Кампањата „Made for Life“ на норвешката филијала на шведскиот гигант прикажува сцени што ретко ги гледаме во рекламите – од брачни проблеми до родителски фрустрации. Целта не е да се продава мебел, туку да се создаде вистинска емотивна врска со секојдневниот живот.
ИКЕА е позната по топлите, имагинативни кампањи што го слават секојдневниот живот.
Но, новата норвешка кампања „Made for Life“ оди чекор понатаму – не прикажува само среќни моменти со скандинавскиот дизајн, туку и оние најтешките: загуби, разочарувања, стареење. И затоа погаѓа право во срце.

Нема глума
Кампањата ја потпишува агенцијата Try од Осло, а се состои од серија од 11 кратки филмови кои се занимаваат со комплексни, честопати табу теми: неплодност, измама, деменција, но и секојдневните фрустрации што го придружуваат родителството, особено кога станува збор за многу мали и немирни деца.
Секако, во овие сцени се инкорпорирани и кадри од „споредни“ актери – одбрани производи од шведскиот синџир кои се дел од секојдневниот живот, како што се нечија омилена чаша, тава за подготовка на омилен рецепт или чинија за храна.
Сцените не се спектакуларни, но се препознатливи. Токму во оваа едноставност лежи силата на оваа кампања.
Домот како сведок на животот
„Никој не го познава животот дома подобро од нас“, порачуваат кратко, но скандинавски самоуверено од одделот за маркетиншка комуникација во ИКЕА Норвешка.
Во фокусот повеќе не е само мебелот, туку сè она што се случува околу него – од скршени срца, преку неизбежни тешки загуби, па сè до неуморни кујнски журки.
ИКЕА не сака само да биде бренд што го опремува домот, туку бренд што расте со него.

Топла естетика за тешки теми
Кратките видеа се режирани од Jakob Marky, додека познатиот директор на фотографија Benjamin Loeb е зад камерата, заслужен за атмосферата што изгледа речиси документарно.
Иако се однесуваат на тешки теми, клиповите остануваат нежни, ненаметливи и воопшто не се мелодраматични, како тивки сведоци на реалноста во која живееме.
Искреноста како нова естетика
Кампањата „Made for Life“ не продава илузии. Таа го прикажува домот таков каков што е – понекогаш хаотичен, често емотивен, но секогаш автентичен.
И во тоа лежи клучната порака: убавината на секојдневниот живот ја прават токму неговите несовршености. А ИКЕА е тука да ги испрати – парче по парче, приказна по приказна.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија