Насловна / Арт и дизајн / „Ренесансниот акт“

„Ренесансниот акт“

Пролетта 2012, на иницијатива на неименувано здружение на жените, соблазнати од голотијата на штотуку поставената скулптура на златниот Прометеј наспроти собранискиот дом, уметникот Томе Аџиевски мораше да се самоцензурира и да му „облече“  гаќи на митскиот јунак. Меѓу критичката и интелектуалната јавност тоа предизвика лавина критики и обвинувања за лажно пуританство и конзервативна малограѓанштина, а одлуката на уметникот ја сметаше за интегритетно предавство.

Но, срамот од голото човечко тело има длабоки корени во ранохристијанската мистика и средновековната католичка и православна моралистика. Во религиозната иконографија, во негативна конотација, голото тело било резервирано за грешниците. Антитезата, пак, на реалистичното едро, материјално и земно тело, е монашкиот идеал – светиот испосник кој се прикажувал со една неверојатна истоштеност и исцрпеност, која е всушност привид на неговото материјално голо тело.

oplakuvanje_mikelandzelo

Оплакување Христово, Микеланџело Буонароти (околу 1540)

Ниту ренесансата не била имуна на ваквите трендови на лажна моралност и покрај фактот дека во уметноста на Западна Европа во периодот помеѓу почетокот на 15 век и четвртата деценија на 16 век, откривањето на актот и неговата употреба како мотив во уметноста имал примарна улога во создавањето на митот за ренесансната уметност, ослободена од средновековните стеги. Набргу по смртта на Микеланџело, а дваесет и три години по сликањето на неговиот Страшен суд во Сикстинската капела, Папата Пиус IV го порачал сликањето на драпериите кои ги покриваат гениталиите на некои од протагонистите во ова монументалниот дело. Изложбата „Ренесансниот акт“ во Кралската академија во Лондон, опфаќа дела од 1400 до 1530 година во разновидни медиуми и од различни региони на Западна Европа, кои се тематски групирани и кои сведочат за сличните афинитети, но и контрасти меѓу италијанските мајстори и оние северно од Алпите.

Raphael_tri_gracii

Трите Грации, Рафаел(1517-1518)

Ренесансните уметници не ги избегнуваат религиозните сижеа и со необичен елан им се навраќаат на некои востановени библиски мотиви, во кои главните протагонисти се насликани голи. Старозаветните ликови како Адам и Ева на Албрехт Дирер, Џудит со главата на Холоферн на Росо Фјорентино и Капењето на Батшеба на Жан Бурдишон, хуманизираните ликови на новозаветните светители како Св. Иероним на Донатело, Св. Себастијан на Ањоло Бронцино, процесијата на флагеланти на браќата Лимбург, и мускулавиот, но ранлив Христос на Јан Госарт неретко се горди, идеализирани фигури на кои треба да им се восхитуваме како на врвни божествени креации.

ИНСПИРАЦИЈА ОД КЛАСИЧНАТА ЛИТЕРАТУРА И ГРЧКО-РИМСКАТА МИТОЛОГИЈА

Класичната литература и грчко-римската митологија се уште една инспирација за ренесансните уметници, а нивните авантури се притаен изговор за истражување на -еротското. Преку ласцивните приказни за прељуба и копнеж, неморал и измама уметниците пронајдоа можност да ги заобиколат забранетите теми. Аполон и Дафнис на Пиетро Перуџино, Битката на морските богови на Андреа Мантења, Фамилијата на сатирот на Дирер, Фаунот и неговата фамилија со убиениот лав на Лукас Кранах Постариот, Херкул и Дејанира и Венера на Госарт и Венера Анадиомени на Тицијан се дела кои бесрамно ја слават телесната убавина.

M.66.33

Адам и Ева, Албрехт Дирер(1504)

Повторното откривање на заборавените антички филозофски расправи и пронаоѓањето на древните скулптурални ремек-дела го подгреаја интересот за интензивното и детално студирање на идеалните пропорции на човечкото тело. Хуманизмот и враќањето кон природата биле инспирација за студиозна работа со човечки модели и секојдневни копирање од природата. Деталните цртежи како Анатомијата на рамото и вратот на Леонардо, Машка фигура со означени пропорции на Микеланџело, Студија по Лаокон на Бачио Бандинели, Студија по Спинарио на Госарт и Трите грации на Рафаел ја откриваат жедта за натуралистичко прикажување. Наспроти логичкото и темелно истражување на универзалното, интимните стравови на ренесансниот човек, застапени во случајов низ уметничките порачки на богатите патрони, се видливи преку делата со алегориска тематика. Човечките доблести и мани се во фокусот на делата Смртта и трите голи жени на Бартел Бехам, паноата Салватор Мунди и Мементо Мори на Ханс Мелминг и Алегориите на среќата (Претпазливост, Среќа, Мрзеливост и Клевета) на Џовани Белини, рефлектирајќи ги универзалните тематики кои ги преокупирале ренесансните уметници.

