Насловна / Архитектура / RN house во Бразил

RN house во Бразил

Бразил е една од најпосакуваните светски дестинации и земја која со самото име предизвикува насмевка. Главната асоцијација за Бразил е самба и карневал, фудбал (секој град има свој стадион), атрактивни девојки и прекрасна природа.

Бразил бил населен со бројни племенски народи сè до доаѓањето на истражувачот Педро Алварес Кабрал во 1500 година, кој оваа територија ја прогласил за дел на Португалското Царство. Бразил останал португалска колонија сè до 1808 година, кога престолнината на Царството е пренесена од Лисабон во Рио де Жанеиро. Бегајќи пред Наполеон, португалското кралско семејтво своето засолниште го нашло во Рио. Во 1815 година колонијата е подигната на ранг на кралство со формирање на Обединетото Кралство на Португалија, Бразил и Алграва.

3_resize

Набрзо по заминувањето на кралското семејство во 1921 година, синот на португалскиот крал, принцот Pedro de Alcantara, прогласува независност од португалската круна и се прогласува за цар на Бразил, попознат како Dom Pedro I. Следува војна за независност на земјата и конечно Бразил е признат од Португалија во 1925 година. Ропството во Бразил е укинато дури во 1888 година, односно пред прогласување на Република на Соединетите Бразилски Држави во 1889 година. Оваа чудесна земја на чие знаме се испишани зборовите ordem e progresso, што во превод од португалски, значи ред и напредок е изградена на темелите на мултикултурализмот. Во петтата по големина земја на светот, која обединува различно население: староседелци Индијанци, Европејци, Африканци, но и Азијати, ова богатство од различни традиции ја прави место со единствена култура и посебни уметнички изрази и обичаи.

7_resize

Бразил е земја која на светот му ги даде Луцио Коста, Оскар Нимаер, Роберто Бурл Маркс, под чија палка е создадена Бразилија. Модернистички град кој за три години и пет месеци е изграден на место кое било дивина и кој денес е под заштита на УНЕСКО. Во оваа земја се создава современа архитектура со многу влијание од историското наследство, начинот на живот, шареноликоста на културата и традиција. Земја во која сите овие фактори се разликуваат на контрастни начини, можно е да се види разновидност на проекти. Апсолутно сакаме современи домови, не само поради нивниот паметен дизајн и одлично решена функција, туку и поради нивната визуелна привлечност.

1_resize

Проектантското биро, Јacobsen Аrquitetura токму тоа го прави. Бирото основано во Рио де Женеиро, секогаш бара потенцијал во односот воспоставен помеѓу архитектонскиот дизајн и бујниот пејзаж. Нивното творештво придонело за развој на концептот на тропска архитектура, која е одраз на современ естетски јазик, заснован на интензивен дијалог со архитектурата на колонијалните и автохтони корени, но под влијание на модернизмот. Тоа е архитектонско биро кое секогаш трага по интензивна интеграција помеѓу изградената средина и природниот контекст. Нивните проекти секогаш ја истражуваат локацијата, интерпретацијата на контекстот и природните материјали. Четириесетгодишната оставина на основачот Рaulo Јacobsen во комбинација со меѓународно искуство во Европа и Јапонија, придонеле за ширење на нивната активност ширум светот со различни проекти, вклучувајќи резиденции, хотели и музеи.

6_resize

Поимот тропска архитектура, потрага по прилагодување на објектите на условите на животната средина, интеграција помеѓу надворешните и внатрешните простори, како и експериментирање со врвни технологии се главни елементи на нивното поимање на архитектурата.

18_resize

Тимот архитекти од Јacobsen Аrquitetura вели: „Низ архитектонскиот проект просторно ги разработуваме концептите како флуидност, транспарентност, светлина и лесна конструкција, со оглед на тоа дека трагаме по вистинскиот концепт на одржливост“.

Во 2013 година го прошириле своето размислување за начинот на проектирање на јавни простори со нивниот објект Музеј на уметност во Рио де Жанеиро (MAR-RJ). Објектот, MAR-RJ е избран за еден од 100 најважни архитектонски проекти на годината од изданието „Architecture Now“. Музејот е добитник на наградата Architizer A + Awards (2014), доделен му е сертификат Green Building Council (LEED), сребрена категорија и избран е за претставник на Биеналето во Аргентина, Buenos Aires Architecture Biennial (2017).

16_resize

Во земја како што е Бразил, каде сите влијанија и контрасти со векови функционираат заедно, неизбежно има одраз и на творештвото на архитектите од Јacobsen Аrquitetura. Тоа се локалниот историски контекст, обичаите и разноликата култура. Па така тие создаваат архитектура со отворени основи, чисти линии, минимална декорација и неутрална палета на бои, која е применета кај нивните резиденцијални објекти, куќи домови или куќи за одмор.

15_resize

Еден од нивните последни проекти е куќата RN house во Itaúna, во југоисточниот регион на Бразил. На парцела од 26.650 квадратни метри, поставена во зеленило е резиденција со површина од 1.250 квадратни метри. Брачен пар, нивните деца и внуци ги поминуваат викендите и одморите на ова пријатно место каде што се максимално искористени можностите за интеграција помеѓу архитектурата и природата. Проектантите го препознале сценскиот потенцијал на големата брана која доминира со пејзажот. Куќите во околината се сместени што е можно поблиску до водата. Но, анализата на локацијата им покажала дека поради рамниот терен подобро е куќата да се повлече на повисока точка од каде се протега поширок и непречен поглед кон браната.

14_resize

На локацијата затекнале неверојатно, многу старо дрво Vinhático (Plathymenia, расте во Јужна Америка) и проектот го подредиле на ова прекрасно растение. Куќата е развиена околу дрвото, создадено е рамно и уредено подрачје, дефинирано со нивото на корените на дрвото. Приземјето е намерно асиметрично, го врамува дворот, кој бочно е обиколен со соби и тераси, а на задната страна се поставени спалните соби. Со ваква просторна конфигурација, сите простории имаат поглед на надворешноста.

4_resize

8_resize

Друг значаен елемент на архитектурата е дрвен трем под крошната на дрвото кој на природен начин ја поврзува куќата со дворот.

Архитектите експериментирале со материјали за завршна обработка, кои се однесуваат на типологијата на бразилска „селска куќа“. Се појавува гранит и на ѕидовите и на подовите на заедничките простории. Исто така користено е и локално дрво Freijó, кое е применето на плафоните и преградните ѕидови на спалните соби.

13_resize

Дрвото зазема централна улога во развојот на проектот, овозможувајќи конфигурација на современ простор. Обезбедувајќи интеграција на надворешниот и внатрешниот простор, употребата на дрвото е поврзана и со создавање на простори обдарени со филтрирана природна светлина, која придонесува и дава особен ефект на уметничките дела и мебелот во куќата.

2_resize 17_resize 5_resize 12_resize 13_resize 11_resize 9_resize 10_resize

 

Испрати коментар

Scroll To Top