Насловна / Вести / Паметна урбанизација или непромислена бетонизација

Паметна урбанизација или непромислена бетонизација

Домувањето не е само четири ѕидови и покрив. Тоа е целиот простор околу домот. Ако тој е погрешно проектиран, квалитетот на домувањето ќе биде под стандардите. Дури и ако се е совршено меѓу четирите ѕида. Таква е приказната за поголемиот дел од Скопје.

Кога еден град расте, тоа значи дека во него има минимум добри услови за да привлече нови жители. Тоа носи повеќе работна сила, повеќе потрошувачи, повеќе економска активност и повеќе можности. Од друга страна носи и повеќе сообраќај, повеќе отпад, поинтензивно користење на инфраструктурата, побрзо црпење на ресурсите и на просторот.

Растот носи корист само ако за него не се плати превисока цена. Во спротивно, штетата ќе биде многу поголема. Низ Европа има градови што се затвориле за да ги спречат проблемите, но има и такви што успешно вдомиле стотици илјади нови жители, па сепак со паметно планирање и развој, го унапредиле квалитетот на живеењето и животната средина.

EU

Искра Јанковска Михајловска, архитект и активист на Здравје пред профит во Центар вели дека кога одите на некое игралиште кое го предвидела општината и детето не може да дојде на ред за лулашка тоа е погрешно урбанизација. “Ако не можете да се паркираате на местата предвидени за вашата зграда, тоа е погрешна урбанизација. Почнувате да се карате со комшиите, почнувате да се нервирате за обични секојдневни потреби. Значи ако одите во локалната поликлиника и таму има повеќе гужва од што е нормално да почекате, тоа е се погрешна урбанизација. Скопје не е пренаселен град. Во моментов е лошо испланиран“, вели таа.

РАСТ ЗА ПАРИ ИЛИ РАСТ ЗА РАЗВОЈ

- Хуманизација на просторот и унапредување на животната средина е темелна вредност на македонскиот устав.

- Високо ниво на заштита на животната средина и одржлив развој во сите политики – Европска повелба на фундаменталните права.

- Право на учество на јавноста во носењето одлуки за животната средина – Архуска конвенција

Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот вели дека треба да се ствараат амбиентални вредности, значи да се прават населби во кои што соседот ќе има право на пристап, право на проветрување, право на сонце, ако е на коси падини тоа значи и видикот да им го сочувате. Сето тоа е вредност на една градба, додава тој.

Заштитата и унапредувањето на животната средина не се сведува само на шумите и на планините, или на дивите животни во нив. Со растечкиот број на градското население насекаде во светот, па и во земјава, едно од клучните прашања е како живеат луѓето во градовите, каква е нивната непосредна околина, дали имаат услови за квалитетен живот. Затоа просторното планирање е неизоставен елемент на унапредувањето на животната средина. Многу нешта зависат од тоа како е уреден еден урбан простор: какво ќе биде движењето во него, какво ќе биде снабдувањето со вода и енергија, или со основни продукти, дали ќе има јавен простор за социјализација, дали ќе има доволно зелен простор за одржување на природниот амбиент. Од сето тоа зависи и каков воздух ќе се дише.

Јанковска Михајловска вели дека урбанизмот е многу комплексен, не е само за архитектите и не е само средство да се изгради повеќе, ниту па развојот на еден град подразбира само градење. Сите промени се прават врз база на податоци, се е математика. Во урбанизмот имат многу математика, многу социологија, начинот на живеење, навиките и бројката на луѓе кои живеат во една градска четврт мора да се земат предвид. Не е само исцртувањето на архитектите, тука требаат многу информации за да се добие вистински план.

EU1

Генералниот план на Скопје, додава Андовски, имаше 23 ако не се лажам, или можеби повеќе студии што беа претходно направени за да може да се испланира градот онака како што планерите дадоа предлог, нели генералниот план конечно беше и усвоен.

