Насловна / Вести / „Placemaking“: Преку уметност, култура и визионерски стратегии

„Placemaking“: Преку уметност, култура и визионерски стратегии

Во претходниот број, се направи вовед во урбанистичкиот концепт за „создавање места“, каде што беа обработени стандардниот и тактичкиот пристап во „создавањето места“ – два модела на интервенции што придонесуваат за подобрување на јавните простори, секој со свој опсег и динамика. Додека стандардниот пристап се темели на институционални процедури и на долгорочно планирање, тактичкиот плејсмејкинг овозможува флексибилни, брзи и адаптивни решенија.

Во овој дел, фокусот е ставен на креативното и стратешко „создавање места“, кои внесуваат нови слоеви на интервенција – преку уметноста, културата и визионерските стратегии што го обликуваат идниот развој на градовите.

КРЕАТИВНО СОЗДАВАЊЕ МЕСТА

Терминот „креативно создавање места“ се однесува на проекти и на активности кои се фокусираат на уметноста, културата и на креативноста, со цел да се создадат културно-уметнички простори кои ќе овозможат воедно и неформална едукација за уметноста. Овој термин е воведен од истражувачките Ен Маркусен (Ann Markusen) и Ан Гадва (Anne Gadwa), кои го дефинираат на следниот начин:

Во креативното создавање места, партнери од јавниот, приватниот и непрофитниот сектор, како и од заедницата, стратешки го обликуваат физичкиот и социјалниот карактер на населбите, градовите или регионите преку уметност и културни активности. Овој процес ги анимира јавните и приватните простори, ревитализира објекти и улични пејзажи, ја зголемува одржливоста на локалниот бизнис и јавната безбедност, и ги поврзува различните заедници преку инспиративни и креативни искуства“ (Markusen & Gadwa, 2010:3).

Главната карактеристика на креативното создавање места е неговата способност да интегрира уметност и култура во просторот преку физичкиот дизајн, уметничко-просторни структури и инсталации, креативни, културни и забавни активности, како и изведувачки уметности. Покрај тоа, овој пристап овозможува поврзување на луѓето (како уметници и креативни професионалци), уметноста (како економски сектор) и физичкиот простор во градот. Вклучувањето на креативните уметници во процесот на создавање места, како и искористувањето на уметноста, културата и забавата за активирање на просторот, може значително да ја зголеми посветеноста на граѓаните кон подобрување на јавните простори (Wyckoff et al. 2015).

Уметничката активација е креативен настан, инсталација или проект кој е дизајниран да оживее област и да ја зголеми нејзината видливост преку употреба на уметност. Уметничките активации можат да помогнат да се внесе живот и живост во јавниот простор. Со користење на креативната моќ на уметноста, градовите и населбите може да се ревитализираат и да се направат попривлечни (Shotwell, 2023).

Слика 1 – Креативно создавање места во парк во Бостон, САД (проект на Janet Echelman)

Слика 2 – Уметничка трансформација на улица во Филаделфија, САД (проект на Oval+)

Креативното создавање места исто така има значителен економски потенцијал. Преку искористување на неискористени или на недоволно искористени објекти, инфраструктура и простори, инвестициите во креативноста го зголемуваат нивниот придонес кон јавниот интерес и кон приватниот сектор. Приходите од продажба, имотните даноци и другите давачки се зголемуваат, овозможувајќи подобро одржување и унапредување на јавната инфраструктура, како што се улици, осветлување, санитарни услови, зелени површини и јавната безбедност. Краткорочните инвестиции и долгорочната соработка со иновативни професионалци создаваат нови работни места и генерираат финансиски приливи (Markusen & Gadwa, 2010).

За да биде најефективно, креативното создавање места треба да биде засновано на почитување на атрибутите и на идентитетот на локалната заедница, вклучувајќи ја историјата и архитектонското наследство. Овој процес треба да биде воден од и за локалната заедница, да биде автентичен и релевантен, како дел од поширока стратегија за уметност и култура со долгорочна визија.

