Насловна / Вести / Цените на становите паѓаат а данокот на имот останува ист

Цените на становите паѓаат а данокот на имот останува ист

ceni na stanovi

 Во последните две-три години цената на становите се намалила за околу 19 отсто, но тоа, сепак, не влијаеше врз основицата кај данокот на имот. Граѓаните се жалат дека со години добиваат решенија со ист износ, без оглед колку се намалила пазарната вредност на станот, или се амортизирал. Данокот на имот е еден од главните приходи на општините, а според законот се одредува врз основа на пазарната вредност, но и со посебна методологија, каде што покрај локацијата врз конечниот износ влијаат и други параметри, како на пример типот на градбата, покривната конструкција, катот, инсталациите итн.

„Кога го купив станот пред пет години цената за квадрат беше околу 1.300 евра, а сега кога го нудам на продажба за него не можам да добијам ниту 1.200 евра за квадрат. И покрај тоа, решението за данок на имот сите овие години е исто“, вели жител на Скопје. Според анализата на агенцијата „Фортон“, само минатата година во главниот град на земјава цените на недвижностите се намалиле за околу 6 отсто, но тој тренд не се очекува да продложи со таква динамика во наредниот период. Така, на пример, просечната цена на становите во општина Центар достигнала 1.200 евра за квадрат, а во Аеродром се намалила на 918 евра. На падот на цените најмногу влијаела понудата, бидејќи, според податоците на оваа консултантска компанија за недвижности само лани во Скопје на пазарот се понудиле 46 отсто повеќе нови станови во споредба со една година претходно.

Во Град Скопје, каде што е концентрирано целото администрирање на овој данок за скопските општини, велат дека тие само ја вршат пресметката на данокот, додека методологијата за утврдување на пазарната вредност е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Претходно методологијата беше во ингеренција на Министерството за финансии. Градските власти додаваат дека не може некој индивидуално да побара да му се намали данокот на имот.

Според Законот за даноците на имот, даночните стапки се од 0,10 до 0,20 отсто, врз основа на видот на имотот, а висината со одлука ја одредуваат општините. За становите во кои живеат граѓаните со членовите на семејството, данокот се намалува за 50 отсто, па за таквите недвижности даночната стапка е 0,05 отсто, додека екстра становите по регуларната стапка од 0,1 отсто.

„Ако се има предвид висината на даночната стапка и износот на данокот на имот, евентуалната корекција поради падот на пазарната вредност на недвижностите би била минорна“, велат во Град Скопје. Така, на пример, оние што живеат во куќа од околу 80 квадратни метри, годишно во просек плаќаат од 1.500 до 1.700 денари данок на имот, во зависност од локацијата и другите елементи од методологијата. „Можете да замислите колку би било намалувањето“, додаваат од Градот.

„Ако некој плаќа годишно данок на имот од 1.500-1.600 денари, излегува дека дневно издвојува по 4-4,5 денари“, вели Лазовски. Според него, нискиот данок на имот не ги тера граѓаните поактивно да партиципираат во одлуките на општините. „Кога оваа давачка би била поголема, ние како граѓани, што се вели, би ги фаќале за гуша градоначалниците за трошењето на нашите пари. Вака сме прилично незаинтересирани“, вели тој, додавајќи дека поголемиот данок на имот, од една страна, ќе ги мотивира граѓаните да учествуваат во буџетскиот процес во општините каде што живеат, а од друга, локалните самоуправи ќе добиваат повеќе средства, наместо како сега да се вратат кон буџетот на централната Влада.

Она што во догледно време треба да се направи во делот на данокот на имот е да се премине на принципот на општа процена на недвижностите и воспоставување фискален катастар. Во таа насока е и приемот на 30 проценители во Катастарот, а крајниот ефект од промените ќе биде квалитетна евиденција и намалување на трошоците во прибирањето на данокот, вели Лазовски.

Испрати коментар

Scroll To Top