Брзорастечките градови можат многу лесно да искусат проблеми во сите тие области ако внимателно не го испланираат својот раст. Колку повеќе се згуснуваат урбаните зони, толку е поголем и притисокот врз уличната мрежа, инсталациите, јавните добра, училиштата, градинките, трговските објекти.  Просторното планирање и заштитата на животната средина, иако се под надлежност на едно министерство, зависат и од волјата и од можностите на поголем број институции.

Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање објаснува дека сите програми се работат паралелно со другите институции. Го имаме Министерството за економија што работи на енерегетската ефикасност. Министерството за транспорт и врски работи на мобилноста, тука е и Министерството за образование кое работи на нова програма за да го врати изучувањето на животната средина на училишните часови.

EU3

Скопје е брзорастечки град веќе седум децении. Додавајќи по стотина илјади нови жители на секои десет години, градот и регионот околу него, скопската котлина, се се поблиску до тоа да станат дом на еден милион луѓе. Но, во последните дваесетина години, растот на Скопје се одвива токму на начинот што се смета за најштетен – со згуснување на урбаните зони.

Никола Наумоски, шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник на Скопје вели дека порано беше практика да се окупираат тревници меѓу згради за таму да се изгради нова станбена зграда. Тоа од една страна има логика од страна на општината затоа што ќе има многу помалку инвестици во инфраструктура, за да се создаде таа зграда на тоа место. Од друга страна парите што ги наплаќат од комуналите беа исто како да се гради на Зајчев рид или кај аквадуктот.

И по 25 години локална самоуправа нема сериозни обиди да се надмине најголемиот проблем со финансирањето на општините – нивната зависност од комуналии. Систем што поттикнува да има што повеќе градба на што помал простор, за да се соберат што повеќе пари. До кога може да трае тоа?

Јанковска Михајловска вели дека општината им удоволува на нив, сметајќи дека ќе земе пари од комуналии, меѓутоа просторот е ресурс кој не се обновува. Толку ни е просторот. Државата е таа, вие ќе продавате ќе продавате и ако платите ви се базираат на тоа да ги исплаќате од комуналиите, тоа е лош бизнис план.

Земјата ја има толку колку што ја има. Кога ќе снема простор, ќе снема и пари, но веќе ќе биде предоцна. Луѓето ќе се гушат во борбата за парче небо, за парче простор за децата, за малку приватност без да мораат да ги спуштаат завесите, но ништо од тоа нема да може да добијат. Тоа што се изградило ќе си остане, и разретчувањето ќе биде невозможно.

Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на Скопје: Тоа би подразбирало уривање на некои објекти кои што се во приватна сопственост и тоа не само приватна, туку во приватна сопственост на повеќе лица. Да ја урнете зградата со 40 станари тоа значи дека на сите 40 треба да им исплатите оштета и да им најдете соодветни живеалишта што одговараат на претходното.

EU4

Тогаш ќе мора да се бараат алтернативни начини за финансирање на општините, бидејќи веќе го исцрпеле просторот како извор на приходи. Поточно, државата требаше да го стори тоа уште од 1997 година кога ја ратификуваше Повелбата за локална самоуправа на Советот на Европа. Со неа, меѓу другото, се предвидува разновидно финансирање на општините, за да не се потпираат премногу на еден извор и да можат да ги извршуваат своите обврски.

Без јасни планови како да се подобри финансирањето на општините за да се намали притисокот за градење, Владата сепак планира да им наложи дека мора да ги исполнат своите обврски за почист воздух или да се соочат со последици.

Нуредини вели дека тие ќе имаат обврска да преземат некои мерки. Ќе имаат обврска да го променат сообраќајот, да го променат работното време за луѓето што не се добро или се над 60 години, ќе имаат обврска да ги променат инсталациите. Ако не ги применат мерките, Владата ќе има законско право да влезе и да ги спроведе.

