Насловна / Вести / Погрешно подесени топлински пумпи расфрлаат енергија низ цела Европа

Погрешно подесени топлински пумпи расфрлаат енергија низ цела Европа

Во моментот кога топлинските пумпи стануваат сè попопуларен извор на греење, особено во Швајцарија каде што секоја петта зграда ги користи, најновите истражувања покажуваат дека повеќето од овие уреди не работат на најефикасен начин. Истражувачите од ETH Zurich спроведоа најголемо теренско испитување досега, анализирајќи ги перформансите на 1.023 топлински пумпи во 10 европски земји, вклучувајќи ги Германија, Франција, Данска, Велика Британија и други.

Целта на истражувањето, објавено во списанието „Nature Communications“, била да се воспостави стандардизиран систем за споредување на перформансите на различните единици, и покрај разновидноста на објектите во кои се инсталирани.

Собраните податоци доаѓале исклучиво од еден производител, но научниците претпоставуваат дека наодите можат да се применат и на други брендови, бидејќи алгоритмите се базираат исклучиво на физички параметри како што се температурата на проток и потрошувачката на енергија.

Истражувањето открило големи разлики во ефикасноста: најлошо подесените единици биле до три пати помалку ефикасни од најдобро подесените. Особено е загрижувачки што дури 17% од топлинските пумпи воздух-вода не ги исполнувале европските стандарди за ефикасност.

Како една од главните причини за овој проблем, истражувачите ги идентификувале неправилно подесените грејни криви, како и неадкватната големина на уредот – секој десетти систем бил преголем, додека 1% бил премал.

Професорот Thorsten Staake од ETH Zürich истакнал дека иако биле свесни за можните грешки при планирањето и конфигурацијата, сепак биле изненадени од обемот на влијанието на овие грешки врз реалната ефикасност.

Во посебна студија за топлински пумпи спроведена во 2023 година во Швајцарија, со поддршка на индустриски партнери и државни институции, Tobias Brudermüller и неговиот тим ја анализирале потрошувачката на електрична енергија на 410 домаќинства со паметни броила.

Откриено е дека кај 41% грејната крива била поставена превисоко, што резултирало со непотребно високи температурни скокови. Во 36% од случаите, бил активиран ноќниот режим на намалена температура, што довело до непотребно ладење на објектот ноќе и интензивно загревање наутро.

Кај 26% од уредите, прагот за вклучување бил превисок, што предизвикувало тие да работат подолго од потребното со оглед на надворешната температура.

Brudermüller смета дека стандардизацијата на дигиталниот надзор на топлинските пумпи ширум Европа е клучна за зголемување на ефикасноста во текот на целиот животен век на уредот. Употребата на паметни броила и сензори овозможува прецизна контрола на работењето на системот, обезбедувајќи им на крајните корисници упатства за оптимизација и намалување на трошоците.

Испрати коментар

Scroll To Top