Насловна / Архитектура / Основана Македонска мрежа на градски морфолози (ММГМ)

Основана Македонска мрежа на градски морфолози (ММГМ)

На 07.12.2023 г. во просториите на Општина Центар основана е Македонската мрежа на градски морфолози, во состав на организацијата ИСУФ (анг. ISUF – International seminar of urban form). ИСУФ претставува светска академска организација на истражувачи и практичари на урбаната морфологија, која го издава еминентното научно списание „Journal of urban morphology” и организира годишни конференции.

сл. 1

Поводот, како и предизвиците за формирање на македонската мрежа на градски морфолози (ММГМ) е слабата публицистичка дејност и слабиот интерес за истражување на ова поле, и немање соработка меѓу институциите поврзани со оваа дејност.

Македонска мрежа на градски морфолози (ММГМ) има за цел да инспирира и координира морфолошки истражувања за македонската архитектура, градовите и урбанизмот, и да вмрежи истражувачи и научници кои објавуваат на оваа тема, како и да информира и промовира за научни проекти, иницијативи, публикации, книги, итн.

сл. 4

Според иницијаторот и основачот на ММГМ, д-р. Тодор Стојановски од „KTH Royal Institute of Technology” од Стокхолм, Шведска, целите на оваа мрежа се: катализирање интерес за градска морфологија и морфолошки истражувања, инспирирање на академска дискусија за урбаната морфологија, објавување на македонско научно списание за урбана морфологија, поврзување на високо образовните институции со локалната самоуправа, како и создавање на унија со останатите морфолошки мрежи од Европа и светот.

сл. 2

Мисијата на ММГМ е да организира и овозможи дискусија за градовите, одржливиот развој, футуризмот, дигитализацијата итн, поврзување на академските дисциплини за урбанизмот, вмрежување на истражувачи и иницијатива за создавање балканска мрежа на урбани морфолози и соработка во заеднички истражувања.

сл. 3

На инагурацискиот семинар, одржан на 07.12.2023 г. во Скопје присуствуваа основачките членови на ММГМ, каде што воведно излагање имаше основачот д-р. Тодор Стојановски. Основачи на новоформираната мрежа на градски морфолози се универзитетски професори од областа на урбанизмот (од архитектонските факултети при УКИМ, УАКС и МИТ), социологијата, географијата, како и претставници од општините Центар и Струга и претставници од невладиниот сектор.

На семинарот свои презентации имаа проф. д-р Илија Ацевски, д-р Емина Рустемоска, асс. м-р Павел Вељановски и Виолета Шошевска од ИНС, од областа на хуманистичката перспектива на градовите, архитектонскиот поглед на градовите и урбанизмот, како и дигитализацијата и еколошкиот урбанизам.

Автор: м-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top