ВРЕДНОСТ И ОБЕЗВРЕДНУВАЊЕ

–Рециклирање на запуштените простори

–Некаде за одржлив развој, некаде за максимален профит

–Пропуштени шанси за похумано живеење што веќе нема да се вратат

Во Германија, како најголема земја-членка на Европската унија, финансирањето на локалната самоуправа е различно и зависи од градот, сојузната држава и од други фактори. Но најважно е дека финансирањето е разновидно. Освен што добиваат трансфери и грантови од централната власт, тие наплаќаат и свои даноци како данокот на имот, данокот на бизнис, надоместоци за услугите итн.

EU6

Минхен е најбрзорастечкиот град во Германија. За 20 години прими 300.000 нови жители и веќе се искачи на еден ипол милион луѓе. И покрај овој неверојатно брз раст, Минхен остана една од водечките зелени метрополи во Европа. Сето тоа се постигна со внимателно урбано планирање во кое градот, растоварен од финансиската зависност од комуналии, можел да инвестира во нови јавни простори.

Елизабет Мерк, раководителка на секторот за урбанистичко планирање на Минхен вели дека кога еден град ќе порасне за 300.000 жители за 20 години, тоа значи дека ни треба нова социјална инфраструктура, градинки, училишта, болници, но исто така зелени и слободни простори, како и еколошка одржливост. Јавен простор. Какви можности ќе имаат луѓето за да го поминат своето слободно време блиску до дома? Здравиот урбан развој игра многу голема улога.

Елизабет Мерк од 2007 година го води одделот за урбано планирање на Минхен. Еден од главните успеси на градот, според неа, е рециклирањето простор.

Таа додава дека било многу важно за урбаниот развој на Минхен што во изминативе 20 години биле во можност да рециклираат многу простор. “Имавме поранешни простори на железницата што не се користеа, што ги претворивме во големи станбени области. Имавме поранешни касарни, кои веќе не беа потребни. Откако падна Берлинскиот ѕид и се отворивме кон истокот, можевме да ги претвориме во мешани градски четврти, за живеење, работа и за услуги. Имавме и други големи зафати, како преместувањето на аеродромот и на старото сајмиште, што значи секогаш имавме површини достапни за да ги рециклираме. И тоа беше многу позитивно бидејќи ни овозможи да зачуваме големи делови од зелениот појас на Минхен, како и големи делови што се користат за земјоделство“, додава таа.

И Скопје имаше поранешен железнички коридор што стоеше празен зад Старата железничка станица, напуштени фабрички објекти како Цветан Димов и Алумина, и други запоставени простори. Не се искористија за никаква мешана намена, туку само за интензивна градба на нови станови. Тоа е планираната иднина и за просторите како Треска и Расадник. Поранешниот градоначалник на Кисела Вода тврди дека Расадник ќе биде поинаква приказна, но плановите со стотина згради и неколку државни објекти врз единственото големо зеленило на овој дел од Скопје наидуваат на голем отпор од граѓаните.

Филип Темелковски, поранешен градоначалник на Кисела Вода вели дека предлогот од 2016 кој што ги поминал сите фази, се до Министерство за транспорт, значи дали Градот Скопје, општината имало милион и 200 илјади квадрати бруто изградени површина. Сега е намалена до 1/3 за 400.000 квадрати од што беше предвидено минатиот пат. Се е тоа со цел на зголемувание на зеленилото и зголемувание на јавнето добро, бидејќи не е Расадник само зградите. Мене ми е жал што многу се говори за зградите, а не за останатите потреби на граѓаните. Ние сме од ретките општини кои што немаат поликлиника, во Расадник е предвидено да се гради  поликлинка, училиште и средно и основно, дополнително да се подобрат капацитетите и за паркирање бидејќи имаме предвидено две катни гаржи и една подземна гаража, вели Темелковски.

Досегашните искуства велат дека и најдобрите намери на крајот ја губат зелената душа. Обидите да се спречи поголемо згуснување на градбите во градот со иницијативи за промена на деталните планови обично се удираат во ѕидот наречен сопственичко право. Некој стекнал право на градба со одредена вредност и институциите се немоќни велејќи дека тоа не може да му се одземе.