San Sebastian

Св. Себастијан, Ањоло Бронцино(околу 1533)

БИЛ ВАЈОЛА, НАЈЗНАЧАЕН СОВРЕМЕН ВИДЕОУМЕТНИК

„Бил Вајола – Микеланџело. Живот, смрт, повторно раѓање“, Кралска академија на уметностите, Лондон, 26 јануари – 31 март 2019

За Бил Вајола, еден од најзначајните современи видеоуметници,  голото тело е од есенцијално значење, во најмала рака, во контекст на неговата улога како стожер на акцијата во видеата на уметникот кои најчесто се во духот на двата основни елементи – водата и оганот. Примордијалното пак постоење на материјалната човечка инкарнација и егзистенција е во споредна ролја, но не и во втор план.

Уште од времето во раните 70-ти кога како млад медијски техничар живеел и работел извесно време во Фиренца, опседнатоста на Бил Вајола со ренесансните уметници и особено Микеланџело била особено нагласена. Фасцинираноста од творештвото на Микеланџело е присутна во неговите дела, но уште повеќе она што за Вајола значи барање творечка испирација во заедничките пориви врзани со „големите“  прашања за животот и смртта. Се поставува прашањето дали Вајола бил инстиктивно примамен/привлечен кон сржта на делото на Микеланџело, поради фактот што и кај двајцата примарната идеја во творештвото – идејата патеводителка се темели на христијанското учење. Од мајсторите на доцната ренесанса Микеланџело, што поради природата на неговите мецени, што поради длабоката вера и побожност, најчесто твори дела со теми од христијанската иконографија. Бил Вајола како и Микеланџело е длабоко побожен католик. И кај двајцата католицизмот извршил длабоко влијание врз изборот на теми и обработката на истите во нивните дела.

Recto: The superficial anatomy of the shoulder and neck. Verso:

Анатомијата на рамото и вратот, Леонардо(1510-1511)

Далеку од тоа дека не се импресивни, но изненадува интимниот формат на цртежите на ренесансниот сликар. Тоа се дела каде до израз доаѓа талентот на Буонароти како цртач, креатор на импресивни актови, цврсти мускулатури, минуциозно извајани во црвена креда.

Но, тие дела во мал формат, сепак не се скици, туку најчесто веќе завршени творби, кои Микеланџело ги подарувал на сакани личности. И тоа е тоа што збунува. Се разбира вљубениците во ренесансната уметност и гледачите се навикнати на монументалните дела на флорентинскиот уметник. Микеланџело го препознаваат по грандиозноста на неговите фрески, на „натчовечките“ димензии на неговите скулптури. Тој не е скромен уметник, гигантските размери на најславните репрезенти на неговиот опус можат да се окарактеризираат како епски. Цртежите пак се суптилно изведени, интимни, лирски во изразот, но не и во содржината. Тој како и кај монументалните дела се задржува и се занимава со „големите“  животни теми. Раѓањето, смртта, љубовта се вечна инспирација. Неговата креативност може да се окарактеризира како сублимат на експресивната сила и возвишеното, поткрепени со личната верба и интензивни чувства. Изложбата содржи 14 цртежи и еден релјеф (Тадеи Тондо) создадени во последните 30-тина години од неговото творештво, но тоа не се подготвителни цртежи туку комплетни дела, блескаво изведени и ненадминати во интелектуалната префинетост.

bill_viola_triptih

Триптихот од Нантес, Бил Вајола(1992)

За Бил Вајола медиумот на експресија е секундарен. За него изборот на видеото како артистички израз е случајност предизвикана единствено од творењето на уметникот во одредено време и технолошките можности што одреден период ги нуди. Независно од медиумот на изразување суштинско за уметникот е фиксација со големите егзистенцијални теми за животот, смртта и постоењето на единката, но според Вајола, сепак не се работи за документирање на човечките состојби. Напротив, видеото, особено начинот на едно споро, напати мачно следење на акцијата е проекција на една бавна разврска на мислите. Менувањето на кадрите во видеото доловува полиптих од секвенционирани слики кои говорат за внатрешните човечки духовни пориви (мислите, потсвесното, перцепцијата, меморијата). Тој честопати намерно ги успорува видеата што е една од неговите карактеристики, заедно со повторувањето во еден затворен круг што секако дека е метафора на цикличната природа на постоењето, како и фасцинираноста од времетраењето на видеото како негова четврта дименизија, тој како „ренесансен“ скулптор го обликува времето.

herkul_mikelandzelo

Трите маки Херкулови, Микеланџело Буонароти(околу 1530)

voznesenie_tristan_bill_viola

Вознесението на Тристан, Бил Вајола (2005)

Честопати, додека ја вообличува идејата за едно дело, Вајола го има на ум и неговото постоење во одреден простор, кој честопати е спиритуален простор, како на пример катедралата во градот Дарам (Гласникот), или Св. Павле во Лондон (Маченици). Она што плени кај Бил Вајола е употребата на техничките можности на медиумот на видеото како современа технологија во откривањето на духовната и емоционална димензија на уметноста, видлива во делата: Триптихот од Нантес, Вознесението на Тристан, Мажот во потрага по бесмртност, жената во потрага по вечност, Сонот на разумот, Сонувачи, Петте ангели за милениумот и Огнена жена, кои се само некои од дванаесетте дела изложени во Кралската академија.

viola

Гласникот, Бил Вајола(1996)

Автор: Д-р Петрула КОСТОВСКА, историчар на уметност

(Специјално за Порта 3 од Лондон)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top