Насловна / Вести / Rhodec International – жртва на својот успех

Rhodec International – жртва на својот успех

Преминот од една во друга година вообичаено го означува периодот во којшто се сумираат резултатите од изминатата година и изготвуваат плановите за наредната година. Оттука случувањата во овој период можат да бидат одраз на тековните состојби во една средина.

Крајот на минатата 2017 година во Велика Британија беше одбележен и со два настана коишто се случија без соодветно одбележување во јавноста. Првиот се однесува на најавеното згаснување на образовната институција која може да се смета за пионер во доменот на стручната едукација на внатрешните дизајнери на далечина, а вториот на обидите да се најдат начини како да се подобри квалитетот на градба во земјата.

Untitled-1

Почетокот на крајот на една епоха

На 18 декември минатата година точно во 12 часот истече последниот рок за упис за студии на далечина по внатрешен дизајн на Родек Интернaшoнал (Rhodec International – www.rhodec.org), а како подготовка за официјалното затворање во 12 часот на 18 декември 2020 година. Станува збор за акредитирана независна приватна образовна институција за студии по внатрешен дизајн на далечина со седиште во Брајтон, Велика Британија основана во 1960 година. Таа се смета за најдолго воспоставената специјализирана институција за внатрешен дизајн во светот од овој вид со над 85.000 регистрирани студенти во 120 земји. Институцијата била основана од архитектот Томас Б. Двајер (Thomas B. Dwyer). Потоа нејзиното раководење го презел неговиот син Мајкл Двајер (Michael Dwyer) кој е и сегашен нејзин раководител.

DOB1EH7W0AUhBek

Оваа образовна институција била основана со цел да се задоволат образовните потреби на внатрешните дизајнери низ светот, а како одговор на промените во рамките на начинот на живеење и образование. Оттука, институцијата преку практичен и флексибилен пристап потпомогнат со подобрувањата во доменот на комуникациите се обидела да одговори на овие потреби. Од своето основање, па сè некаде до пред крајот на минатиот век наставата на оваа образовна институција се одржувала дописно по пошта, а по подемот на информатичките технологии, наставата продолжила да се одвива во одреден период по избор: или дописно по пошта или пак преку интернет. Во последно време наставата се одвива исклучително по интернет.

Во својата последна уписна сесија Родек Интернашонал ги нудеше следните образовни програми: бесплатен краток курс за потенцијалните студенти да го пробаат интерактивниот начин на учење преку интернет, студии за внатрешни декоратори, студии за стручна диплома по внатрешен дизјан, како и курс за обука во примената на софтверската програма Ревит во рамките на внатрешната архитектура.

Pages from UNIT02_History-2

За респектот на програмите на оваа институција веројатно најдобро говори фактот дека завршната стручна диплома овозможува задоволување на дел од образовните критериуми на Британскиот институт за внатрешен дизајн (British Institute of Interior Design), Американското друштво на внатрешни дизајнери (American Society of Interior Designers), американскиот Совет за квалификации по внатрешен дизајн (Council for Interior Design Qualifications) и Меѓународната асоцијација за внатрешен дизајн (International Interior Design Association). Во зависност од организацијата завршените студенти во комбинација со соодветно практично искуство и по потреба дополнително стручно образование можат да напредуваат низ повисоките категориите за членство во нејзините рамки. Дополнително, оваа образовна институција во соработка со други високообразовни институции во земјата им овозможува на студентите со завршена стручна диплома да ги продолжат своите студии и завршат додипломски студии по внатрешен дизајн на сродна институција.

Затворањето на Родек Интернашонал не само што веројатно ќе биде разочарување за оние коишто можеби планирале да се запишат на некоја од нивните програми во иднина, туку ќе биде и загуба за струката на внатрешните дизјанери пошироко со оглед дека со затворањето на оваа образовна институција ќе згасне шест децениското постоење на еден од пионерите во рамките на образованието во доменот на внатрешниот дизајн на далечина.

Tower block fire in London

Останува прашањето дали можеби оваа институција е своевидна жртва на својот успех. Имено како своевидни основоположници во стручната едукација во доменот на внатрешниот дизјан на далечина Родек Интернашонал се чини дека биле не само пионери во овој образовен домен, туку веројатно и визионери за тоа во која насока ќе се одвива образованието во иднина. Ова веројатно придонело ваквиот пристап да почне да се применува и од други образовни институции, со коешто бројот на институции коишто нудат слични програми со текот на времето се зголемувал, коешто можеби имало негативно влијание врз веќе постоечките образовни институции.