Креативното создавање места особено внимание посветува на зелените јавни површини – парковите. Ова е кооперативен процес базиран на заедницата, кој ја користи уметноста и културниот израз за создавање или за ревитализација на паркови и на отворени простори, со што се продлабочува чувството за место и се поттикнува заедничкиот идентитет (Clarke, 2017). Целите на овој процес во парковите вклучуваат:

  • Зајакнување на улогата на парковите како интегрален дел од целокупниот развој на заедницата.
  • Применување на пристапи засновани на уметност и на култура за создавање паркови и зајакнување на социјалните врски во и меѓу заедниците.
  • Промовирање на парковите како културни центри и места за граѓански активности.
  • Поттикнување на иновации, дизајн и естетика во урбаните паркови и јавните зелени простори.

Во Скопје, како најпознати примери на јавни настани кои го применуваат концептот на креативно создавање места се фестивалите „Skopje Light festival“ и „КомшиLOOK“ Скопје.

Фестивалот на светлината – „SKOPJE LIGHT FESTIVAL“ e културно-општествен настан на кој уметниците преку најразлични светлосни инсталации и видеопроекции поставени на различни локации низ централното подрачје на градот со своите светлосни перформанси им се промовираат на посетителите. Иако самиот настан е организиран и финансиран од национална установа, (top down пристап), сепак е позитивен пример за настан каде е применет концептот на културно создавање места поради вклученоста на „локални креатори“, уметничката фела и се одржува на места со потенцијал за трансформација. Овој фестивал овозможува активација на јавните простори во ноќните часови, интердисциплинарност – вклучува уметност, дизајн и технологија, и поттикнува интеракција помеѓу луѓето и просторот преку сетилни доживувања.

Слика 3 – Светлосни инсталации во шалтер-салата на Македонска пошта (дел од Skopje light festival);

Слика 4 – Светлосни инсталации во градскиот парк во Скопје (дел од Skopje light festival)

Комшилук (комшиLOOK) претставува социјален мултимедијален фестивал, кој ги поврзува граѓанскиот активизам, уметноста, просторот и културата. Главна цел на овој настан е привремена трансформација на запуштените простори помеѓу колективни станбени згради во активни културни центри. На тој начин, јавниот простор претставува сценографија за различни настани како музички концерти, базар, танци, уметнички перформанси и сл. Идејата за ова случување е да се поттикне локалното социјализирање и активација на жителите.

Слика 5 – Музички перформанс во населба Железара Скопје (настан Комшилук)

СТРАТЕШКО СОЗДАВАЊЕ МЕСТА

За разлика од останатите три типа на „создавање места“, чии фокуси се архитектура и урбанизам, култура и општество, основниот фокус на стратешкото создавање места е економијата. Економскиот развој и привлекувањето и задржувањето на талентираните лица е крајната цел за создавање квалитетни места преку овој тип на создавање места. Стратешкото создавање места се користи стратешки и постепено за да се постигнат специфични економски развојни цели, како на пример – создавање простори што се привлечни за иновативните професионалци. Тоа се заснова на постулатот дека кога професионалците почнуваат да се собираат, следуваат нови бизниси и работни места.

Примената на стратешкото создавање места може да биде клучен елемент и за постигнување на општествена одржливост. Овој тип на интервенција може да им помогне на заедниците да привлечат и да задржат иновативни професионалци преку создавање поквалитетни простори со поширок спектар на видови домување и избори за транспорт, што ги ценат сите жители и посетители (Wyckoff 2014). Според Вајкоф, привлекувањето и задржувањето на иновативните професионалци е клучно за успехот во глобалната нова економија. Меѓутоа, бидејќи иновативните професионалци се мобилни (на пример, научници, уметници, креативни професионалци и квалификувани занаетчии…), градот, регионот и државата мора да имаат многу атрактивни и квалитетни простори каде што тие сакаат да живеат, работат, се рекреираат, пазаруваат, учат и ги посетуваат. Овие простори мора да имаат три клучни димензии: добра форма, активност и употреба/функција на земјиштето (Wyckoff et al.: ibid.).

Слика 6 и 7 – Ревитализација и трансформација на поранешна индустриска зона во Осло преку стратешко создавање места

Стратешкото создавање места бара фокусирање на неколку специфични локации во урбаното подрачје, а потоа концентрирање на релативно тесен опсег на проекти во одредени области, како што е транзитно-ориентираниот развој (Transit-Oriented Development – TOD) во клучните јазли на главните транзитни коридори. Тоа може да вклучува големи и мали проекти во одредено подрачје, но може и да се иницираат истовремено или да се прошират со текот на времето. Ова е процес со јасна насока, кој вклучува проекти и активности на одредени, таргетирани локации (градски центри, јазли и коридори), што резултира со:

  • Квалитетни и одржливи простори ориентирани кон пешаците, прилагодени за велосипедисти, безбедни места со комбинирана употреба и зелени површини.
  • Простори со можности за рекреација, културни и уметнички содржини, повеќе опции за транспорт и домување, зачувување на историски објекти, јавни простори и активно вклучување на граѓаните.