Мирко Андовски објаснува дека е евидентно дека и планерите се под одреден притисок, затоа што и колку да сакаат да го направат просторот квалитетен, се соочуваат значи со приватно земјиште кое тоа секој сака да искористи што е можно повеќе. Она што е како јавен интерес општините немаат пари или градот или државата да го откупат значи да се намени за некој јавен интерес, иако во генералниот план за секоја четврт е скоро предвидено еден до два проценти јавен простор. Или зеленило.

Она што често се заборава, особено додека се изработуваат плановите, е дека и правото на хуман живот и здрава животна средина е уставно загарантирано. Соседското право е неодвоив дел од сопственичкото право. Ако една новопредвидена градба го попречува видикот на другата, ја става во сенка или на друг начин негативно влијае врз соседната куќа или зграда, со тоа ја намалува вредноста на тој објект. Така, тој стекнал право на одредена вредност, но со тоа го нарушил правото на другиот. Ова може да се види во населбите каде што куќите се претвораат во згради, па одеднаш четири до пет пати повеќе население ги користи истите улици, истите паркови, училишта, јавни објекти, трговски објекти и друго. Со тоа, имотите во тие реони стануваат помалку вредни.

EU5

Андовски нагласува дека според Уставот сопственичкото право е неприкосновено. Меѓутоа тоа многу тешко се сфаќа, па дури и од некои колеги. Бидејќи кај нас веројатно е дека уште треба да се работи на сопственичкото право, односно што се влегува во него. Од урбанистички аспект ние заклучивме дека не е доволно, кога го работевме генералниот план, заклучивме дека тоа соседско право не е доволно искажано и затоа дел ставивме во еден член, тоа е, колегите го знаат, член 47 од општите одредби за изградба, каде што сите овие права на соседот ги потенцираме и бараме да се сочуваат.

КОЈ ЌЕ КРОИ, А КОЈ ЌЕ ПРЕКРОЈУВА

- 84.516 станови се изградиле во земјава од 2005 до 2019

- Од нив, 37.587 се во Скопје и уште 3.606 во околните општини на скопскиот регион

- 49% од сите станови во последните 15 години се направени во подрачјето на главниот град (Макстат база)

Во еден простор се судруваат голем број интереси. Поединци, сопственици, инвеститори, групи граѓани што сакаат нивното маало да биде позелено или поотворено за бизнис, интереси на политиката, на локалната самоуправа, поширок интерес на градот и други. Од искуство, планерите сведочат дека се растргнати меѓу мноштвото потреби и желби и дека е многу тешко да се задоволат сите. Досегашниот развој ни покажа дека во најголем дел се исполнуваат интересите на оние што имаат најмногу средства за да ги наметнат.

Мирко Андовски, поранешен раководител во Агенцијата за планирање на просторот: Се должи на, би рекол, и лакомоста на инвеститорите, каде што и покрај тоа што некои нормативи се дадени до каде може да се оди со густините во одредени четврти, со бројот на жители значи во еден центар, дури дадени се просечни висини во генералниот план за градбите, меѓутоа сето ова се надминува.

Уште еден клучен проблем е начинот на кој што граѓаните можат да учествуваат во урбанистичкото планирање. Иако уредувањето на еден простор влијае врз пошироката околина, дури и врз целиот град, правен механизам за учество имаат само жителите или сопствениците на имоти опфатени со планот, и можат да реагираат само за своите парцели. Алтернативата е граѓански петиции и иницијативи, кои што може, но не мора да бидат прифатени.  Од волјата на локалните власти зависи колку ќе ги слушаат граѓанските гласови.

Темелковски вели дека поголемиот дел или секаде каде што има донесени детални урбанистички планови тоа се веќе правата на сопствениците на земјишите за градба. Таму каде што се чисти површини се уште може да се направи некој поубав план за живење од страна на општините. Во деталниот урбанистички за гратски четврт ј14 или народски кажано Расадник ги уклучивме граѓаните не само во анкетата, јас имав две средби таму коимбеа транспаренти и најавени, така што се зависи и од големината на самиот детален план, додава тој.

