Насловна / Вести / Прифатени барањата на „Марш за чист воздух“

Прифатени барањата на „Марш за чист воздух“

Владата им кажа „да“ на еко-активистите. Ќе ги исполни нивните седум барања кои ги доставија по минатонеделниот протест против аерозагадувањето. Прифаќањето на барањата активистите го поставија како услов да седнат на иста маса со владини претставници. И покрај добиениот одговор, очигледно се сомневаат во ветувањата. Се уште не се изјаснуваат дали и кога ќе ја прифатат поканата за средба.

IMG_20191129_183215

На ургентната листа на здружените граѓански иницијативи организатори на „Маршот за чист воздух“ како прво се најде барањето за итно донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за Вардариште. Одговорот на Владата е дека ова барање е прифатливо, притоа информирајќи дека овој ДУП на општина Гази Баба за Вардариште моментално е на усогласување во Градот Скопје, и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на Градот. Потоа, информираат од Влада, Министерството за транспорт и врски и Општина Гази Баба во најкраток можен рок ќе го разгледаат усогласениот ДУП, по што планот ќе биде усвоен најдоцна до крајот на 2019 година.

Прифатено беше и барањето Јавното обвинитиелство да покрене истраги за ОХИС и за палењето кабли во Скопје со напомена дека Владата ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина, повикувајќи го Јавно обвинителство да го слушне гласот на граѓаните и да отвори постапка за ОХИС и за палењето на кабли во Скопје.

Барањето на еко-здруженијата Влада да ги усвои измените и дополните на Законот за животна средина исто така се прифаќа и Владата веќе денес ќе ги стави на дневен ред на Генералниот колегиум, за следниот вторник таа точка се најде на дневен ред на Влдата.

IMG_20191129_183640

Владата објави дека го прифати и барањето да се стопира усогласувањето на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со Законот за прекршоци, што според екологистите ќе значи премногу мали казни за прекршителите.

На листата до Владата се најде и поднесувањето на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат и ова барање исто така е прифатено од Владата и оттаму информираат дека апликацијата ќе биде поднесена откако ќе биде потпишан анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко блато, како и потпишувањето на Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското Езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019 година.

Во врска со барањето за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука, Владата ги потсети активистите на „Маршот за чист воздух“ дека одлуката за одземање на концесијата на „Еуромакс“ за рудникот Иловица-Штука е веќе донесена и по завршувањето на жалбената постапка која е во тек во Управниот суд, таа ќе стапи во сила, додека пак за барањето за одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица, Владата се обврзува да ја донесе оваа одлука најдоцна до 17.12.2019.

Владата на Република Северна Македонија изразува надеж дека аргументите и информациите во ова соопштение во однос на условите на „Марш за чист воздух“, ќе доведат до средба на која заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина. Ова треба да биде само прв заеднички чекор.

Илјадници граѓани во петокот се собраа на најголемиот еко-марш досега. Тогаш до Владата се постави ултиматум од пет работни дена да одговори на барањата за зачувувањето на животната средина и чистиот воздух.

Испрати коментар

Scroll To Top