Насловна / Архитектура / Ода за Иво Андриќ

Ода за Иво Андриќ

Вишеград се наоѓа на исток на Република Српска односно Босна и Херцеговина. Градот денес има околу 8.000 жители. Познат е по мостот преку реката Дрина, донација од Мехмед Паша Соколовиќ, роден во село Соколиќ во близина на Вишеград. Граден е од 1551 до 1577 година. Изграден е по нацрти на турскиот архитект Хоџа Мимар Синан, во источњачки стил со 11 лакови и во тоа време претставувал ремек-дело во градежништвото. Во 2007 година е запишан во листата на УНЕСКО како светско културно наследство.10275508_692179307509834_5331754190674168738_o

Денес Вишеград е повеќе познат под името Андриќград или Каменград. Андриќград е ода за Иво Андриќ. Има многу добитници на Нобелова награда во светот, но Иво Андриќ е единствениот што има и свој град, Андриќград во Вишеград. Вишеград е градот каде што Иво Андриќ го поминал детството и растел покрај реката Дрина и камениот мост на Дрина, за кого и го напишал романот „Мостот на Дрина“.dsc03003

На влезот во Андриќград, на огромен бел ѕид е насликан Иво Андриќ, во заднината е мостот на Дрина, а долу е испишан цитат од романот ,,Живот је насхватљиво чудо јер се непрестано троши и осипа, а ипак траје и стоји чврсто као на Дрини Ђуприја“, а понатаму е напишана и една позната мисла на Иво Андриќ „Речи лете, књиге остају“.dsc03012

Андриќград е изграден на локација помеѓу две реки, Дрина и Рзава, на површина од 17.000 м2. Тој е културен, едукативен, научен, историски и туристички комплекс, проектиран како еден тип град со историски времеплов. Идеен творец е режисерот Емир Кустурица, кој за својата идеја имал голема поддршка од Владата на Република Српска, Градот Вишеград, Електростопанство на Република Српска, како и многу меѓународни организации. Започнал да се гради во 2011 година, а отворен е за првите посетители во мај 2012 година, а комплетно е завршен кон крајот на 2014 година. Вкупната инвестиција изнесува околу 10 милиони евра.dsc03017

Концептот на градот се развива околу една централна пешачка улица и централен плоштад „Никола Тесла“, со подолжна оска од главната капија до црквата на Кнез Лазар. Изградени се 50 објекти со различни намени; градска куќа, градски театар „Лучиано Висконти“, модерно кино „Доли Бел“, академија за убави уметности, хотел, хостел, ресторани, пиварница „Кај Швејк“, слаткарница „Сецесија“, ќебапчилница „Касаба“, пицерија „Парма“, книжарница „Или-Или“, разни дуќани, кафе-барови, стар ан, Андриќев институт, спомен-куќа на Иво Андриќ, речна морнарица и пристаниште. Од пристаништето се оди на пловидба по реката Дрина.dsc03034

Споменикот на Иво Андриќ е на плоштадот „Никола Тесла“ во центарот на градот. Непосредно до споменкот е и Андриќевиот институт. На спротивната страна е Акедемијата за убави уметности. Од плоштадот „Никола Тесла“ преку пасаж на Градската куќа се доаѓа до плоштадот „Петар Петровиќ Његош“. Во центарот на плоштадот е поставен споменикот на Петар Петровиќ Његош, пред црквата „Св. Лазар“. Поставен е со поглед кон споменикот на Иво Андриќ и изгледа како да му го чува грбот на Андриќ. На овој плоштад од бочните страни се изградени хотел и објектот на Хидроелектрани на Р. Српска, а на челната страна е црквата „Свети Лазар“. Пред влезот во објектот на Хидроелектрани, поставен е споменикот на Никола Тесла на кој е испишана и една негова мисла.

Објектите во Андриќград се изградени со камен или се обложени со камени плочи, исто како и мостот на Дрина. Сите улици и плоштади, исто така, се поплочани со камени плочи, па затоа првобитната идеја била да се вика Каменград. Се вели дека тоа е најмладиот стар град во Европа. Имињата на улиците, плоштадите и објектите се земени, најчесто, од романите и расказите на Иво Андриќ, но има имиња и на други познати јавни светски личности.dsc03018

Кога ќе влезете во Андриќград првиот впечаток е дека влегувате во ренесансен медитерански град, одејќи понатаму ќе сфатите дека сте на Балкан или можеби на Ориентот, а некои простори понатаму ве враќаат во византијскиот период. Ваквиот впечаток се добива заради различните архитектонски стилови употребени за изградба на објектите и отворените простори во Андриќград, и тоа византиски, османлиски, неокласичен и хабзбуршки стил. Тоа е камениот соживот во Андриќград, траги од различните народи кои живееле овде и сè уште живеат, и нивните култури кои со години се испреплетувале на овие простори.

Шетањето и престојот во Андриќград може да ви остави впечаток дека шетате и низ романите на Иво Андриќ, да ве врати во времето за кое пишувал, времеплов на градот Вишеград, на неговата историја и култура.

Во Андриќград денес се одржуваат многу културни настани од областа на литературата, филмот и театарот, и тие привлекуваат сè повеќе и повеќе посетители од регионот, Европа и пошироко.dsc03013

Андриќград во Вишеград и денес е точка на спојување на народите и културите во регионот, но многу често и во историјата. Вишеград бил и точка на раздвојување на различните народи кои живееле во регионот и нивните култури.

Туристичката железница од Мокра Гора повторно сообраќа до Вишеград и со тоа создава единстевена слика и спој на планината Тара, комплексот Дрвенград, Шарганската осмица, Вишеград, романот „Мостот на Дрина“ и Андриќград. Регионот добива нов изглед, нови комуникации, нов потстрек и развој со атрактивноста на новите населби, Дрвенград и Андриќград, и нивните нови содржини, функции и манифестации кои се одржуваат во нив преку целата година.

Пишува: Натка Ќосева, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top