И во Минхен има формално и неформално граѓанско учество. Формалното, слично како и тука, се поврзува со директниот интерес на оние што се засегнати од новите планови, како сопствениците на имоти и инвеститорите. Неформалното, пак, е многу пошироко и со долга традиција. Градот е поделен на 25 административни единици и со сите нив се водат дијалози за уредувањето на просторот.

EU7

Елизабет Мерк вели дека европските градови денес се партиципативни градови. Не се развиваат од горе надолу, туку од долу нагоре. Минхен всушност има голема традиција на граѓански дијалог и на граѓански движења, уште од 1960-тите. Во оваа смисла, градските четврти се многу важна просторна единица за нас, за да стапиме во дијалог со жителите на градот.

Традицијата на отвореност е многу важна во Минхен и во Германија. Граѓанските здруженија и иницијативи таму не мора да вршат јавен притисок за да го добијат вниманието на локалната власт. Таа самата ги повикува на дијалог. Тоа трае со децении, па веќе постои и цврста соработка меѓу градската управа и некои независни организации како Минхенскиот форум, кои учествуваат во одлуките што ги носи градот.

Мерк нагласува дека работат многу со здруженијата и, секако, со многуте иницијативи. “Би рекла дека има и конфликти исто така. Но имаме добри инструменти, како на пример граѓанските репорти, каде што ги каниме граѓаните да дискутираат со нас по неколку дена. И имаме институција уште од 1960тите што се вика Минхенски форум. Тоа е независна институција, но е поддржана и промовирана од градот. Овој Минхенски форум е исто така квалификувана организација и ги информира граѓаните и ги изнесува нивните грижи во врска со градот. Сето тоа го имаме во предвид кога правиме планови“, објаснува Мерк.

Во Скопје уште од раните 2000-ти години имаше здруженија и иницијативи што се бореа против градењето згради на секоја слободна површина. Се бореа и против т.н. Кинески ѕид покрај Вардар, и против новите објекти во строгиот центар, и против висококатниците на Водно. Во ерата на социјалните медиуми бројот на иницијативите се зголемува – од „Во одбрана на Дебар маало“ и „Здравје пред профит во Центар“ до „Расадник на можности“ и „Сакаме Аеродром да дише“. Резултатите засега се скромни. Но за квалитетно граѓанско учество е потребна зрелост и од двете страни. Дали ја има?

Јанковска Михајловска која е дел од Здравје пред профит во Центар вели дека многу тешко ги анимираат граѓаните. “Ете ние пробавме ама луѓето се малку свесни за опасноста на која секојдневно им се изложени децата и многу малку го трошат слободното време на тие активности да се спротивстават и извршат притисок против лошите урбанистички планови. Меѓутоа кога ќе дојде за маркицата за градење кај нив сите стануват активни“, додава Јанковска Михајловска.

Еден ден граѓаните можеби ќе станат посвесни и помасовно ќе ги поддржат иницијативите за хумано планирање на градот. Дотогаш, институциите се тие што треба да си ја завршат барем минималната работа – да обезбедат почитување на законите како што се напишани. Оние што се во трка по профитот секогаш наоѓаат заобиколени начини како да добијат повеќе од тоа што им следува. Во првата деценија од овој век, двојните поткровја им носеа кат повеќе. Денес, избегнувањето на обврската за 20 отсто зеленило во парцелата им овозможува поголеми површини за градба. Тоа не се прашања што може да ги реши граѓанската свест. Нив треба да ги решат луѓето што се платени за тоа – да им застанат на патот на оние што си ги толкуваат законите како што им одговара. Да го заштитат правото на здрава човекова околина.

Текстот е дел од серијалот документарни емисии „Дали личиме не ЕУ“ на „Балкон 3“. Целото видео може да се најде на линкот

https://balkon3.com/dali-lichime-na-eu-pametna-urbanizacija-ili-nepromislena-betonizacija/

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top