Насловна / Архитектура / Populous го модернизира стадионот на Бенфика Estádio da Luz во Лисабон (ВИДЕО)

Populous го модернизира стадионот на Бенфика Estádio da Luz во Лисабон (ВИДЕО)

Архитектонската компанија Populous, светски лидер во проектирање стадиони, во соработка со локалното биро Saraiva + Associados, изработиле нов мастерплан за стадионот на славниот португалски фудбалски клуб Бенфика – Стадионот на светлината (Estádio da Luz) во Лисабон – кој ќе добие програмабилна LED „кожа“.

Populous го проектирале и оригиналниот стадион кој е отворен во 2004 година, а сега, заедно со лисабонското биро, ја предводеле изработката на планот за ажурирање на проектот. Новиот проект предвидува модернизација на постоечкиот стадион, но и дополнителни објекти како што се театар, простор за настани и таканаречен fan-plaza (навивачки плоштад).

Фасада со интегрирана расвета

Стадионот на светлината, кој често го користи и португалската фудбалска репрезентација, ќе биде проширен со четврто ниво поставено вон постојната зона за гледачи, што ќе обезбеди 6.800 квадратни метри за клупски канцеларии, комерцијални објекти и угостителство.

Исто така, новата фасада ќе овозможи контрола на светлината и топлината, како и засенчување, а во исто време ќе ги зачува препознатливите носечки конструкции на кровот. Оваа фасада ќе има интегрирана расвета, која Populous ја опишува како програмабилна LED „кожа“, која ќе се користи не само за време на натпреварите, туку и за концерти и други настани.

„Фасадата на стадионот го изразува современиот архитектонски јазик, вкоренет во развојот на урбаната нарација на Лисабон. Ограничената палета на неутрални тонови овозможува хармоничен дијалог со поширокиот мастерплан, додека вертикалните ламели додаваат ритам и пропустливост на обвивката на зградата. Целокупниот ефект оддава почит на наследството на Бенфика, додека истовремено носи визуелен израз свртен кон иднината“, вели помошникот на директорот во Populous, Мајкл Форвард.

Мастерпланот вклучува и организацирање на следните содржини: нова повеќенаменска сала со капацитет од 10.000 седишта, базен со димензии 25 x 25 метри, театар и простор за настани за до 500 луѓе и две спортски сали со 2.500 и 1.500 седишта за спортови како кошарка, одбојка, бокс итн.

Овие простори ќе ги заменат сегашните павилјони и базенот на стадионот. Исто така, планирано е да се изгради фудбалски терен на кровот на отворено, атлетска патека и разни комерцијални содржини.

„Estádio da Luz е еден од најпрепознатливите стадиони во Португалија и Европа. Овој проект ќе ги модернизира неговите содржини и ќе создаде нови погодности за гледачите на денот на натпреварот, но и за јавноста во текот на целата година – во склад со развојот на стадионите како што се Вембли и стадионот Етихад во Манчестер“, рече Хорхе Бетанкур, главен партнер во Populous.

Fan-plaza инспирирана од плоштадите во Лисабон

Во проектот се интегрирани и одржливи решенија како зелени кровови, собирање дождовница, фотоволтаични панели на кровот и пејзажно уредување кое поддржува еколошка отпорност.

Нова fan-plaza со димензии 100 x 40 метри, инспирирана од плоштадите во Лисабон, ќе биде изграден пред стадионот, со сцена за ди-џеи и простор за настани за повеќе од 10.000 навивачи.

Статуата на Еузебио (1942–2014), легендарниот португалски фудбалер и клупска икона, ќе биде преместена на главниот влез на плоштадот.

Подобрување на стадионот и сите пратечки содржини

„Ова е амбициозен и стратешки проект, фокусиран на нашите членови, навивачи и понатамошниот раст на клубот, кој планираме веднаш да започнеме да го спроведеме“, вели претседателот на Бенфика, Руи Коста, некогаш легендарен фудбалер на црвено-белите од Лисабон, кој во клубот дошол како момче.

„Нашата цел е да го подобриме стадионот и сите пратечки содржини, да ги поддржиме сите спортови и дополнително да ја зајакнеме позицијата на Бенфика како водечка спортска институција во Португалија и светот, а со завршување на време за големите меѓународни натпреварувања што ја очекуваат Португалија“, додаде Коста.

Испрати коментар

Scroll To Top