувањето на имотот во 1540 година Агустино де Брензоне го назначил прочуениот венецијански архитект и урбанист Микеле Санмичели (Michele Sanmicheli), којшто исто така творел и во Далмација, да испроектира вила во која и денес живее семејството Брензоне.

ЛУКСУЗНО ОДМОРАЛИШТЕ
Векови подоцна Сан Вигилио има прераснато во луксузно одморалиште кое нема да го запомните по своите новоизградени угостителски капацитети, туку по фактот дека комплексот ја има зачувано оригиналната атмосфера, преку минимални градежни интервенции во текот на изминатите векови. Локацијата на комплексот на најиспакнатиот дел на ’ртот, во комбинација со релјефот и оградата во голема мерка го контролира пристапот, а до кој ефективно може да се дојде само или преку регионалниот пат (кој е без тротоар и лента за застанување), а кој оди по обемот на езерото, или пак преку самото езеро.

14246751
Пристапот од паркингот до комплексот јасно е дефиниран преку влезната капија од која централно се протега авенија во правец запад – исток формирана од дрвореди од кипариси (Cupressus Sempervirens) поставени по должината на двете страни на авенијата. На лево, кон исток и со поглед на градот Гарда се протега паркот Сан Вигилио во рамките на кој се наоѓа и хелиодром, бар-таверна и отворен базен наменети за гостите на комплексот. Од спротивната страна кон север се протега паркот на Заливот на сирените во рамките на кој се наоѓа најдобрата плажа на комплексот.

Punta-San-Vigilio-Veneto-Secrets
На крајот на авенијата лоцирана е вилата од 16 век испроектирана од Микеле Санмичели опкружена со сопствена градина која претставува и резиденција на благородничкото семејство Гуариенти ди Брензоне. Оттука кон лево калдрма води кон најстариот дел од комплексот во кој се наоѓа Локандата (анот) Сан Вигилио (Locanda San Vigilio), објект од 15 век во која се сместени хотелот и ресторанот и која директно излегува на езерото. Покрај анот тука во соседните објекти се наоѓаат мала продавница, капела од 11 век, бар-таверна од 15 и 16 век која излегува на малиот залив и пристаниште од 15 век, како и други содржини вклучително со ротонда со скулптура, стаклена градина за лимони и др.

16062017-L1210974-768x1024
Целиот комплекс зазема површина од околу 9,6 хектари, од кои 1 хектар е посветен на градини, 8,5 хектари се под маслинки, а нешто повеќе од 300 м2 под лимони. Севкупниот угостителски капацитет на комплексот во објект во кој се нуди сместување од 1500 година изнесува само 11 двокреветни соби и 3 апартмани. И не, тука не станува збор за печатна грешка во однос на сместувачкиот капацитет на објектот. Фокусот на овој угостителски комплекс не е на квантитетот, туку на квалитетот. Ова најдобро го потврдува и листата на истакнати гости која ги вклучува и Наполеон Трети, Царот Александар Втори, генералот, поетот и политичар Габриеле д Анунзио (Gabriele d’Annunzio), Винстон Черчил, нобеловецот Ото Хан (Otto Hahn), како и филмските ѕвезди Лоренс Оливие и Вивиен Лее меѓу другите. На пример, Винстон Черчил тука доаѓал за да ги слика своите акварели.

punta-sanvigilio-5
Во отсуство на мали потсетници за сегашноста, многу лесно може да се добие чувството како некој волшебник, занесен научник или невидлив портал, по угледот на научно-фантастичните филмови, моментално да Ве има транспортирано во минатото, но не само со децении, туку со векови. Под закрилата на перголата на таверната, и со поглед кон малото пристаниште, езерото и залезот на сонцето, опкружени со градини од маслинки, кипариси, лимони, опкружени со водите на езерото, невозможно е да не се опуштите и „предадете“ на шармот и атмосферата на половина милениум стариот амбиент.

16062017-L1210972-576x1024
Оттука не може, а да не се одаде признание на Агустино ди Брензоне и на сите последователни генерации од семејството Гуариенти ди Брензоне, не само заради волшебниот избор на локалитетот за овој угостителски комплекс, туку и за доблеста и визијата, да не се подлегне на вообичаените комерцијални притисоци, туку да се изгради деловен модел којшто се базира на зачувување на историското наследство и вековниот карактер и атмосфера на местото. Претполагам дека Агустино ди Брензоне преку изборот на инскрипции во рамките на комплексот успеал да ги пренесе своите очекувања довека. Така посетителите на комплексот ги сочекува на главната капија повикот „оставете ги своите обврски и проблеми зад себе“, којшто претставува повик да се ужива во смиреноста на местото, а чијшто концепт веројатно најдобро се појаснува преку „тука е интерпретацијата на еден сон“, сон којшто се одржува пола милениум, и искрено се посакува да се одржи колку е можно подолго за добро на идните генерации.

punta-sanvigilio-4
Дали Сан Вигилио и понатаму е „најубавото место на целиот свет“? По ова прашање најдобро е секој лично да се произнесе. Едно е сигурно, и да не е „најубавото место на целиот свет“, Сан Вигилио сепак сигурно е барем едно од најубавите места на целиот свет.

punta-sanvigilio-3

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top