Насловна / Вести / Проширување на улицата „Даме Груев“ во Скопје

Проширување на улицата „Даме Груев“ во Скопје

dame gruev_7

 Улицата „Димитрие Чуповски“ што минува кај „Рекорд“ ќе стане пешачка зона, а целокупниот сообраќај ќе се пренасочи кон улицата „Даме Груев“, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието на Р.М. Оваа првична замисла на Градот Скопје би требало да се преточи во реалност ако се изнајде соодветно решение за зградата на „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“) на улица „Македонија“, која во моментов го попречува проширувањето на улицата „Даме Груев“. За да се надмине овој проблем, градските власти деновиве потпишаа договор со скопската фирма „Геоинг МК“ за изработка на основен проект за рушење и адаптација на овој објект.

 Во наредните три месеци треба да се изготви неопходната документација, по што ќе се знае колкав дел од зградата ќе се руши и кое решение ќе се примени за заштита на носечката конструкција на останатиот дел од објектот. Речиси е сигурно дека постоечкиот пешачки пасаж ќе биде заменет со две дополнителни коловозни ленти, со кои сообраќајницата ќе ја добие планираната ширина од 17 метри. Од Град Скопје засега не сакаат да дадат дополнителни информации во врска со овој проект. Оттаму за „Билд“ истакнуваат дека сите натамошни активности ќе бидат утврдени по изработката на проектната документација.

 Со реализација на реконструкцијата и проширувањето на улицата „Даме Груев“ ќе се пренасочи постоечкиот сообраќај од улицата „Димитрие Чуповски“, по која во иднина е предвидено да минува единствено планираниот трамвај. Главната предност на проектот е претворање на центарот на Скопје во пешачка зона, што претставува стремеж на кој во моментов работат и поголемите европски метрополи. Сепак, главната грижа од реализацијата на проектот е решавање на проблемот со паркирање за станарите на Градски ѕид, на кои со проширувањето на „Даме Груев“ ќе им биде одземен сегашниот паркинг. По изработката на основниот проект, ќе се пристапи кон донесување одлука за начинот на спроведување на оваа идеја на градските власти.

dame gruev_1dame gruev_3dame gruev_2dame gruev_8dame gruev_5dame gruev_6dame gruev_4

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top