Дали е на повидок решение за подобрување на квалитетот на градење?

Доколку се следат локалните телевизиски програми со фокус на заштита на потрошувачките права набргу ќе се сретнете со терминот „градители каубојци“ (cowboy builders). Со овој веројатно не многу политички коректен термин во неформалниот англиски јазик се дефинира некој кој не е чесен, внимателен или вешт во својата струка и кој ги игнорира вообичаените правила.

За жал проблемите со „каубојците“ не завршуваат со поединечни мајстори и помалите градежни фирми коишто често пати набрзина се појавуваат и исто толку бргу згаснуваат за по кратко време повторно да се појават под некое друго име оставајќи ги своите претходни клиенти со испразнети џебови и проблематично завршени градежни работи.

Според Здружението на сопственици на станбени објекти (Home Owners Alliance – HOA), резултатите на годишната анкета на Федерацијата на градители на станбени објекти (House Builders Federation – HFB) и Националниот совет за станбени објекти (National House Building Council – NHBC) за 2015 година укажуваат дека 35 % од купувачите на нови станбени единици имаат пријавено повеќе од 10 проблеми со нивниот нов дом, додека 20 % имаат пријавено дури повеќе од 16 проблеми.

4949

Проблемите со квалитетот на изведените градежни работи особено станаа актуелни по катастрофалниот пожар од 14 јуни лани во станбената кула Гренфел Тоуер (Grenfell Tower) во Лондон. Десетина дена подоцна дневникот Телеграф изнесе проценки дека само за замена на запаливи фасадни облоги на слични висококатни објекти веројатно државата ќе треба да се соочи со сметка од околу 600 милиони фунти. И покрај трагичниот пожар и последователните истраги и дебати, шест месеци подоцна сè уште нема јасни насоки или промени во законската и градежната регулатива коишто ќе ја зацртаат идната насока по ова прашање.

Оттука за поздравување е најавата на Овластениот институт за изградба (Chartered Institute of Building – www.ciob.org) од октомври лани за јавна консултација за квалитетот на градба. Дотолку повеќе, што овој Институт е една од најстарите и најеминентните стручни организации во Велика Британија во доменот на изградената средина со кралско овластување и историја која почнува со неговото основање во далечната 1834 година.

Покренувањето на оваа јавна консултација било иницирано од страна на Комисијата за квалитет во изградбата (Construction Quality Construction) при Институтот составена од редовите на изминатите претседатели на Институтот. Оваа Комисија била формирана со цел да воспостави и промовира култура на квалитет во градежната индустрија, да се всади гордост во рамките на реализацијата на објекти и инфраструктурни зафати, а коишто градежната индустрија ги создава и управува. Со цел да се одговори на овие определби, Комисијата преку јавната консултација се обидува да се стекне со подобро разбирање за поединечните и организационите однесувања коишто или ја промовираат или ја спречуваат реализацијата на квалитет во рамките на градежните проекти.
Се очекува дека преку собраните мислења Институтот ќе биде во можност да ги дефинира потребните подобрувања за да се постигне висок квалитет на производ, персонал и процеси во рамките на градежната индустрија базирани на докази. Се очекува дека овој извештај, кој ќе го заокружи ова истражување, да ги истакне примерите како на добра, така и на лоша пракса за да може да се учи од нив.

688cbde021d582d48bd9bbf161d95494

Ќе биде интересно да се проследат резултатите од извештајот кој ќе следува, како од апсект на заклучоците и препораките краткорочно, така и од евентуалната имплементација подолгорочно. Можеби најновата контраверзност во земјата ќе го фокусира вниманието на најшироката јавност и надлежните институции за состојбите во градежништвото. Најавата дека директорот на градежна фирма специјализирана за изградба на станбени згради ќе добие бонус во износ од 110 милиони фунти, а дека другите директори во управата ќе поделат бонуси во износ од 700 милиони фунти предизвика, веројатно разбирливо, бурни реакции и негодувања во јавноста. Засега коментарите се фокусирани на износот. Веројатно само е прашање на време кога износот на бонуси ќе се поврзе со претходните согледувања во медиумите дека истата градежна фирма вообичаено се споменува како една од две фирми со најголем број на обжалувања во однос на новоизградените станбени единици во земјата.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top