Насловна / Вести / Пет жени кои ја заслужиле, но не ја добиле Нобеловата награда за физика

Пет жени кои ја заслужиле, но не ја добиле Нобеловата награда за физика

Во богатата историја долга 120 години, Нобеловата награда ја добиле скромен број жени – само 58, наспроти 885 мажи. Најбројни се жените лауреати на Нобеловата награда за мир, по што следуваат оние од областа на литературата. На дното на листата се физичарките со само четири Нобелови награди и интересно, само две жени се наградени во областа на економијата. Меѓу добитничките има и еден пар мајка и ќерка. Тоа се Марија Кири, единствената личност двоен добитник на наградата (физика во 1903 и хемија во 1911 година) и нејзината ќерка Ирена Жолио- Кири, која ја добива наградата за хемија во 1935 година. Самиот избор на наградените неретко е проследен со изненадувања и разочарувања, но и со одредени контроверзии. Сепак, ако нешто може да се извлече како генерален заклучок, тоа е неспорниот факт дека Нобеловиот комитет, кој всушност ја доделува наградата, често бил неправеден кон жените, и тоа особено е изразено во областа на физиката. Токму првата Нобелова награда која ја добива Марија Кири е од областа на физиката во 1903 година, за заедничките научни достигнувања со својот сопруг Пјер Кири. Но, и покрај неспорниот научен придонес, оваа жена ќе била изоставена да не била одлучноста и доблеста на професорот Кири, кој јасно му ставил до знаење на Нобеловиот комитет, дека брачниот пар е подеднакво заслужен за истражувањата на феноменот на радиоактивноста. Наредните три нобеловки од областа на физиката се доделени во интересни временски интервали – втората дури во 1963, а следните две неодамна, односно во 2018 и 2020 година.

nobel4

Но, ова е само врвот на ледениот брег. Истражувањата на голем број жени незаслужено останале под радарот, а на некои наградите им биле „узурпирани“ од нивните најблиски машки соработници. Дали последните две награди во краток временски период, ќе придонесат за излез од затворениот круг кој ја храни родовата нееднаквост во историски поставениот нефер систем, останува да покаже времето. Во продолжение Ви прикажуваме пет исклучителни жени за кои постои уверување дека им била ускратена честа и привилегијата не само да се закитат со оваа престижна награда, туку некои од нив и воопшто да бидат номинирани. Дали навистина им била нанесена неправда, можете да процените сами од нивните биографии и достигнувања.

nobel 1

Cecilia Payne (1900 – 1979) е родена во Велика Британија, но во 1931 добива американско државјанство и во САД останува до крајот на животот. Едноставно кажано, таа е жената која открила од што се направени ѕвездите. Денес е добропознато дека материјата се загрева, електроните преминуваат во повисоки енергетски нивоа, и со доволно енергија тие стануваат јонизирани. Знаеме дека ѕвездите имаат различни спектрални карактеристики и дека тоа зависи од нивната боја, што пак од друга страна е детерминирано од температурата на ѕвездите.

cecilia payne

Но, ништо од ова не било познато во 1925 година. Во својата брилијантна истражувачка мисија таа година, собирајќи и синтетизирајќи идеи и информации од многу различни области, Cecilia Payne ги става во заеднички контекст феномените на температурата, бојата и јонизацијата. На тој начин, таа успева да определи од што се направени одделните ѕвезди. Иако ги содржат истите елементи како и Земјата, таа открила дека ѕвездите имаат илјадници пати повеќе хелиум и милиони пати повеќе водород. Иако ова откритие е предмет на нејзината докторска теза (подоцна опишана како една од најбрилијантните докторски тези во областа на астрономијата, која кога било е изработена), само нејзиниот ментор Henry Norris Russell, бил номиниран за Нобеловата награда. Во 1956 година таа била првата жена избрана во звање редовен професор на Универзитетот Харвард, но подоцна и прва жена на Универзитетот Харвард која била шеф на оддел.

ChienShiung Wu (1912 – 1997), исто така натурализирана Американка родена во Кина, има сериозен придонес во развојот на нуклеарната физика. Била дел од познатиот „Менхетн проект“, и учествувала во издвојувањето на изотопите ураниум 235 и ураниум 238.

Chien-Shiung-Wu

Во 50-тите години на минатиот век, физичарите тукушто почнувале да ги разбираат фундаменталните карактеристики на честичките. Едно од главните прашања во областа на нуклеарната физика било како се однесуваат честичките кои се производ на радиоактивното распаѓање (трансформирање на нестабилните радиоактивни елементи од еден во друг), а се разбира единствен начин тоа да се провери биле експериментите. Познатиот Wu experiment, оваа жена го реализирала со набљудување на однесувањето на честичките при распаѓањето на Cobalt-60, во присуство на силно магнетно поле. Во 1957 година, Нобеловата награда е доделена токму за ова откритие, на двајца нејзини колеги – теоретски физичари кои ја иницирале идејата и предложиле изведување експерименти, а таа е неправедно изоставена. Како утешна награда, дури во 1978 ѝ е доделена Wolf Prize in Physics. Нејзините истражувања во областа на експерименталната физика, евоцираат чести споредби со Марија Кири, па ја нарекуваат „кинеската Марија Кири“, но и „кралица на нуклеарната физика“.