Проектите за стратешко создавање места вклучуваат: развој на подрачја со комбинирана употреба (mix-use) во градските центри и клучните јазли, како и долж коридорите, особено покрај линиите за брз автобуски транспорт (BRT). Тие може да опфаќаат рехабилитација на стари објекти, создавање зелени коридори кон паркови, културни и забавни објекти, како и јавни места за социјални собири. Активностите вклучуваат организирање на редовни сезонски настани (секој квартал во годината) насочени кон иновативните професионалци, како и разни уметнички, културни, забавни и рекреативни активности што додаваат виталност на овие квалитетни простори и привлекуваат широк опсег на корисници.

Како најпознат пример на објект во кој е применет овој тип на создавање места се Силоси Белград. Порано сопственост на компанијата „Житомлин“, а денес овие силоси со висина од 28 метри се центар на уметноста и добрата забава во Белград. Тие добија нов живот благодарение на „движењето Гаја“ и нивната програма во областа на уметноста, заштитата на животната средина, образованието и спортот. Силосите станаа собиралиште на уметници од различни области. На ова место се одржуваат фестивали, претстави, базари, занаетчиски работилници, разни музички програми и спортски настани.

Слика 8 – Бенефити од таргет-проекти при употреба на стратешко создавање места

9 – Силоси Белград, пример за имплементиран стратешки тип на создавање места

Клучен дел од стратешкото создавање места се таргетираните локации, кои се поделени на неколку нивоа:

  • Во големите градови, процесот се применува во близина на клучните транзитни станици и на стратешки локации во центарот, како универзитети, болници или високотехнолошки центри.
  • Во малите градови, се развиваат станови со комбинирана употреба во урбани блокови во центарот на градот, со малопродажни објекти на приземјето.
  • Во периферните населби, процесот се фокусира на помали места кои мора да бидат пристапни и поврзани со главните транзитни линии.
  • Во помалите заедници, стратешките проекти се спроведуваат паралелно со проекти за „стандардно создавање места“, како што се подобрување на главната улица, улично зеленило, урбана опрема и реставрација на фасади. Овие проекти може да прераснат во стандардни или во креативни проекти за создавање места.

ЗАКЛУЧОК

Четирите типови на „создавање места“ – стандардно, тактичко, креативно и стратешко – не се спротивставуваат меѓусебно, туку напротив, може да се надополнуваат во процесот на создавање поквалитетни јавни простори. Тие нудат различни алатки и перспективи – од постепени, мали и едноставни интервенции до визионерски стратегии – со чија помош можеме да ја реосмислиме улогата на просторот во секојдневието. Во македонските градови, овие пристапи сè уште се во зачеток или се применети без долгорочна рамка, но токму тие може да станат клуч за градење поживи, покреативни и поправедни заедници. Прашањето е: дали сме подготвени да почнеме да ги гледаме јавните простори не само како физички површини, туку како сцени на заедничко живеење, соработка и иднина што ја создаваме заедно?

Автор: д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Библиографија:

  • Kochman L. (2018), „Experiments in Creative Placemaking with The Oval+“, web page: Muralarts.org (пристапено на 07.04.2025)
  • Markusen, A., & Gadwa, A. (2010), Creative Placemaking, Washington, DC: National Endowment for the Arts. White paper for The Mayor’s Institute on City Design.
  • Shotwell M. (2023), “Creative Placemaking: Activating Art in Public Spaces”, web page: Cultivate Arts & Education. (пристапено на 07.04.2025)
  • Wyckoff, M. (2014), “Definition Of Placemaking: Four Different Types”, MSU Land Policy Institute.
  • Wyckoff, M., Neumann, B., Pape, G. &Schindler, K. (2015), “Placemaking As An Economic Development Tool”, MSU Land Policy Institute

Испрати коментар

Scroll To Top