На 9 мај 2025 година, во изложбениот простор Арсенале – Сале д’Арми (Sale d’Armi) во Венеција, свечено ќе биде отворен Павилјонот на Република Северна Македонија во рамки на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia насловена „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.“, а курирана од италјанскиот архитект Карло Рати.
Нашата држава ја претставува проектот „Страда Бруталисима“, под кураторство на Благоја Бајковски, Архитектонски факултет – Скопје, авторско дело на кураторот и тимот во состав: Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска Брзанова од Национална галерија и Фросина Зафировска. Помошници комесари: Оливија Стоилкова и Маја Чанкуловска Михајловска. додека водечки истражувачки и советник за кураторот е Мери Батакоја.
Кураторот на проектот д-р Благоја Бајковски, напменува дека: „’Страда бруталисима’ ја става во фокус бруталистичката архитектура на Скопје, која е еден уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. ‘Страда бруталисима’ не пристапува кон овој слој како носталгичен омаж на минатото, туку како кон еден динамичен извор на знаење, кое може да биде вткаено кон современата архитектонска дисциплина“.
Тој потсетува дека по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Скопје го прифати брутализмот од различни извори. „Визионерскиот мастерплан на Кензо Танге за реконструкција на центарот на градот стана клучно влијание, обликувајќи го неговиот доцен модерен интегритет, а македонските архитекти интегрираа влијанија од пошироката меѓународна пракса. Со текот на времето, бруталистичката архитектура прерасна во еден специфен слој на урбаното ткиво на Скопје препознатлив по своите зрели форми, структурални иновации и искреноста во нивната материјалност“.
Главната цел на „Страда бруталисима“ е да ја активира архитектонската интелигенција, вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата претставува еден вид на кураторска алатка за обликување на патеката на ново архитектонско знаење.
Проектот има три нивоа низ кои што може да се согледа. Првото ниво е документарно истражувачко, кое е поврзано со историското наследство на модерната архитектура во државата, поточно во Скопје. Второто ниво е критичко рефлексирано, а има серија на луѓе кои што се поканети да се осврнат на она што е наше модернистичко наследство и да дадат свој увид. Третото ниво е уметничко креативно, сето тоа да се преточи во уметничка поставка и тоа да се изложи во Венеција.
Националната галерија го поддржа проектот, верувајќи дека со вакви проекти продолжуваме да го продлабочуваме нашето разбирање за културниот и архитектонскиот идентитет. Директорката на Национална галерија Маја Неделковска-Брзанова рече дека „Страда бруталисима“ го става акцентот на еден од најзначајните периоди во историјата на Скопје – реконструкцијата по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, за што потенцира дека е особено важно како проект од национален интерес, бидејќи претстаува и афирмира дел од богатото архитектонско наследство на нашата земја.
Биеналето на архитектурата во Венеција, на темата „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.“, ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември.
фото, извор: МАРХ