Vera Rubin (1928 – 2016) е американски астроном со огромен придонес во истражувањето на ротацијата на галаксиите. Во соработка со Kent Ford, е заслужна за откривањето на темната материја на вселената. Имено, во доцните 1970-ти, Rubin и Ford од Карнеги Институтот во Вашингтон збунето гледале во отчитувањата на податоците од нивните набљудувања на галаксијата Андромеда. Се сомневале дека нешто е погрешно во нивниот експеримент. Нештата оддалечени на рабовите се движеле подеднакво брзо како и работите блиску до центарот, очигледно кршејќи ги Њутновите закони за движењето (Њутнови закони на динамиката). Иако објаснувањето за тоа чудно однесување Rubin го осознава дури две години подоцна, овие резултати го претставуваат првиот директен доказ за постоењето на темната материја.

vera rubin1

Научниците сега знаат дека темната материја сочинува околу 84 % од материјалот на универзумот. Тие невидливи честички се судираат низ целиот космос, и влијаат на тоа како ѕвездите се движат во галаксиите, и како сета таа материја во почетокот била собрана на едно место (Big Bang). За космосот, таа материја е како што е воздухот за луѓето: сеприсутен, неопходен, невидлив, но почувствуван. Откривањето на оваа чудна супстанција без сомнение заслужува Нобелова награда. Но, за Рубин, таа никогаш не пристигнала, иако таа долго време била „народен избор“ и често прогнозиран победник.

lise meitner

Lise Meitner (1878 – 1968), е веројатно најголемиот трагичар во ова друштво. На оваа австриско -шведска физичарка (Австријка по раѓање, која под налетот на нацизмот е прифатена од Шведска, и таа е нејзина втора татковина), Порта 3 неодамна ѝ посвети посебен текст. Заслужна е за откривањето на нуклераната фисија и била дури 48 пати номинирана, но никогаш не ја добила оваа награда. Maitner долги години соработувала со Otto Hahn, кој бил награден со Нобелова награда за хемија (многу награди од минатото во областа хемија, денес би се класифицирале во областа физика, и обратно) токму за откривањето на нуклеарната фисија. И покрај фактот што до тројца луѓе можат да делат Нобелова награда, сепак Hahn е единствениот кој ја добива во 1944 година. Се разбира ова било голем удар за Meitner, бидејќи таа е заслужна за целокупните истражувања во областа на фисијата. Нејзините научни достигнувања се уште позначајни ако се има предвид дека ѝ е нанесена огромна неправда кога во нацистичка Германија го губи своето место како предавач на Универзитетот, бидејќи е Еврејка. Ниту Hahn, ниту Heisenberg, не се потрудиле многу за да ѝ помогнат. Откако ја напушта Германија во 1938, таа ја продолжува кореспонденцијата со Hahn, насочувајќи го кон некои од критичните чекори во нуклеарната фисија. Тој никогаш не ја вклучил како коавтор во своите трудови и покрај нејзиниот несомнен огромен придонес. Иако големиот авторитет во физиката, научникот Niels Bohr ги номинирал двајцата – Meitner (прва) и Hahn (втор) за Нобелова награда, таа му е доделена само на Hahn. Кога Meitner починала, на нејзината надгробна плоча е напишана следната едноставна реченица: Lise Meitner – a physicist who never lost her humanity. (… – физичар кој никогаш не ја изгуби својата човечност).

Jocelyn Bell-Burnell (1943) е единствениот жив сведок на овие неправди. Таа е заслужна за откривање на првиот пулсар. Пулсарите се високомагнетизирани ротирачки неутронски ѕвезди кои емитуваат снопови од електромагнетна радијација. Првите претпоставки за пулсарите датираат уште од 1933 година, но Нобеловата награда за ова откритие им е доделена во 1974 година на Martin Ryle и Anthony Hewish. Ниту еден од нив двајца не стои зад откривањето на првиот пулсар. Тоа е дело на тогашната студентка Jocelyn Bell, која го регистрирала интересниот сигнал како објект од особено значење.

Jocelyn beil1

Многумина расправале дека таа сигурно требало да биде вклучена меѓу наградените. Самата таа била исклучително скромна и не била резигнирана поради оваа неправда. Своевремено рекла дека само во исклучителни случаи Нобеловата награда може да му се додели на некој кој сè уште е студент, и дека сосема е свесна за тоа. Такви исклучителни случаи имало десетина низ историјата на оваа награда, и се разбира сите биле мажи. Јасно е дека нејзиното откритие е револуционерно, а она што следувало е огромна грешка на Нобеловиот комитет. И за жал, не е единствената.

ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ОХРАБРУВААТ И ВЕТУВААТ ПРОМЕНА НА КУРСОТ

nobel3

Факт е дека не постојат никакви докази кои укажуваат дека жените на каков било се начин инфериорни кога станува збор за науката и за научните откритија. Но, постојат неспорни докази за мизогинија, сексизам и институционални бариери, како и нивно често намерно или нанамерно изземање кога станува збор за доделување признанија за нивните достигнувања. Уште еден настан оди во прилог на оваа теза и ги потврдува сексизмот и мизогинијата. Во периодот пред да ја добие својата втора Нобелова награда во 1911 година, Марија Кири иако веќе било извесно дека нема вистинска конкуренција (бидејќи ги открила радиумот и полониумот), била „замолена“ од страна на Комитетот за доделување на Нобеловата награда да се откаже од наградата. Причината била апсурдна – вдовицата Кири била во врска со оженет колега. Се разбира, таа не ги послушала овие „совети“ и рекла дека нејзиниот приватен живот нема никаква врска со нејзините научни достигнувања, но и дека целата ситуација се прикажува во јавноста како невиден скандал само затоа што во прашање е жена.

Се разбира, од денешна перспектива тешко е да се исправат овие грешки.  Последните години охрабруваат и ветуваат промена на курсот. Но, гледајќи наназад во историјата со објективен суд и низ примерите на овие исклучителни физичарки, може да се види колку вредни, а сепак колку потценети биле достигнувањата на жените во науката.

Испрати коментар

Scroll To Top